НА СТРАНСКА МРЕАЖА СУМ НЕЗНАМ КОЈ МЕ СЛУША

Комесарот Хан многу децидно изјави дека веќе не е важно кој снимал, туку што покажуваат снимките. Ова ја руши теоријата дека снимањето незаконски го вршела странска служба во соработка со Заев

Точно, кога сме некаде надвор од државата навистина не знаеме кој не’ слуша и дали воопшто некој не’ слуша. Ама кога сме дома, богами, знаеме дека нашиот телефон го прислушуваат. Кој не’ прислушува? Е, тука, барем засега, имаме две „вистини“. Според опозицијата, тоа го правел „шефот“ на ДБК, Мијалков. Според власта, тоа е „масло“ на странска служба, а лидерот на опозицијата, Заев, како соработник на таа служба, еве, веќе втор месец овие „бомби“ ги пука со единствена цел, како што вели самиот тој, „оваа влада да си оди“.
И така, во духот на нашата фолклорна политичка култура, неделава СДСМ и лидерот Заев пукнаа бомба и во преполната Универзална сала, плус многу луѓе надвор кои на големите бимови го следеа овој наш фолклорно-политички спектакл. За содржината на снимките кои беа пуштени нема да зборувам, бидејќи секој што сака може да ги слушне на најразлични портали, веб-страници, фејсбук-профили и така натаму. За мене најинтересна беше снимката во која министерот Јанакиески го прашува првиот човек на ДБК дали имаат вработени кои вешто, без да се оштетат пломбите, ќе може да ги отворат вреќите со избирачки материјал, да ги извадат избирачките списоци за да може да се види кој не гласал и потоа во вториот круг на избори тие луѓе да се „убедат“ да одат да гласаат, секако за „нашите“. Ако е снимката автентична, тогаш покрај политичка одговорност таа носи и законска одговорност.

Од друга страна, настанот во „Универзална сала“ имаше (барем јас така го доживувам) две значајни пораки. Првата е, навистина неформална, промоција на Стево Пендаровски како иден лидер на опозицијата. Фактички и неговиот говор повеќе беше мобилизаторски не само до членството и симпатизерите на опозицијата, туку многу пошироко. Заев, верувам дека е свесен откако ќе помине оваа еуфорија и кога ќе имаме, пред се’, политичка разрешница, тешко би можел еден убав ден да стане премиер. Имено, фактот дека тој во моментов располага со, како што вели, еден милион фајлови во кои се снимени над дваесетина илјади граѓани е навистина тешко бреме за Заев, но тешко би поминало и кај јавноста. И тука, без разлика кој што мисли за Заев, (предавник или херој и патриот) мора да му се признае дека навистина не е лесно да се носиш јавно со овие еден милион фајлови.

Втора порака е подготвеноста на опозицијата за дијалог, секако со помош или подобро речено под плаштот на меѓународната заедница, но и со одредени предуслови. Кога сме кај меѓународната заедница, пред се’ Брисел, многу јасно и транспарентно, без да користи завиени дипломатски форми, ни кажува што очекува од двете страни (власт и опозиција). На пример, комесарот Хан многу децидно изјави дека веќе не е важно кој снимал, туку што покажуваат снимките. Изјава што ја руши теоријата дека снимањето незаконски го вршела странска служба во соработка со Заев и затоа е ирелевантна содржината.

Мислам дека оваа порака на Брисел дефинитивно ќе ја прифати и Владата и љубезно ќе го замоли „началникот“ на патриотските медиуми да престане да повикува на „правен“ линч врз Заев. „Началникот“ неделава во телевизијата ,која „прва дознава“, го прозва јавниот обвинител да си ја врши работата и да го приведе Заев, кој, ете, не само што незаконски „снимал дваесетина илјади луѓе, меѓу кои е и државниот врв туку сега во континуитет го крши законот ги објавува снимките“. Убеден сум дека веќе ова не поминува ниту кај странците, ниту кај нас. Патем, да го посетам „началникот“ и другите според него мал број патриоти кој ја бранат каузата (за дебели пари) со каков жар и медиумска посветеност пишуваа за Зоран Талер, кој од страна на група британски новинари на „незаконски“ начин (лажно претставување и неовластено снимање) беше фатен во корупција, па така прво настрада политички (си даде оставка како европратеник), а потоа словенечкиот суд го осуди за корупција.

Но, да се вратам на суштината. Ако мојата перцепција дека опозицијата испрати сигнал за дијалог, тогаш Владата, односно премиерот, треба да направат вистински чекор кон создавање услови за дијалог и тоа во институциите. Токму затоа (ова го верглам од самиот почеток на аферата) министерката Јанкулоска заедно со „шефот“ на ДБК да си дадат оставки. Да потсетам на повеќе слични примери. Првиот човек на Европската комисија, Јункер, токму поради прислушување си даде оставка од местото премиер на Луксембург (за ова детално минатата недела пишуваше колегата Поповски). Понатаму, директорот на ЦИА минатата година си даде оставка само поради тоа што имал љубовница, која била и негов официјален биограф и која имала достап до неговата електронска пошта. Односно станува збор за објективна одговорност за која следува и политичка консеквенца.

Затоа не држи вода последната изјава на Јанкулоска дека оставка може да се бара само преку интерпелација во Собранието. Имено, Јанкулоска, а и јавноста знае дека интерпелацијата како институт кај нас е девалвирана. Дека се користи многу често ама никогаш не поминува и дека во суштина е само форма како опозицијата аргументирано и многу често политикантски да се „истури врз Владата“. Не верувам дека опозицијата ќе седне да разговара или ќе се врати во Собранието без вакви „радикални чекори“ од страна на Владата.

Од друга страна, оние самопрогласени „демократи“, секако врзани со опозицијата, кои перманентно повикуваат дека со оваа влада, поточно со ВМРО-ДПМНЕ, не може да се води дијалог преку институциите и премногу често ја споменуваат улицата како излез од кризата, треба да сфатат дека со ова прават поголема штета, пред се’, на опозицијата.

И повторно да се вратам на меѓународниот фактор. Ниту Брисел ниту Вашингтон нема да прифатат улична разрешница. Односно, верувам дека политичките елити полека разбираат дека само создавање на „историја“ не води никаде, ако од таа историја ништо не научиш. Власта треба да сфати дека Луј XIV на кого му се припишува изреката „после мене потоп“, сепак живеел во 17 и 18 век. Понатаму, опозицијата треба да разбере дека плоштадот „Мајдан“ е во Киев и не донесе ништо добро за Украина и Украинците.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com