МИНИСТЕРСКИ СНЕШКО И ЗАВЕАНИ ЛУЃЕ

Да се погледнеме сите во огледало и да се прашаме дали полека, но сигурно, се учиме да живееме во општество кое е далеку од демократијата

Снег и блокирани магистрални и регионални патишта. Во реканскиот крај и дел од струшкиот регион на само Новата година туку и Божик некои села го дочекаа без електрична енергија. Тоа ја одбележа првата недела од 2015 година. Кој е виновен за сето ова? Според медиумите, оние патриотски, виновни се СДСМ и ДУИ!? Првите затоа што ЕВН го продадоа на Австријците, а ДУИ бидејќи нејзин кадар раководи со јавното претпријатие „Македонија пат“. А тоа што „Македонија пат“ во последниве две децении не купило ниту еден камион или машина за чистење снег, а сепак е под Министерството за транспорт, не е битно. Министерот Јанакиески го отфрли својот дел од одговорноста. За волја на вистината, сите наши министри во овие дваесетина години едноставно се „пелцувани“ од она што се вика објективна одговорност, која по правило во развиениот и демократски свет завршува со оставка која е неотповиклива. Ние „среќните“ кои имавме струја и кои останавме дома од 31 декември вечерта па се’ до неделата 4 јануари имавме можност барем едно сто пати да ја гледаме новогодишната честитка на премиерот која во целост беше во духот на „Остваруваме“ плус „Отчетност“ плус партиска програма за 2015 и сето тоа спакувано во 25 минути. Ја видовме и честитката на претседателот Иванов, телевизијата која „прва дознава“ дури ни ја пушти и честитката на Иванов јуниор, ама заборавија да ја емитуваат честитката на спикерот. Ете како некој го разбира државниот протокол. Или како што велиме ние во Дебар Маало „упикување“.

И додека во целиот нормален свет околу Божик и Нова година политичката сцена е најблаго речено мирна, кај нас не ни беа доста снегот и хаваријата со електричната енергија туку работите се вжештија со фингираната јавна расправа околу најновите измени на Законот за високо образование со кои се воведува државен испит. Сите видовме што се случи пред „Александар палас“, каде што во организација на Владата требаше да се одржи „јавна расправа“ за споменатите измени. Додека пред хотелот професорите од Пленумот држеа прес-конференција, „спонтано“ и неочекувано се појави премиерот и им приреди вистински шах-мат. Премиерот мирно и „културно“, кака што „доликува“, им објасни на професорите зошто го одбрале хотелот за дебата (демек, бил некаков неутрален терен – да не сме ние во војна, па ете сега ни треба неутрален терен?). Бидејки професорите од Пленумот не сакаат да влезат во хотелот, премиер им понуди алтернатива, може Влада (светната со нова фасада), а ако сакаат може дебатата да се води и во Собранието. А професорите како клен на дудинка прифатија.

Во целата оваа трагикомедија сепак најсимпатична (барем за мене) беше професорката која потоа даде изјава дека ваквото „спонтано“ и неочекувано доаѓање на премиерот едноставно ги збунило професорите и тие прифатиле да одат во Собранието. Сигурно додека се возеле од „Александар палас“ до зградата на парламентот тие се „отрезниле“ и сфатиле дека прво премиерот во спротивност на Деловникот на Собранието свикува јавна расправа, понатаму се свестиле дека законот е веќе во собраниска процедура и го помина првото читање, а за некој ден ќе заврши и рокот за амандмани, па затоа како што изјави претставничката на Професорскиот пленум, нема да учествуваат на фингирана јавна расправа.

Нормално, на патриотските медиуми ова им дојде како „кец на десетка“ и го искористија максимално. Па така читавме и слушавме како професорите избегале од соочување со премиерот Груевски, па некои се сетија да потсетат дека Груевски како пред неколку години ги „матира“ новинарите од некогашната А1, а ете сега истото го стори и со професорите од Професорскиот пленум. Лично не сум лут на професорите, повеќе сум тажен и гневен зошто во мојата држава се случуваат вакви работи. Вината е секако кај власта, ама да се погледаме сите во огледало и да се прашаме дали полека, но сигурно, се учиме да живееме во општество кое е далеку од демократијата, далеку од владеење на правото.

И така во Собранието се одржа „јавната расправа“ (организирана и водена од извршната власт, а крајот беше јасен уште пред да почне). Во сето ова трагична фигура беше ректорот на УКИМ. Кога како ректор истакна дека УКИМ не е против реформи, но бара одлагање на предложените измени бидејќи е даден многу краток за вистинска јавна расправа, премиерот најблаго речено го „сосече“. Демек, за ова се знаело уште од октомври и наместо да се доаѓа подготвен и со конструктивни предлози, ректорот дошол неподготвен!

Ваков однос од премиер до еден ректор, па макар тој навистина дошол неподготвен за расправа, е во спротивност со принципите на она што се вика јавна расправа и демократски дијалог. Ректорот на УКИМ по овие забелешки од премиерот требаше едноставно да стане и да ја напушти салата, со што ќе покажеше личен дигнитет и ќе го зачуваше дигнитетот на УКИМ. Но, од тоа немаше ништо. За жал, тоа покажува дека кај нас фотелјата е помила од се’. А за да седнете во фотелја, прв и главен критериум е да ве аминува власта.

Кога е тоа така, се прашувам каде и кога универзитетите ја загубиле својата автономност, што со векови е еден од основните принципи врз кои почива демократијата во едно општество. И како таков во сите демократски држави, автономијата на универзитетите е уставна категорија која се почитува. Кој ќе рече дека Владата е против јавна расправа и дијалог, ама, ете, ректорот од најголемиот и најстариот универзитет доаѓа неподготвен за дијалог! Ама затоа од универзитетите кои ги формира оваа влада („Свети Павле“ од Охрид, потоа ФИНКИ) дојдоа конструктивни предлози. За мене најконструктивен беше оној со кој се предлага студентите кои по втора година нема да го положат првиот дел од „државниот испит“ да можат да запишат трета година, дури и да полагаат барем третина од испитите! Тоа е навистина многу конструктивен предлог и нормално Владата го прифати.

А да ги прашам овие генијални академски „персони“. Во цел свет, единствено факултетите одредуваат под кои услови студентите ќе можат да запишат следен семестар, односно година. Токму тоа е еден мал сегмент од автономијата на универзитетите. Ама кај нас сега по ново тоа ќе се уредува со закон. Браво, успеавте да ја погазите и академската химна „Gaudeamus igitur“,ако воопшто ја знаете. Ама тоа е Македонија, министерот за внатрешни работи прави снешко додека завеани луѓе во снежна бура молат за помош.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com