МРТ и ЕТИЧКИОТ КОДЕКС

Замислете, во кодексот, меѓу другото, пишува дека новинарот кога подготвува прилог мора да ги слушне двете страни. Генијално, нели. Па тоа и бруцош на факултетот за новинарство мора да го знае

И додека за Европа и светот топ-тема се трагичните настани во Париз, борбата против тероризмот и ИСИС, кај нас топ-тема се децибелите од сирените на полициските автомобили кои го обезбедуваат новиот министер за внатрешни работи. Работата отиде дотаму, според информациите во „патриотските медиуми“ што граѓаните кои живеат околу МВР се жалат дека децибелите им пречат. Бизарно нели?! Понатаму во таа наша бизарност успеавме да воведеме и нови политикантски термини. Па, така, опозицијата и „демократските“ медиуми кога ќе го споменат Груевски ја додаваат придавката „премиер во заминување“ додека за патриотските медиуми и новинари, а секако и за власта, новите министри се само „технички“ функционери кои освен што имаат право да земаат министерска плата и да седат во министерскиот кабинет друго не можат да работат. Некој ќе рече, што сум се фатил за вакви бизарни работи.

Точно е дека се бизарни, патем заради нашите политички елити кои ние така упорно ги поддржуваме и гласаме за нив ние одамна станавме бизарно општество и држава. Зад оваа нова бизарност во суштина стои договорот од Пржино и неговата имплементација. Иако договорот од Пржино го потпишаа лидерите на „голема четворка“, иако законите кои произлегуваат од него во Собранието поминаа мазно, кога доаѓа до нивна имплементација секој од оваа „голема четворка“ сето ова го чита различно, односно како што нему му одговара. Сепак имаат и еден единствен заеднички интерес. А тоа е изборниот закон на кој му направија мали козметички измени и кој им обезбедува и понатаму само тие да се присутни во парламентот додека малите партии можат да влезат само ако се нивни придружени сателити.

Но да останеме на разликите. Потсетете се на изјавите на партиските претставници како се разбира одлуката на Собранието за формирање Анкетна комисија која ќе треба да утврди политичка одговорност околу прислушувањето и „бомбите“ на Заев. За ВМРО-ДПМНЕ е важно само Анкетната да утврди кои незаконски прислушувал и како сето ова дошло во рацете на Заев. За СДСМ е битна само содржината и политичките импликации и одговорност кои произлегуваат од содржините на бомбите и тоа да има политичка одговорност, ама и правна разрешница. На пример, според една од „бомбите“, кој е одговорен бидејќи МВР за време на изборите било штаб на партијата? ДУИ е некаде помеѓу овие две дијаметрално различни барања, изразувајќи недоволно јасни ставови за, демек, некаков поширок јавен интерес. Како и да е, и оваа ад хок Анкетна комисија ќе заврши во духот на онаа позната дефиниција на големиот Черчил – ако сакаш нешто да скриеш под тепих, формирај анкетна комисија.

Во тој дух на балканско политикантство е и следниот чекор кој произлегува од договорот од Пржино, а тоа се медиумите и посебно МРТВ како јавен сервис. Каков ни е јавниот сервис, односно, каков ни е „алот“ кога станува збор за нашите медиуми, најдобро го покажува листата „Фридом хаус“ на која од 2008 година па наваму само тонеме. Во суштина, во овие 25 години ние секогаш сме биле во групата на делумно слободни држави кога станува збор за медиумите и воопшто за демократијата и владеењето на правото.

Понатаму, во сите седум „позитивни“ извештаи на Европската комисија (посебно „позитивен“ е овој последниот) се предупредува на положбата на МРТВ, која треба да биде јавен сервис, а не државно-партиско гласило. Сетете се дека еден од првите луѓе на МРТВ (програмски уредник) гордо изјави дека ако побара државата, тој ќе ја згасне МРТВ! И што сега? Формално врз одредбите од Пржино сега „големата четворка“ разговара околу прашањето со медиумите, поточно положбата на МРТВ. Во меѓувреме, водството на МРТВ, демек, по долги подготовки и со цел куп ангажирани експерти го обелодени новиот Етички кодекс по кој во иднина ќе работи јавниот сервис. Ако зборуваме за етички кодекс, наместо долги подготовки ќе беше многу подобро едноставно да го презедоа етичкиот кодекс на ХРТ (хрватскиот јавен сервис). За жал, во кодексот кој можете да го прочитате на веб-страницата на МРТВ е направена една системска грешка. Во кодексот измешале и баби и жаби, односно и етика и професионалност и работна дисциплина, па не само за новинарите, туку и за сите вработени. Замислете, во кодексот, меѓу другото, пишува дека новинарот кога подготвува прилог мора да ги слушне двете страни. Генијално, нели. Па тоа и бруцош на факултетот за новинарство мора да го знае, сега станува етичко правило во кодексот на МРТВ.

