Медиуми, новинари, ЗНМ, тапкање во место

Колку пати овие години се расправаше за медиумите, се носеа закони, се менуваа улогите на регулаторните тела и пак – ништо. Новинарите се во маѓепсан круг повеќе од две децении

Насловот е од колумна која во „Утрински“ ја објавив пред нешто повеќе од три години. За жал, и денеска околу овие значајни прашања, без кои не може да се зборува за демократија кај нас, нема никакво подобрување, туку, напротив, тонеме како сами да сме си оковале олово на нозете. Додека ја пишувам колумната, четврток 26 ноември, во Клубот на пратениците (нема да ме изненади ако ова здание некој утре го прогласи за историски споменик во процесот на пропаѓањето на Македонија) се одржуваат разговори помеѓу „големата четворка“ околу остварувањето на договорот од Пржино во оние точки кои се однесуваат на медиумите, а особено на положбата на јавниот сервис МРТВ.

Веќе одомаќениот медијатор Питер Ванхауте, кој има големи шанси да стане легендарна личност во овој процес на нашето пропаѓање, оптимистички најави дека до денеска, 27 ноември, прашањето околу медиумите треба да биде завршено. И додека внатре во Клубот на пратениците „големата четворка“ не знам по кој пат расправа за положбата на медиумите, надвор Здружението на новинари на Македонија плус новинарскиот синдикат и зајакнати со Македонскиот институт за новинарство (науката) протестираат бидејќи не биле вклучени во овие преговори!? Во суштина, се разговара и преговара за неколку теми и тоа: независноста на Агенцијата за аудиовизуелни услуги, потоа за независноста на МРТВ, како и на МИА, а ќе се разговара и за подобрување на Законот за медиуми, сето тоа во функција на обезбедување фер и демократски избори. Теми за кои кај нас во одредени временски циклуси, кои случајно или не се покриваат со политички кризи, се влечат над две децении. Пред само две години, пак со помош на странците, особено тогашниот еврокомесар Филе се расправаше за положбата на медиумите. Тогаш ЗНМ, новинарскиот синдикат, МИМ, ама и многу други „експерти“ и „експертчиња“ учествуваа во преговорите. Се сеќавате тогаш ЕК како „бенчмарк“ ни го накалеми дијалогот, а Филе како комесар го измисли Дијалогот на високо ниво. По „тешки“ разговори помеѓу власта и ЗНМ, резултатот беше цел куп ворк-шопови, јавни расправи и дебати, понатаму цела серија од заемни обвинувања помеѓу новинарите-патриоти и новинарите-демократи – во смисла, едните се предавници, другите се најобични труби на власта – и се донесе законот за медиуми. Не ги заборавам и странските експерти-медијатори, олеснувачи и слични.

Па така, некогашниот Совет за радиодифузија стана Агенција за аудиовизуелни услуги, се донесе закон за МРТВ и добивме, ако не се лажам, четврта по ред препорака од Европската комисија за започнување на преговорите, ама датум не добивме поради познати причини. Тогаш ни дојде онаа позната госпоѓа од ОБСЕ задолжена за медиуми, Дуња Мијатовиќ, се сретна со премиерот Груевски, ги пофали споменатите закони и си отиде.

И сега еве го повторно проблемот со медиумите. МРТВ си остана и понатаму класичен трансмисиски ремен на власта, каков што беше уште во времето на едноумието, па така и денес нема ниту „ј“ од јавен сервис. Во меѓувреме, МРТВ се „ребрендира“ со нова техника и за нијанса поизразена портокалова боја, ама со тоа не ја подобри ниту гледаноста ниту својата функција и општествената задача.

Ние повеќе од две децении се вртиме во маѓепсан круг кога станува збор за медиумите. Јасно е дека власта (која било) сака да има контрола врз медиумите. Но, исто така е јасно дека барем во развиените демократски држави, без разлика дали некој медиум е поблизок до оваа или онаа политичка идеологија и партија, новинарите и уредниците никогаш не забораваат дека сепак на прво место мора да биде професионалноста. Во МРТВ, која би требало да е огледало на медиумскиот простор, професионалноста ја заборавивме уште во далечната 1991 година и се инсталира клиентелизмот кон власта. Од тоа произлегува она најлошото и најопасното, а тоа е манипулацијата со нас како граѓани.

Еве само еден понов пример. На пример, телевизијата која прва дознава и познатиот „Ало началниче“ на почетокот објаснуваа како специјалниот јавен обвинител Катица Јанева била заеднички предлог и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа откако Јанева не попушти за бројот на нејзиниот тим, но и за некои други прашања, оваа телевизија со истиот „началник“ ја смени плочата, ама сега потпомогната од другите патриотски медиуми и помали „началничиња“ нонстоп труби како Јанева е предлог на СДСМ и затоа ја одработува агендата на опозицијата. И никому ништо. Што се’ ни оди по електронските медиуми, што се’ читаме по порталите не треба да потсетувам. Дали некој може да се сети кога во овие дваесетина години Судот на честа при ЗНМ реагирал за вакви работи.

Кога пред две години беа поголемите формални промени во медиумската сфера, странците ни ја донесоа и таканаречената саморегулација како спас за медиумите, демек така било во поголем број држави на Европа. Точно, ама странците заборавија да ни ја донесат политичката култура од тие држави; понатаму заборавија да ни го донесат принципот владеење на правото и правна држава, односно заборавија дека за да функционира саморегулацијата, мора пред тоа да се воспостават и да функционираат цел куп принципи и стандарди, од кои ние сме оддалечени со светлосни години.

Ако не се лажам, пред две години се формира некаков Етички совет кој треба да го надомести нефункционирањето на Судот на честа во рамките на ЗНМ. Дали се сеќавате дека овој Етички совет нешто направил. Еве еден пример од понеделникот од емисијата „Во центар“ со познатиот конвертит, кој веќе со години ни продава политикантска фантастика. Гостин во емисијата беше д-р Рубин Земон, кој се декларира како Египќанец. Водителот, најблаго речено, се дрзна да ја коментира искажаната етничка припадност на господин Земон и тоа со еден уличарски јазик и стил кој навистина не заслужува овде да го цитирам. Овој „новинар“ се’ уште не научил дека ако господин Земон или кој било се декларира како Египќанец, Албанец, Ром, Македонец или, пак, Марсовец, никој нема право тоа да го коментира и со уличарски јазик да се потсмева на изразената етничка припадност, злоупотребувајќи го медиумот. Дали во тој Етички совет се свесни дека станува збор за грубо кршење на цел куп демократски принципи сврзани со човековите права и слободи, а со тоа и кршење на многу закони од тој „новинар“.

Врз основа на извештајот на Прибе, договорот од Пржино и извештајот на Европската комисија, нашиве четворица политикантски могули се присилени одново да разговараат за медиумите. Странциве, кои веќе одамна не’ прочитаа што „мустри“ сме за да го заштитат, пред се’, својот интерес, а тоа е каква-таква стабилност во државата, а со тоа и во регионот, сега од ракав ќе ги извадат подготвените промени за подобрување на Законот за медиуми, ќе ги присилат овие од власта да направат одредени кадровски промени во МРТВ и МИА, а богами и опозицијата ќе биде задоволна ако МРТВ добие некаков си фластер-директор. За ЗНМ, за новинарскиот синдикат, за нашите експерти ќе се организираат неколку ворк-шопови, ќе падне и некоја дневница, хонорар, патување во странство, за да се види како е таму, па дури и некој поголем проект за обука на новинари и други структури поврзани на овој или оној начин со медиумите и медиумскиот простор.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com