НА ПРАГОТ НА ОСМИОТ ПАРЛАМЕНТАРЕН СОСТАВ

Во која нормална држава повод за предвремени парламентарни избори би биле редовни претседателски избори, демек не се нашол консензуален кандидат?

Со 117 гласови „ЗА“ во средата пратениците изгласаа распуштање на Собранието со што заврши седмиот мандатен состав од осамостојувањето. Само да потсетам, од 2008 година па до средата се изредија три мандатни состави, а ниту еден не го издржа целиот четиригодишен мандат. Но, затоа владејачкото мнозинство, или поточно владејачката коалиција остануваше иста. Овој пат иницијативата за распуштање на парламентот дојде од ДУИ. Објаснувањето зошто пратениците на ДУИ го предлагаат ова е дека ВМРО-ДПМНЕ не го прифатил нивниот предлог за консензуален претседателски кандидат. Предлог кој според ДУИ е демократски во корист на сите граѓани и државата во целост?!
Иако сите пратенички групи и присутни пратеници гласаа за предлогот на ДУИ, образложенијата зошто прифаќаат да одат на предвремени избори беа исклучиво во рамките на тесните партиски интереси. ВМРО-ДПМНЕ своето „ЗА“ го објаснуваше дека изборите во демократските општества се единствената алатка преку која се проверуваат конкретни политики. Човек на моменти ќе помисли дали станува збор за референдумско изјаснување на кое се потврдуваат или отфрлаат понудени политики, решенија, одлуки или други прашања кои се од општ интерес. Ама имајќи предвид дека кај нас наместо референдум имаме „Отчет“ за сработеното, а од друга страна предвремените избори зачестија на секои 2-3 години, тогаш навистина сето ова може да заличи и на некакво фолклорно балканско разбирање на референдум. Во исто време, ВМРО-ДПМНЕ не заборави да истакне дека тие нема да прифатат уценувања и дека секогаш ќе го бранат достоинството на македонскиот народ!

Албанските политички партии ДПА и НДП во своите објаснувања зошто ќе гласаат „ЗА“ во суштина беа многу блиски. Имено, секоја од нив ги обвинуваше другите дека ги продале националните интереси на Албанците за тесни партиски интереси.

Опозицијата (читај СДСМ), пак, своето „ЗА“ го објаснуваше со некаква „ретроспектива“ на работењето на актуелната владина коалиција која е во целост „неуспешна“, „лоша“ и уште ред други негативни карактеристики, секако видени преку призмата на СДСМ.

И така со стопроцентен консензус заврши седмиот мандатен состав на Собранието. И ние како држава повторно ја покажуваме и докажуваме својата бизарност барем во рамките на Европа. Имено, во која нормална држава повод за предвремени парламентарни избори би биле редовни претседателски избори, ама демек не се нашол консензуален кандидат? А замислете, претседател се бира на непосредни избори!!!

На ДУИ, ако веќе сакаше да покаже вистинско несогласување со својот коалициски партнер, прв потег требаше да и’ биде излегување од владината коалиција, па потоа да се види дали е можно ново рекомпонирање на мнозинство во парламентот или навистина решението лежи во предвремени парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ, ако зборува за вистинска демократија и парламентаризам, требаше да го одбие предлогот на ДУИ за предвремени избори, а не да објаснува како изборите се најдемократската алатка со која народот ја изразува својата волја и дава поддршка на политиките и сработеното, секако од страна на власта. Опозицијата, а пред се’ СДСМ како најголема партија, иако знаеше дека ќе имаме предвремени парламентарни, не собра политичка волја да иницира вистински промени на изборниот закон туку гордо се фалеше за некои козметички промени кои во сите нормални држави се само дел од политичката култура. Опозицијата немаше храброст во средата да гласа против или барем воздржано за предлогот на ДУИ, со што целата одговорност за одржување на предвремените избори ќе ја ставеше на парламентарното мнозинство.

Како и да е, на 27 април кога ќе се одржи вториот круг на редовните претседателски избори, ќе имаме и предвремени парламентарни. Сега на потег е Државната изборна комисија која ќе треба да одговори на цел куп прашања и дилеми кои се наметнуваат од вакви „бизарни состојби“. Бидејќи роковникот за претседателските избори е веќе направен, се знае дека првиот круг ќе се одржи на 13 април. Тоа значи дека партиите кои имаат свој претседателски кандидат ќе имаат и повеќе денови за политичка кампања.

Некој ќе рече, тоа се однесува на претседателските избори. Точно, но бидејќи кај нас се’ е партизирано, а тука мислам и на претседателските избори (сетете се на онаа „антологиска“ изјава на Глигоров „не ме оставајте сам“) во суштина и претседателските станаа гласање за партија, а не за личност. Понатаму, како ќе се оствари изборниот молк пред првиот круг на претседателски избори, а веќе ќе тече кампањата за парламентарни избори??? Вакви и слични, на прв поглед, технички прашања не создаваат еднакви услови за сите учесници во изборите. Како сето ова ќе го спроведе Државната изборна комисија, богами ниту таа не знае. Да потсетам, во понеделникот токму претседателот на ДИК бараше дури од Министерството за правда да ги реши овие, ама и цел куп други „технички“ прашања. Но, затоа убеден сум дека во текот на кампањата, а особено по завршувањето на изборите, ќе се наслушаме како кај нас изборите се нефер, недемократски и така натаму се’ до идните, секако предвремени.

Инаку, кампањата на социјалните мрежи веќе почна со сета своја жестина. Во минатата колумна напишав дека по изборите нема да имаме суштински промени на политичката сцена кај нас. Што се однесува до опозицијата СДСМ, таа ќе си остане и понатаму опозиција. Лично претпоставувам дека нивниот претседателски кандидат ќе освои повеќе гласови од самата партија.

Се има впечаток дека за СДСМ претстојните парламентарни избори се многу поважни за разрешница на внатрепартиските судири и конфликти отколку да се освои власта. Многу појасно ќе биде откако СДСМ ќе излезе со листите за пратеници. Ако СДСМ на претстојните избори изгуби само едно пратеничко место, тогаш тешко ќе може актуелниот двоец Заев-Шекеринска да остане на чело на партијата или, пак, ќе дојде до поделба на партијата. Ако го зголеми бројот на пратеници, што ќе биде навистина тешко, тогаш Заев може да смета на зацврстување на својата позиција.

Бидејќи, како што реков, ние сме бизарно општество и држава, сега се шушка дека новиот осми по ред мандатен состав на Собранието ќе има многу пократок „век на траење“ од сите досегашни. Лично не верувам во вакви сценарија, како што не верувам ни во шпекулациите дека СДСМ на почетокот на кампањата ќе ја соопшти најголемата афера (секако корупциска) и тоа ќе донесе пресврт во конечниот резултат како на претседателските, така и на парламентарните. Дури се шушка дека оваа предизборна „бомба“ е подготвена со помош на меѓународниот фактор. Ама се плашам дека на крајот се’ ќе се сведе на обична петарда. Бизарно нели!

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com