Народот на избори-граѓаните на протести

И така го преживеавме и 11 мај. Денот до кој според роковникот на ДИК требаше да се поднесат листите за кандидати за пратеници. ВМРО-ДПМНЕ поточно „фамилијата“ во својата трагикомична балканска драматургија листата ја поднесе половина час пред полноќ. Демек ете до последен момент се думале што да прават. Ама трагичност е во фактот што на овој начин партијата ВМРО-ДПМНЕ едноставно се самоуништува за да се спаси „фамилијата“ која не сака да ја прифати реалноста. Од друга страна комичност се гледа во фактот што уште две партии Социјалдемократската (Шекерова) партија и Народното движење за Македонија, односно до вчера сателити на ВМРО-ДПМНЕ сега како самостојни субјекти настапуваат на „изборите“ закажани за 5 јуни.

Ајде да одиме по ред. Како можат „изборите“ на 5 јуни да бидат легитимни (легални формално ќе бидат) ако на нив не учествува ниту една политичка партија на Албанците. Иако пред се од медиумите и новинарите на „фамилијата“ познати како патриоти (лукративни) нон стоп не плашат дека СДСМ и Заев ете ќе ја продаделе државата на Албанците, во суштина ваквото однесување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им оди на рака на радикалните структури во албанската заедница. Понатаму на изборите не учествува ниту СДСМ, односно тројца од четворицата потписници на Договорот од Пржино нема да учествуваат на изборите на 5 јуни. Само по себе се наметнува дилемата дали со овој потег Груевски ќе се ценка за својата „кожа“ и нормално за кожата на „фамилијата“ во смисла еве јас ќе прифатам одлагање на изборите ама да остане аболицијата. Ама крајно време е на Груевски некој да му каже дека според онаа народната „есапот дома и на пазар никогаш не излегува“.

Зошто? Прво меѓународната заедница многу јасно бара укинување на аболицијата. Понатаму фактот дека Германија преку Амбасадорот Јоханес Хајнделсега вклучува „нов лик“ во нашата трагедија со улога на специјалниот пратеник уште повеќе ја стега јамката околу „фамилијата“. Нашиот министер за надворешни работи Поповски кој од букварот на дипломатијата сè уште не стигнал до „Д“ вели дека ова е позитивен сигнал од Берлин … „кој сака подиректно да се вклучи во процесите кои се случуваат во регионот но и кај нас“. Поповски кој сега стана и носител на листа во „двојката“ (каде што неприкосновена досега беше аболицираната Гордана „шо праиш“) сигурен сум дека ниту самиот не верува на оваа своја изјава, бидејќи доаѓањето на Амбасадорот Хајндел ама нема никаква врска со регионот. Според некои дипломатски секако неофицијални извори тој на маса ќе постави три клучни услови. Повлекувањето на аболицијата, одлагање на изборите, и Уставниот суд да се прогласи за ненадлежен за законитоста на Специјалното јавно Обвинителство. И тоа е се, односно Das ist alles. Специјалниот пратеник Јоханес Хајден ќе се сретне и со другите тројца потписници на Договорот од Пржино нормално дека и на нив отворено и без дипломатски фрази ќе им каже што има да им каже ама главниот притисок ќе биде до Груевски. Фактот дека тој нема да се сретне со претседателот Иванов покажува дека Германија е многу добро информирана дека тој е само обичен „дворски шут“ со кога би било нерационално да се губи време. Како и да е Груевски и „фамилијата“ иако не сакаат да ја прифатат политичката реалноста сепак за нив е ова крајот (diesist das Ende). Го употребувам Германскиот израз бидејки врвот на ВМРО-ДПМНЕ се сепак продукт (навистина лош) на германската фондација Конард Аденауер зад која стои партијата на Меркел. Но проблемот е дали тој крај ќе дојде брзо или ќе се влече долго носејќи најразлични ризици кои во овој момент не можеме сите и да ги предвидиме. Во истовреме цената за ова ќе биде многу поголема. Секако ќе се прашаме каде е опозицијата, каде сме ние граѓаните. Работата не е ниту малку едноставна ниту пак искуството на Амбасадорот Хајндел е гаранција дека ќе имаме суштинско решение или пак само фасада. Имено треба да се очекува дека власта најтешко ќе се откаже од аболицијата. Од друга страна опозицијата поточно двоецот Заев-Шекеринска за кои Арсим Зеколи во својата колумна многу точно тврди дека и двајцата да ги исцедиш на цедилка тешко ќе добиеш едно „лажиче од капацитетот на еден Ѓинѓиќ“.

А каде сме ние. Па ние сме поделени на народ и граѓани. Иако на прв поглед изгледа дека сме на двата спротивни брега имаме заеднички именител. „Народот“ сè уште како млади мајмуни се пали на шарени лижавчиња како што се нашите антички корени, мој термин во руинирани болници каде што умираат родилки, се восхитуваат на Дуинг бизнис иако џебовите им се одамна празни, се лажат со субвенции ако користите пелети, а дишеме најзагаден воздух ама имаме споменици, галии, палми и врби во Вардар а богами ќе добиеме и рајски градини каде што мајмуни ќе шетаат. Од друга страна „граѓаните“ се водушевуваат на ветувањата за слободата за правдата на убави и шарени фасади наместо барокниот стиропор. Ама фасада си е фасада ако нема вистински содржини ако нема сосем друг пристап до креирање и водење на политиката. И да не заборавиме дека во сите овие процеси кои допрва треба да започнат треба и ние и како народ и како граѓани да се промениме да не речам да се еманципираме. Бидејќи да бидеш вистински граѓанин или ако сакате да бидете вистинска единка од еден народ треба да бидеш пред се слободен, критичен до политичарите и политиките кои ти ги нудат но во истовреме и да бидеш самокритичен до своите постапки и одговорност за своето делување.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com