Или дека уредник без согласност на новинарот не може да го сече, лепи и креира прилогот на авторот. Абе, генијалци, ова уште во бившиот режим формално стоеше во новинарските кодекси. И во рамките на таа генијалност од страна на водството на МРТВ некако посебно штрчи изјавата на генералниот директор, господин Цветковски, дека сега новинарите на МРТВ ќе одат на обуки во Би-Би-Си. Овој господин, кој на оваа функција дојде директно од пропаднатиот портал „Кирилица“ и ако добро ме служи паметењето, го тужеа новинари за неисплатени плати, изгледа заборава дека последниот директор поставен од СДСМ, госпоѓа Стошиќ, токму со помош на експерт од Би-Би-Си го зададе смртниот удар на МРТВ. Од укинување на редакции, па се’ до фактот што го укина и вториот канал на македонски јазик, па така македонскиот народ е единствен во Европа кој има само еден програмски канал. Токму во тоа време се направи и хермафродитниот Собраниски канал, кој се’ уште живурка таков каков што го формираше госпоѓа Стошиќ.

И кога сме кај Би-Би-Си, не знам дали генералниот на МРТВ знае дека во Велика Британија јавениот сервис е директно под владата и дека генералниот директор таму го викаат генерален интендант и него го поставува и го разрешува лично британскиот премиер. Но досега се покажа дека току тој е првиот кој ја брани и штити професионалноста и независноста на Би-Би-Си. Маргарет Тачер со еден потпис го смени тогашниот генерален интендант затоа што беше објавена репортажа за припадници на ИРА кои беа осудени и штрајкуваа со глад поради лошите услови во затворите. Понатаму, Блер беше готов да го разреши првиот човек на Би-Би-Си поради прилозите околу војната и учеството на Британија во Ирак. Но генералниот интендант на Би-Би-Си токму за да ја заштити професионалноста на куќата самиот си даде оставка, а кога ја напушташе зградата на Би-Би-Си десет илјади вработени излегоа пред зградата и со аплаузи го испратија.

Кај нас во овие 25 години директорите на МРТВ навистина доаѓаат со голема помпа ама секогаш си одат молкум, бидејќи, за жал, оставаат само пустош. Во суштина, нема да ме изненади ако и сега се повтори нашата јалова практика кога нешто не оди, некој да предложи и измени и дополнувања, па дури и нов закон со кој би се уредувала положбата на МРТВ. Не е проблемот во сегашниот закон кој од страна на ОБСЕ беше оценет како добар. Проблемот е во нашата политичка култура која најдобро се гледа во веќе споменатата изјава „ако побара владата, јас ќе ја угаснам МРТВ“.

Имплементацијата на Пржино влегува во завршната фаза. Ако забележавте, патриотските медиуми, пред се’ телевизијата која „прва дознава“ на чело со „Ало началниче“ почнува да сее страв дека не’ чека федерализација на државата, дека тоа го бара ДУИ, а ја поддржуваат „предавниците“, „соросоидите“ и слични кои се под капата на СДСМ. Браво, ама има една фалинка. ДУИ веќе 7 години е во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, па затоа дали ДУИ ќе бара федерализација и како на ова ќе одговори ВМРО-ДПМНЕ е прашање кое треба да се адресира, пред се’, до раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Ајде да се прашаме сите без разлика на етничка верска партиска или која било друга разлика. Ако станевме членка на НАТО на самитот во Букурешт, ако ги почневме преговорите со Европската унија, ако наместо 350 евра просечна плата имаме 600 евра, а на пример, минималната плата изнесува барем двесте евра, дали обичниот граѓанин и мојот комшија Албанец ќе размислува за федерализација. Ако наместо 600 милиони евра за „Скопје 2014“ барем петстотини потрошевме за инфраструктура за болници и училишта, за чиста средина за водовод во Тетово, дали кај нас ќе помине идеја за федерализација. Зошто денеска младиот Албанец заедно со својот врсник Македонец размислува како да си замине од државата.

Прашања на кои актуелната власт која во континуитет владее речиси десет години не го дала вистинскиот одговор. Па, затоа, сега кога сме во ваква длабока криза нема да ме изненади што и едните и другите сега веќе почнаа да сеат страв и ќе ги подгреваат националните чувства. Како беше онаа народната – кој сее ветер ќе жнее…

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com