НАТО ИЛИ НАУЧНА ФАНТАЗИЈА

Чадорот на НАТО прокиснувал? А ни се нуди чадор кој од Русија и Кина треба да го покрива и Бразил. Едно негово парче да било и врз Македонија

И така неделава добивме уште една декларација, со која уште еднаш ја афирмираме нашата стратешка определба за НАТО и евроатланските интеграции. Вакви декларации Собранието ва различни мандати има усвоено неколку и по правило со консензус. Последната ја потпишаа сите пратеници освен пратеничката група на ДПА, со образложение дека вакви декларации ништо не значат и ако сакаме во НАТО и ЕУ тогаш треба да го смениме името.
Остана недоречено дали пратениците на ДПА мислеа ergа omнes, па да биде се’ според желбите на нашиот јужен сосед. Во секој случај, за мене како граѓанин разочарувачки е ставот на ДПА, која неколкупати беше и коалициски партнер во досегашните Влади. Но сепак беа искрени и отворено го кажаа својот став. Од друга страна опозицијата од македонскиот блок во целост ја подржаа Декларацијата, но во текот на расправата по неа се покажа нешто друго. Имено, неколкупати беше истакната дека тие ја поддржуваат Декларацијата со претпоставка дека Владата можеби има нови сознанија и информации со кои ќе можат да не’ внесат во НАТО на самитот во Чикаго, а потоа сите заедно да прославиме, марширајќи гордо под Триумфалната порта (Порта на Македонија). Ете затоа тие даваат поддршка на Декларацијата ама ако тоа не се случи тогаш, Владата, премиерот и претседателот на државата ќе треба да носат политичка одговорност.

Во суштина опозицијата остана на нивото на онаа стара изјава на нивниот лидер дека тој ќе поддржи и ќе потпише се’ (во врска со нашиот влез во НАТО и ЕУ) што ќе одлучи Груевски, ама ќе биде и негова одговорноста ако тоа не се случи. А бидејќи многу по веројатно е дека во Чикаго нема да добиеме покана, останува само да шпекулираме како опозицијата тој „неуспех“ на Владата ќе го употреби за билдање на сопствениот рејтинг. Лично не верувам дека ќе видиме нешто ново од тоа што досега го имаме видено.

Деновиве, во новинарските кругови, (барем во оние кои се’ уште ме прифаќаат како новинар) тивко проструи информација дека само да поминат изборите во Грција и самитот на НАТО, Нимиц ќе излезе со предлог договорен со Вашингтон, кој ќе биде прифатлив за двете страни. И така, најдоцна до септември, ние сме со покана за во НАТО и секако со датум за преговори со ЕУ .

Информацијата демек е од „Илинденска б.б“, а и „гласникот“ е близок до власта. Ама јас случајно не верувам во „чуда“.

Од друга страна, не знам колку од вас ја прочитаа најновата анализа на „првото перо на новинарите патриоти“ со наслов „НАТО чадорот почна да прокиснува“. Во анализата со вешта манипулација (што е за очекување од „првото перо на новинарите патриоти“) уште еднаш се пласира тезата дека што ни треба НАТО кога неговиот чадор прокиснува како на Балканот така и во Ирак, Авганистан Средниот Исток и така натаму. Во исто време, вешто се нуди теза дека Русија и Кина кои деновиве имаат заедничка воена вежба во Жолтото Море претставува некаков никулец на нов воен сојуз „и тоа каков“. Во суштина станува збор за надградба на тезата на овие „новинари патриоти“ дека не ни треба старата „ороспија“ Европа, не ни треба НАТО, тука се државите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка). Е сега замислете го тој одбранбен чадор кој од Русија преку Кина поминува над Хималаи (само да не се дупне над Монт Еверест) се протега над Индија. Оттаму еден крак оди до Бразил, а еден до Јужна Африка, а со додавање на малку платно (од кинеските чадори за сто денари) ја покрива и Македонија. И со малку фантазија замислете си сега, на пример, Русија во Бразил да го инсталира својот противракетен систем. Кубанската ракетна криза би била обична „детска игра“. Или Кина воено да помага на Индија во граничниот спор со Пакистан.

И такви приказни додека Европа и светот се занимаваат со многу веројатниот нов бран рецесија. Првата дама на ММФ јавно зборува дека светската економија е се’ уште многу фрагилна. Денеска во Европа, а и во светот владите паѓаат или се добиваат избори само врз мерките кои се нудат за излез од кризата.

А ние како да живееме на друга планета и се занимавме со научна фантастика. Добро и ние имаме бран во вледејачката партија, па така се изнаслушавме кој успешно ќе сурфа нагоре. Кој ќе биде под мониторинг како сурфа, кој ќе биде потопен со овој бран.

За жал, во овие дваесет години како се’ уште да не сфативме дека ЕУ и НАТО, без разлика на сите недостатоци, без разлика на грубото кршење на нивните принципи кога станува збор за нашата интеграција, се единствена алтернатива за нас. Или како што вели познатиот словенечки економист Јоже Менцингер, познат како евроскептик, за Словенија и за сите држави од некогашна Југославија влезот во ЕУ и НАТО претставува „emergency exit“ (излез во случај на опасност). Навистина малку крута споредба ама реална. Време е искрено да ја прифатиме.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com