Ма људи мои јели то могуќе!?

 

Ова е легендарната реченица на еден од најпознатите спортски коментатори во некогашна Југославија Младен Делиќ изречена во далечната 1983 година во телевизискиот пренос на фудбалскиот натпревар помеѓу Југославија и Бугарија. Тогашнашите“ во веќе четириесет и шестата минута од второто полувреме дадоа гол и со победа од 3:2 се пласираа на европското првенство. Токму кога падна третиот гол Младен Делиќ еуфорично ја изговори оваа историска реченица. Деновиве на ова ме потсети мој словенечки колега и пријател кои беше кај нас за да направи за љубљанскоДело“ серија написи за состојбите кај нас. Гледајќи го сето ова што се случува, разговарајки со повеќе политичари, аналитичари и ред други „паметни луѓе“, ме праша? Veš res ne razumem kako je mogoče to kar se dogaja pri vas. (Знаеш навистина не можам да го разберам како е можно ова што се случува кај вас). Е па е можно, ако припаѓаш во групата на таканаречени неисториски народи, кои само создаваат историја но никогаш ништо не учат од сопствената историја и затоа историските грешки им се повторуваат. И токму поради таа наша „карактеристика“ повторно самите себе се ставаме во улога на паричка за поткусурување на туѓи интереси и аспирации.

Реално гледано тоа што во моментов се случува во Собранието, тоа што се случува „спонтано“ на протестите за „Заедничка Македонија“ тоа што го прави онаа павлиха (словенечки израз за дворски шут) од претседателската вила на Водно, нема ама ниту најмала врска со одбрана на унитарноста и сувереноста на државата. Во суштина денеска Република Македонија, општеството а со тоа и ние сите како граѓани сме во една многу поголема криза отколку што бевме кога Заев почна да ги објавува бомбите од прислушувањето. А да не заборавиме од тогаш па до денес ни се случи Пржино 1 па потоа Пржино 2, па кредибилни избори, па онаа онаа павлиха претседател со своето еднаш давам еднаш не давам мандат, што се заедно не доведе до ова дереџе во кое сме. А зад сето ова стои само едно. Како Груевски и фамилијата да преживеат политички а со тоа и да се спасат од правните консеквенции секако изречени преку судски процес ама во судовите и судии ослободени од политичките притисоци односно од тефтерчето на Горде и без Сваровски накит.

Во суштина во овие 26 години на самостојност кај нас се изредија повеќе политички елити. Тие со своето клановско владеење (терминот е на господин Зеколи) не доведоа до ова состојба во која немаме државни институции немаме парламент немаме судство. Ама затоа имаме бивши и сегашни политички елити (кланови) кои во секој случај станаа економски елити. Од друга страна имаме максимално пауперизирани граѓани, имаме огромен егзодус на млади луѓе, имаме катастрофален образовен систем и уште полош здравствен систем. Имаме медиуми кои сами се дефинираат едни како патриотски, а други како демократски, но во суштина се само гласноговорници на тие политички елити. Има е максимално поделено граѓанско општество на „наши“ и „ваши“, имаме изборно тело поделено прво во етнички трла а потоа на партиски следбеници кои тотално некритички веруваат и ги следат лидерите на политичките елити односно кланови. И во ова балканска турли политикантско калновска турли тава имаме таканаречен меѓународен фактор (читај Брисел и Вашингтон) кои демек сите овие 26 години се трудат преку тие политички елити или кланови да не дигнат на нозе и да не стават на патот кој води во евроатлантските интеграции НАТО и ЕУ? Проблемот е во тоа што меѓународниот фактор, Брисел и Вашингтон), кои имаат значајна улога во создавањето на овие политички елити кај нас, секогаш на прво место ја ставаше стабилноста на државата и регионот а многу малку посветуваше внимание на демократијата владеењето на правото и функционирањето на правната држава. Затоа и денеска кога Република Македонија се соочува со можеби најголемата политичка криза се има впечаток дека меѓународниот фактор повторна „вага“ помеѓу стабилноста на сметка на демократијата. Сепак мислам дека и меѓународниот фактор е свесен дека некој од овие политички елити и кланови го достигнаа својот „врв“ и употребна вредност, ама сепак се уште моќни да направат „беља“ како дома така и во регионот. И во тоа проблемот зошто меѓународната заедница се уште се „дума“ и не преземе по ефективни мерки за да ги отстрани своите „балкански бастадри“ (копилиња по дебармаалски) од политичката сцена. Лично повеќе верувам дека некакви поголеми конфликти кај нас или во регионот нема да има, иако веќе месец дена на улица имаме протести а во Собранието слушаме закани дека ќе се дигната 200 – 300 илјади луѓе кој ќе го бранат интегритетот и унитарноста на државата, ако Заев направи влада и не се откаже од „тиранската платформа“!

И сега да се вратам на почетокот односно на дилемата која ми ја наметна мојот словенечки колега како е можно сето ова да се случува и тоа во континуитет од 26 години. Е па е можно почитувани. Можно е бидејќи кога започнаа процесите на дисолуција (распаѓање) на СФРЈ ние нудевме некакви платформи за спас на СФРЈ и последни (8 септември 1991) направивме референдум за самостојност со хермафродитно прашање. Иако тогаш меѓународната заедница еднаш и единствен пат ги почитуваше своите принципи и јасно кажа дека Република Македонија (и Словенија) единствени од некогашна Југославија ги исполнуваат условите за меѓународното признавање, нашите политички елити пак не успеаа тоа да го остварат и ни се случи прво ФИРОМ а потоа станавме членка на ОН, патем она со ФИРОМ не ве потсетува на Букурешкиот договор? Вакви и ред други историски грешки кои ни се повторуваат можам уште долг да набројувам ама од тоа нема фајде. Навистина е крајно време да почнеме да учиме од својата историја бидејќи се повеќе се приближуваме до точката кога тоа повторувањето на историските грешки веќе не се манифестира како фарса туку станува трагично односно ќе не снема како држава. Мислам дека веќе е крајно време да почнеме како граѓани критички но и одговорно да се однесуваме до секоја актуелна власт без разлика колку е таа „наша“, а не слепо да ги следиме и штитиме своите политички елити и кланови. Затоа вината да не ја бараме ниту Брисел или Вашингтон, ниту Белград или Тирана ниту Софија или Атина. Виновни сме пред сѐ ние самите Ти и Јас, кои не сакаме да ги промениме состојбите, малку од незнаење, малку од страв а најмногу од нашиот изгубен осет за држава и државотворност.

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com