МОЕТО СИ Е МОЕ, А ТВОЕТО Е НАШЕ

Како што моделот на југословенската федерација се исцрпи, така и нашето општество и нашата држава се исцрпуваат. Политички елити мора да излезат од својот егоцентризам ако знаат да го направат тоа

Верувам дека секој од нас, без разлика на својата економска социјална, образовна или која било друга карактеристика или детерминанта, се прашал што сторил за себе, за своето најблиско опкружување, односно за општеството во целост. Во суштина, животот на секој од нас се одвива токму меѓу овој универзален дуализам. Имено, ниту еден човек не може да живее само за себе како што не може да живее исклучиво за другите. Секако сите ние се разликуваме колку од своето сакаме да го намениме или барем споделиме со други, односно колку она туѓото сакаме да го задржиме за себе. Или, како што вели народот, моето си е мое, а твоето е наше.
Од друга страна, многу често кога работиме или се „раздаваме“ за други или за „добро на општеството и државата“, во суштина, не’ поттикнува нашата егоцентричност, бидејќи од тоа имаме лично задоволство, материјална или друга корист или нешто слично. И бидејќи не сакам да навлегувам во метафизика, ајде оваа универзална животна константа (дадена од Бога или општествено детерминира) да ја пренесеме во нашата реална општествена рамка. Во овие дваесетина години самостојност и уште фактички не завршена транзиција и плус оној типичен балкански провинциски дух ние и како индивидуи, ама и како политички и општествени субјекти стануваме се’ повеќе егоцентрични. Ова е посебно сигнификантно како кај политичките субјекти (партиите), така и кај политичките лидери. Фактички и тогаш кога во јавноста се пласира (се манипулира) дека тоа што го прават е во корист на сите граѓани, односно за развој на општеството во целост, во суштина, се егоцентрични мотиви.

За да биде појасно, еве пример. Приватизацијата на општествената сопственост кај нас беше направена врз закон кој имаше само една единствена цел. Дотогашните политички елити законски да станат и економски елити. Ако се земе предвид дека дури и неговите одредби се спроведуваа, ајде да речам максимално растегливо, тогаш е јасно дека не стануваше збор за процес кој ќе обезбеди нов квалитетен општествено-економски и социјален развој во интерес на граѓаните, туку, пред се’, богатење на тенок слој политичко-економски елити. Некој ќе рече тоа е „пасе“ (минато). Точно, но таа егоцентричност во овие дваесетина години постојано се развиваше и ја чувствуваме и денеска.

На пример, проектот „Скопје 2014“, кој јас го гледам како составен дел на таканаречената антиквизација. Зар не е ова типичен пример како од чист егоцентричен мотив (притоа, не мислам на пари, туку, пред се’, да остане запаметен во историјата) се реализира една политика за која, како што вели професорот Димитар Димитров во интервјуто во „Утрински“, е „тројански коњ на Грција“. Да не заборавиме дека оваа политика во исто време економски и социјално ја исцрпува државата. Понатаму, вие можете да садите колку што сакате врби во Вардар, да уредувате плажи со палми, да градите галии, ама ајде вратете го Вардар од моето детство кога на реката одевме да се капиме и научивме да пливаме. Само една паралела. Во Виена, во која барокот е „оригинален“, има прекрасно уредени плажи на Дунав каде што можете да се капите. Ние сега барокот го направивме „домицилен“, ама не верувам дека на Вардар во некоја блиска иднина ќе биде здраво да запливаш, онака, по скопски, како што се научивме.

Тој егоцентризам кај нас посебно негативно се одразува на демократијата и човековите права и слободи. Имено, ако демократијата и човековите права ги сведеме само на тоа поединец или ако сакате одреден политички или економски субјект или етникум може да ги остварува своите општи права и посебни интереси, тогаш долгорочно општеството и државата немаат некоја светла перспектива. Се’ додека недостасува етичка одговорност за другиот, се’ додека немаме чувство за солидарност и свест за владеење на правото и правна држава, не можеме да зборуваме за вистинска демократија сфатена во најширока смисла. Ако не можеме или не сакаме да разбереме дека јавната сфера е наш најголем бенефит и поголемо и позначајно од она индивидуалното што го имаме, не можеме да зборуваме за развој и некоја поубава иднина, ниту за поединец ниту за општеството и државата во целост. Кај нас кога се зборува за јавната сфера, се’ се сведува на критика (неоправдана секогаш) врз јавната, односно државната администрација.

Не мислам да се бранам самиот себе ниту „кастата“ на која припаѓам, ама денеска кај нас стана грев да си во јавната или државната администрација, но со обезбедена стабилна социјална положба. Притоа, многу брзо се заборава дека кај нас по секои парламентарни или локални избори имаме невидени турбуленции во администрацијата. Доказ е она што се случува во општините каде што по локалните избори се смени власта. На пример, во Германија по смена на власта во министерствата се менуваат 3-4 позиции, а сите други остануваат на своите места. Или во која европска држава, дури и во оние во кои демократијата дојде со паѓањето на Берлинскиот ѕид толку често се прават „реформи“ во администрацијата и толку често се менуваа законите кои го уредуваат ова прашање. Причината за сето ова лежи токму во егоцентризмот на политичките партии кои државната и јавната администрација ја разбираат само како партиска алатка. Во суштина, во овие дваесетина години, јавната сфера, најчесто сите, од нас граѓаните, па се’ до политичките субјекти ја разбираме како лично чекмеџе, од кое во секое време и без консеквенции можеш да си земеш тоа што ти треба или што е само во сопствен интерес. Лично сум убеден дека ваквото разбирање и однесување во јавната сфера веќе се исцрпува. Како што моделот на југословенската федерација се исцрпи, така и нашето општество и нашата држава се исцрпуваат. Не сум убеден дека актуелните политички елити, без разлика дали се од власта или опозицијата, можат нешто брзо и радикално позитивно да променат, односно да излезат од својот егоцентризам. Останува да видиме кога ќе се конституираат новите политички субјекти, дали наместо егоцентризам со партиски предзнак ќе понудат нов квалитет, токму во јавната сфера, односно ќе се создава богато општество. И на крајот, мотив за оваа колумна е една мисла од големиот индиски државник Ганди: „Во животот сме сториле добри работи само онолку колку сме направиле добро за другите“.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com