МЛАДИТЕ ОД СТУДЕНТСКИОТ ПЛЕНУМ СЕ ИДНИНАТА

Овие млади луѓе утре како правници, економисти, лекари, инженери, ќе бидат новата критична маса луѓе која ќе воспоставува нови стандарди на една современа политичка култура

Во неколку колумни напишав дека Студентскиот пленум и протестите што ги направија студентите се нешто најпозитивно што ни се случило во последниве петнаесетина години. Имено, прв пат се појавува автентично цивилно движење кое со легитимни демократски методи се бори за многу јасно артикулиран политички интерес. Бараат нов Закон за високо образование со кое ќе се обезбеди квалитетен образовен процес и автономен универзитет. Движење во кое нема идеолошки етнички или конфесионални поделби.
Затоа искрено се надевам дека секој од нас ќе научи што значи да си одговорен граѓанин. Ќе научиме да го идентификуваме својот вистински интерес, но и интересот на својот сограѓанин, а не во името на некаква искривена идеолошка свест да им се верува слепо на партија и политички лидери. Верувам дека студентите со својата најнова акција „Окупирај го универзитетот“ ќе ги остварат своите политички цели и ќе можат да се посветат на својата основна цел – студирањето. Власта, која на почетокот се обиде (неуспешно) да го дисквалификува Студентскиот пленум лепејќи му етикета дека е партиска манипулација, се надевам дека сега ја научи лекцијата. Но има нешто друго, во што јас верувам. Овие млади луѓе утре како правници, економисти, лекари, инженери или кој било друг високообразован профил, ќе бидат таа нова критична маса луѓе која ќе воспоставува нови стандарди на една современа политичка култура, која подразбира, пред се’, почитување на човековите права и слободи, владеење на правото, а сето тоа во создавање на вистинско демократско општество.

Некои ќе речат дека сум „патетичен“, ама во суштина повеќе сум гневен за сето она што ни се случува. Благодарејќи на нашите политички елити, ние повторно сме „вест“ во светските медиуми како држава која едноставно нема демократски ниту државотворен капацитет да ги решава своите внатрешни проблеми и контроверзи. Во суштина, од последните парламентарни избори пред речиси девет месеци, кои опозицијата не ги признава, ние живееме во една, најблаго речено, напната општествена состојба која одвреме-навреме добива и вистински шизофрени димензии. Без разлика дали му верувате на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, дека во последниве 7-8 години биле прислушувани над дваесет илјади граѓани од страна на УБК, а зад ова стојат премиерот и директорот на тајната полиција, или му верувате на Никола Груевски, кој тврди дека Заев соработувал со странски служби кои незаконито прислушувале и му доставувале на лидерот на опозицијата документи со кои тој го уценувал премиерот, останува онаа горчина, барем кај мене, дека можеби „некој“ и мене ме прислушувал директно или индиректно. Тоа што уште повеќе фрустрира е фактот дека државата, која треба да ме заштити од вакви нешта, едноставно нема капацитет или не сака тоа да го направи. Имено, како поинаку да се разбере изјавата на Али Ахмети кога вели дека е потребно да се формира посебна комисија со претставници на меѓународниот фактор која ќе го испитува целиот овој случај. Замислете, тоа го вели коалицискиот партнер во оваа Влада, кој го „држи“ Министерството за правда. Мендух Тачи како опозиција оди и чекор понатаму, па предлага да се формира и посебен суд, секако со учество на меѓународната заедница, кој ќе се занимава со аферите на прислушување, и тоа од 1992 година па до денес. Работава би била нешто ала мал Хаг. Со други зборови, лидерите од албанскиот блок едноставно не веруваат во капацитетот на државните институции, иако се дел од нив!? Ало, „мајстори“, живееме во 21 век втора декада, демек сме кандидат за членка на ЕУ, демек одамна сме ги исполниле условите за НАТО, а вие зборувате за нефункционирање на правна држава.

Оваа контрадикторност уште повеќе се гледа и во ставовите на лидерот на опозицијата. Заев во својот последен ТВ-настап бара разрешница на сето ова во рамките на институциите. Добро, ама опозицијата речиси девет месеци го бојкотира Собранието, а сега бара институционална разрешница. И уште нешто. Според Заев, сега откако почна да ги „пука бомбите“, веќе не е актуелен ниту дијалогот за оние фамозни четири или беа пет барања на СДСМ, од кои власта не прифаќаше само едно, техничка влада која ќе организира фер и демократски избори. Сега лидерот на опозицијата бара оваа Влада, поточно премиерот Груевски, да си оди.

Нека е и така, ама, сепак, ова не е според онаа босанска поговорка „сјаши Мурто да се попне Курто“. Пак ќе треба да се седне во парламентот, да се разговара, да се донесат соодветни одлуки, а верувам дека Заев знае дека без согласност на мнозинството во Собранието избори нема. И уште нешто. Заев во веќе споменатиот ТВ-настап „вети“ две работи. Прво, само тој знае и селектира што се’ има во фајловите на тие дваесет и кусур илјади луѓе кои биле прислушувани и тоа така ќе остане освен ако нему, не дај боже, нешто му се случи. И второто ветување е дека ќе бидат објавени само оние „материјали“ што содржат некаков криминал, додека личните разговори ќе бидат уништени. Едно не кажа Заев. Дали, на пример, тие „храбри“ луѓе од УБК кои му ги дале материјалите не направиле барем мал „бекап“ (backup) за она што се вели „злу не требало“. Или зошто, на пример, да му се верува на господин Заев дека и тој или некој од неговите најблиски соработници нема да направат бекап на некои од „најинтересните“ фајлови.

За писмото што беше фатено и во кое се споменува амбасадор, па дури и премиер на една држава, а за што Заев даде објаснување, нема да коментирам само од една единствена причина: ја почитувам презумпцијата на невиност на сите што во моментов се осомничени во оваа афера или се наоѓаат во притвор. За жал, тоа е нашата реалност.

Веќе почнаа да се објавуваат и колумни и написи во самопрогласените „демократски“ медиуми дека само да падне Груевски и да седнат Заев и СДСМ во „новата“ барокна зграда на Владата, во државата ќе течат „мед и млеко“. Ние кои сме државни службеници, ќе бидеме ослободени од „тортурите“ кои ни ги врши актуелната Влада, односно ВМРО-ДПМНЕ. Аман, немојте вие да ме браните, бидејќи барем досега се покажавте само како другата страна на истата паричка.

И како што реков на почетокот, можеби патетично, верувам дека сепак оние млади но зрели луѓе од Студентскиот пленум имаат можност да направат квалитетни промени и во општеството и во државата во целост. Секако, тоа нема да биде преку ноќ, туку во еден процес. Чудно, во моментов напамет ми доаѓа Маркс со неговата Единаесетта теза за Фоербах. Ако ја парафразираме на нашата состојба би била – или актуелниве политички елити ќе ги замениме со некои нови квалитетни или државата ќе ни оди во неповрат. Еретички од моја страна, нели?

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com