МЕЌАВА

Опозицијата во последните два мандатни периоди личи на мало дете кое си ја лови сопствената сенка

Богами уште малку и ќе почнам да размислувам дека можеби има вистина во она што не’ убедуваат некои од групата на „патриотите“ новинари кои тврдат дека Македонија е библиска држава. Снежната меќава која ја зафати целиот регион, сепак, кај нас ја почувствувавме со помала сила. Замислете си што ќе беше со сите нас ако во Скопје паднеше снег од еден метар како што беше во Сараево или во Хрватска, а не дај боже да не’ зафатеше невремето како во Црна Гора, која целосно е парализирана.
Ама затоа доживеавме вистинска политикантска меќава токму на тема на снегот. Градоначалникот на Скопје прво не’ подучи дека ние што возиме ни требало ден-два да сфатиме дека ова се зимски услови и кога сме сфатиле дека е зима, сообраќаат течел нормално?! Разбирливо е во ваквата меќава да се ангажираат сите државни институции и други субјекти, а секако и ние граѓаните. И така младите од владејачката партија со лопати излегоа да го чистат снегот. Навистина е комично кога ќе видите млада девојка во кожни чизми со висока „штикла“ и наочари „диор“ како невешто мавта со лопата. Добро е дека сета оваа акција траеше додека камерите беа вклучени, инаку можеше да има уште некоја скршена нога или исчанчен зглоб.

Секако дека Армијата е еден од субјектите кои се ангажираат во вакви непогоди не само кај нас, туку секаде. И така претседателот на државата и врховен командант нареди армискиот ВИНГ да полета и во завеаните села да однесе храна за жителите. А да биде сигурен дека наредбата ќе се изврши, и самиот полета. И, нормално, за да бидеме информирани полетаа и камерманите! Среќа што кај нас, сепак, временската состојба не е како во Србија или во Црна Гора, инаку претседателот и врховниот командант немаше да се симне од хеликоптер.

Неделава вистинска политичка меќава имаме и во Собранието. Се’ започна во понеделникот со интерпелацијата поднесена против министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Ова и’ е трета интерпелација, со што Јанкулоска претпоставувам е рекордер не само кај нас, туку и во Европа по бројот на поднесени и преживеани интерпелации. Ако опозицијата неодамна го обвини парламентарното мнозинство дека институт пратенички прашања го девалвира со нарачани прашања, тогаш таа иста опозиција институтот интерпелација ја направи балканска трагикомедија.

Еве една паралела со Хрватска. Довчерашната опозиција (а сега парламентарно мнозинство) ниту еднаш не поднесе интерпелација против ниту еден министер на ХДЗ дури и по оние крупни криминални афери што знаеме како завршија. Кај нас во последниве шест години интерпелации фрчат ли фрчат. И се’ да биде во духот на нашиот балкански фолклор, и овој пат пред Собранието „спонтано“ се собра навистина мала група граѓани (читај партиски активисти). Во суштина, кај нас опозицијата во последните два мандатни периода се’ повеќе личи на мало дете кое си ја лови сопствената сенка. Во ваква политичка реалност и со ваква политичка култура, на владејачкото мнозинство не му е тешко да владее комотно, а на моменти да се однесува и арогантно (едноминутно молчење за политичкиот крај на Тито Петковски).

Токму затоа пленарните седници во Собранието се’ повеќе личат на предизборни митинзи на кои опозицијата, по се’ изгледа, самата на себе докажува колку Владата е лоша недемократска и виновна за се’ и сешто, дури и за времето. А владејачкото мнозинство богами не’ „удави“ со својата отчетноста за своите успеси и со континуираното потсетување како било лошо кога владеела опозицијата. Аман, изборите завршија лани во јуни.

Па затоа да не чуди кога во собраниската сала многу лесно се вжештува атмосферата и кога политичката страст на водење дебата ја надминува онаа црвена линија која може да предизвика инцидент. На пример, околу Законот за странски дописници. Опозицијата ја отвори дебатата со обвинување дека Законот е лош, дека е фашизоиден и дека Владата сега сака да ги контролира и странските медиуми. Имајќи предвид дека 26 години сум бил дописник и тоа акредитиран во четири држави (Словенија, Хрватска, Ватикан и Турција), во предложениот закон има само две спорни одредби. Првата е дека на лицето кое е странски дописник, без разлика дали е тоа наш граѓанин или странец, акредитацијата, која секаде трае една година, може да му се обнови само за уште една година. Е тоа го нема никаде. Колку години едно лице ќе биде дописник во една држава зависи само од медиумот што го акредитирал, а не од волјата на државата-домаќин, односно од актуелниот министер.

И вториот спорен член е оној што вели дека дописникот не смее преку анкети да собира податоци (??) и мислења во Македонија. Не знам што мислел предлагачот на овој закон со ова, но ако мислел дека странскиот дописник нема право да излезе на улица и пред камера да прашува граѓани што мислат, на пример, за „Скопје 2014“, тука предлагачот греши. Ако мислел на она класично истражување на јавното мислење со кое и така се преплавени, тогаш предлагачот е во право. Секаде во светот вакви истражувања и анкети можат да прават само агенции регистрирани за тоа.

И, на крајот, лично сум против препишаните казни во законот. Практиката во демократските држави е една голема флексибилност за странските дописници, а ако тие ги кршат одредбите од законот со кои се уредува нивното работење, тогаш најчесто се информираат нивните уредништва кои таквото лице сами го повлекуваат, а во краен пример државата-домаќин му ја одзема акредитацијата и го протерува од државата ако е странец.

Ете толку за овој „фашизоиден“ закон како што без аргументи го нарече опозицијата. За жал, и овој пат ЗНМ и воопшто невладиниот сектор барем оние што се занимаваат со медиуми спијат. Законот веќе петнаесетина дена стои на веб-страницата на Собранието и требаше досега да го разгледаат и да дадат свое мислење. Ама кај нас веќе дваесетина години невладиниот сектор не е ништо друго туку сервис на политичките партии.

Ама да се вратам на снежната меќава. Прогнозите велат дека од идната недела се очекува потопло време, а така и така зимата е при крај. Арно ама, за политичката меќава, која трае веќе 20 години, никој не кажува кога ќе заврши.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com