МЕДИУМИ, НОВИНАРИ, ЗНМ… ТАПКАЊЕ ВО МЕСТО

Сета вина за состојбата со медиумите и слободата на новинарите не e само кај партиите, газдите и власта

Во извештајот на Европската комисија како една од забелешките е состојбата во медиумите сфатена во најширока смисла на зборот – од поврзаноста на газдите со политичките партии, преку професионалноста на новинарите, нивната социјална и економска положба, прашањето со криминализација на клеветата, па до положбата на јавниот сервис МРТ. Во суштина, ништо ново, состојби кои се влечат од осамостојувањето и кои Македонија, според Фридом хаус, веќе дваесет години ја ставаат во групата на делумно слободни држави.

Народот би рекол криво засадено криво ќе расте. Само делумно би се сложил со оваа народна мудрост. Општествените состојби (вклучувајќи ја тука и положбата на медиумите и новинарите) и кога се криво засадени тие можат да се менуваат. На пример, положбата на медиумите во 1991 година не беше подобра во Словенија, во Чешка, Полска од онаа кај нас. Денеска овие држави се во групата на слободни држави според критериумите на Фридом хаус. Слично беше и со положбата на медиумите во Шпанија, во Португалија во времето кога таму владееја воените диктатури.

Проблемот кај нас е во тоа што се нема волја тоа што е криво засадено да се исправи. Опозиција на чело со СДСМ во секоја пригода жестоко ја напаѓа власта за состојбите во медиумите. Нормално, главен аргумент се забелешките од извештајот на Европската комисија. Власта возвраќа со испробаниот метод, обвинувајќи ја опозицијата каква била состојбата кога тие биле на власт, а демек еве сега сме напредувале за неколку места на листата на Фридом хаус што покажува дека, ете, „работите одат на подобро“.

Кога опозицијата ќе смогне сила и да излезе и да каже: еве, кривото дрво наречено медиуми ние го засадивме и не бегаме од тој факт, ама ајде сега заедно сите да почнеме да го исправаме. Зарем со ова нема на владејачката структура да и’ го избијат главниот аргумент „вие бевте полоши“.

Вака ми се чини дека и на опозицијата и на власта (во овие дваесет години) им одговара ваквата состојба со медиумите. Власта секогаш сакала да има контрола врз јавниот сервис, но и врз приватните медиуми. На опозициските партии ваквата состојба им служи како добра муниција постојано да се пука по власта, а кога ќе ја сменат позицијата и стануваат власт тогаш улогите се менуваат. Газдите на медиумите, пред се’, електронските, шетаа од една во друга власт, со единствена цел профит. Зарем на Советот за радиодифузија дури сега му текна да ја контролира поврзаноста на газдите на медиумите со политичките партии.

Би било погрешно ако сета вина за состојбата со медиумите и воопшто со слободата и професионалноста на новинарите ја лоцираме само кај политичките партии, газдите и власта. Слободата на новинарите и професионализмот се вредности и стандарди за кои, пред се’, треба да се изборат новинарите. Притоа, мислам и како индивидуални личности со личен морален и професионален кредибилитет, но и како асоцијација. Мислам на Здружението на новинарите и на синдикатот. Ни требаа дваесет години да формираме Синдикат на новинари кој ќе ги штити социоекономските права на новинарите. ЗНМ постои од самото осамостојување, ама како да го немаше. По изборот на новото раководство, се чувствува одредена живост и активност на ЗНМ, но, за жал, веќе на самиот старт почнаа да доаѓаат оние класични напади и дисквалификации познати во еднопартиските системи.

Застрашувачки е фактот дека тие напади доаѓаат од две групи новинари кои самите се идентификуваат како „патриоти“ и „демократи“, односно како што меѓу себе се препукуваат, „предавници“ и „труби на власта“. Иако на прв поглед изгледа дека станува збор за две групи, во суштина, станува збор само за две страни од веќе излижаната паричка која би требало со вистински сјај да ја рефлектира слободата на медиумите и професионалните стандарди на новинарите.

Еден од приоритетите што ги постави ЗНМ беше и декриминализација на клеветата . Дури се имаше впечаток дека Владата го прифаќа ова, да потсетам имаше и една јавна трибина на оваа тема И токму на трибината јавниот обвинител кажа дека не е сега време за декриминализација на клеветата, бидејќи кај нас политичката култура била на ниско ниво. Навистина кај нас политичката култура е на ниско ниво, ама ништо подобра не е, на пример, во БиХ, а таму тоа е сторено. Таму како и во многу други европски држави клеветата е дело во граѓанското право, а не во кривичното. Ние сме единствена држава во светот во која за клевета во медиумите одговара само новинарот, а не и одговорниот уредник и самиот медиум, кој ја објавил клеветата. Не треба да бидете ниту правник ниту, пак, експерт, па да сфатите дека ваквото законско решение е ефикасна алатка на секоја власт за контрола на слободата на новинарите, а во исто време одлична метода за развивање на автоцензурата.

И да биде целата оваа папазјанија попикантна се потрудија странците кои добронамерно сакаат да ни помогнат, бидејќи ние не сме способни сами да си ги решаваме проблемите. На овој начин ЗНМ е ставено помеѓу наковалната и чеканот. Странците форсираат да биде формирано т.н. саморегулаторно тело, а Владата на тивко форсира закон за медиуми. Сега стануваат малку појасни нападите врз ЗНМ од новинарите патриоти и демократи. Во 35 држави во Европа и во светот има вакви саморегулаторни тела (англиски израз е Press council). Основна задача на овие тела е преку професионалните стандарди ја штити етичката димензија во медиумите и да реагира на поплаки кои доаѓаат од оние што сметаат дека се на каков било начин повредени нивните права. Втората димензија е штитење на независноста и слободата на медиумите. Во некои држави, како што се Словенија, Чешка и други, вакви саморегулаторни совети нема, а таа функција доста успешно ја спроведуваат судовите на честа при новинарските здруженија. Во овие совети членуваат сопствениците на медиумите, потоа претставници на здруженијата на новинарите и претставници на јавноста, односно невладиниот сектор. Сега слушам дека актуелното водство на ЗНМ се загрева за оваа алтернатива. Демек, Судот на честа при ЗНМ ништо не направил досега. Во суштина, тоа е точно, само погледнете што се’ не видовме и што гледаме на нашите телевизии. И како што е веќе кај нас практика, кога нешто не оди, затоа што немаме волја за имплементација на некој закон, тогаш ајде веднаш нов закон и нови тела. И, секако, тоа го правиме со помош на странците .

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com