МЕДИУМИ – 20 ГОДИНИ ИСТА СОСТОЈБА

Наместо сите пратеници да побараат да се испрати протестно писмо до ОБСЕ за писмото на еден бирократ, опозицијата него го употреби за дневнополитички обвинувања

Состојбата во медиумите, медиумскиот простор и новинарството во Македонија по предлог на опозицијата (што е во согласност со Деловникот) ќе биде точка на дневниот ред на наредната седница на Собранието. А во суштина состојбите во медиумите и медиумскиот простор се исти веќе дваесет години.
Доказ за ова се годишните извештаи на Фридом хаус, според кои во изминатиот период (20 години) Македонија не е мрдната од местото на делумно слободни држави кога станува збор за медиумите. Во информацијата која ја подготви опозицијата за оваа точка на дневен ред, а која е достапна на веб-страницата на Собранието, стои дека состојбите во медиумите и во медиумскиот простор кај нас се влошиле од 2008 година. Чудно, како до 2008 година состојбите во медиумите да беа нешто подобри. Доказ за ова, според информацијата, е фактот дека газдите на Сител телевизија, Канал 5 и АБ биле лидери на политички партии кои се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Точно, ама Сител и Канал 5 не се од 2008 година. Патем, на сегашната опозиција не и’ пречеше кога истите тие газди беа во коалиција со СДСМ, а нивните телевизии дуваа во тиквата на СДСМ. Е сега кога газдите ги сменија партиските дресови, а со тоа и „музиката“, е тоа е веќе „катастрофална положба“ во медиумите, а одговорна е само Владата?! Понатаму во информацијата се наведува дека МРТВ е целосно узурпирана и претставува „партиски билтен на ВМРО-ДПМНЕ“.

Трагедијата на МРТВ, како економска така и професионална, започна веднаш по осамостојувањето. Имено, секоја владејачка гарнитура кај нас сака да има целосна контрола врз јавниот сервис. Само ќе потсетам на еден факт. Во периодот 1994-1998 кога на власт беше СДСМ со либералите, на чело на МРТВ беше госпоѓата Мелпомени Корнети. Кога некаде на средината на мандатот либералите ја напуштија коалицијата, директорката, госпоѓа Корнети, беше сменета токму во Собранието од страна на мнозинството (читај СДСМ), иако важеше за добар и успешен директор на јавниот сервис. Зошто се заборава за време на која Влада во зградата на МРТВ „се насели“ и полицијата, па така ние денеска сме единствена држава во светот каде што на зградата на јавниот сервис поред таблата на МРТВ стои и табла на Министерството за внатрешни работи.

Зошто се заборава дека токму за време на директорувањето на госпоѓа Стошиќ и владеењето на СДСМ (2002-2006) во јавниот сервис беше укинат вториот канал на македонски јазик, а беше формиран некаков хермафродитон (од формално-правен аспект) Собраниски канал. Така до ден-денес македонскиот народ како мнозински е единствен во Европа кој на јавниот сервис има само еден програмски појас што треба да ги задоволи сите функции, а не само информативни емисии. Навистина оваа Влада, како така, го уреди прибирањето на радиодифузната такса кое за време на госпоѓа Стошиќ беше околу 2 процента, ама, за жал, остана горенаведените прашања и проблеми.

Во информацијата по која ќе се расправа на седницата на Собранието, опозицијата посебно ги наведува забелешките на меѓународните организации и на други странски субјекти околу положбата на медиумите кај нас. А тие забелешки во изминатиов период (20 години) горе-долу се исти. Овој пат опозицијата како клучен доказ го наведува она „фамозно писмо“ од ОБСЕ потпишано од страна на еден бирократ (Дуња Мијатовиќ). Околу ова писмо пред одморите се наслушавме се’ и сешто, а главен аргумент на опозицијата беше дека претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, го криел писмото од пратениците. Иако од ОБСЕ ова беше демантирано и стигна извинување дека фамозното писмо прво било испратено до македонските медиуми, а дури потоа до претседателот Вељаноски, опозицијата и понатаму продолжува со овие обвинувања, а сигурен сум дека и на идната седница ќе ги слушнеме.

Наместо сите 123 пратеници да побараат од претседателот Вељаноски да испрати протестно писмо до Парламентарното собрание на ОБСЕ во кое ќе се протестира за непримерната комуникација на еден бирократ со претседател на парламент на една суверена држава и рамноправен член на ОБСЕ и на вистински начин да ја заштитат функцијата претседател на парламент, без разлика кој ја врши, опозицијата го употреби писмото за дневнополитички обвинувања и обид на кревање на својот рејтинг. Наместо да се побара од нашето Министерство за надворешни работи информација дали нашиот амбасадор во ОБСЕ упатил демарш за вакво недипломатско однесување на еден бирократ, кој е платен и со наши пари, опозицијата покажа дека свеста за државотворност и по 20 години не излегла од лулка.

Како и да е, информацијата (во неа нема ниту буква како да се реши положбата на медиумите, новинарите и медиумскиот простор) е тука пред нас. Ако некој очекува дека и по расправата нешто ќе се смени, едноставно се лаже. Положбата на медиумите и новинарите е комплексно прашање кое не може да се реши со една расправа во парламентот. За негово решавање парламентот е само еден од субјектите. Исто толку, ако не и повеќе, важни се и другите – од Здружението на новинари како професионална асоцијација, потоа Синдикатот, па се’ до невладините организации. На крајот, пазарните законитости (во нормална држава), а пред се’, јавноста е таа што ја одредува положбата на секој медиум, ама, како што реков, во нормална држава. Дотогаш и понатаму според Фридом хаус остануваме во групата на делумно слободни држави, во која сме веќе 20 години!

П.С. А1, „Време“ и „Шпиц“ не ги споменав зашто започна судскиот процес и го почитувам основното начело на демократијата за самостојноста и независноста на судската гранка.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com