Македонија на Македонците

Онаа павлиха која со наши гласови демек е претседател на државата денеска ја дувна во Азербејџан на некаков си форум, а се шушка дека наскоро ќе замине во Австралија овој пат не на форум тука да ја види и проучи состојбата на македонската дијаспора! Само да го прашам овој голем бранител на унитарниот карактер на државата па затоа не го дава мандатот на Заев, кој за време на неговото отсуство го заменува овде дома. Уставот е јасен претседателот на Собранието ама еве веќе три месеци ние немаме ниту функционален парламент ниту спикер. Ама не е така, чоекот“ си знае кој е хазаин (газда) во државата. А се што досега му беше нарачано или напишано го оствари што се вика до запирка“, па нормално е малку (на наша сметка) да се прошета по светот.

Но затоа секој ден на улица во Скопје но и во други градови имаме луѓе кои спонтано“ под паролите Заедничка Македонија и Македонија на Македонците“ секојдневно демонстрираат бранејќи ја унитарноста на државата, а против двојазичноста која води кон албанизација“, федерализација“ и уништување на државата. Односно против таканаречената платформа на албанските политички партии.

Работата отиде и дотаму да и МАНУ се втурна во дневната политика. Според академик Митко Маџунков, речиси сите точки на платформата се ултранационалистички и неприфатливи. Тоа е акт за формирање голема Албанија и треба да биде отфрлен од МАНУ како акт во кој се чувствува експанзионистичката политика од призренската лига. Оценка која можете да ја сместите помеѓу блага сенилност на авторот, или пак максимално политикантство кое одлично се вклопува во дневната политика на ВМРО-ДПМНЕ поточна на лидерот. И се сѐ плашам галиба ова второто ќе да е, што секако не доликува за еден академик и на МАНУ како институција.

Тоа што е застрашувачки е фактот дека сето ова ни се случува бидејќи фамилијата“ едноставно не сака мирно да ја предаде власта на новото парламентарно мнозинство. Зошто? Затоа што е јасно дека со тоа се отвора можност првите луѓе на фамилијата ама и други да се соочат со судска постапка? Во оваа груба манипулација со националните чувства на Македонците водството на ВМРО-ДПМНЕ (фамилијата) одлично користи две алатки. Прва, институционалната алатка, е во ликот и делото на онаа павлиха која ја споменав на почетокот. Неговото патетично објаснување е дека тој нема да дозволи поединец или партија да го урива унитарниот карактер на државата, е само уште еден доказ како се споредуваат желбите и наредбите на вистинскиот газда на државата. Тоа што меѓународната заедница многу децидно и сериозно предупредува дека е потребно мирен трансфер на власта, а прв чекор за ова е Иванов да го додели мандатот на Зоран Заев за оваа павлиха ништо не значи. Ама затоа во ЕУ и НАТО веќе не гледаат како безбедносен проблем за регионот ама и пошироко.

Втората алатка која ја користи Груевски односно фамилијата е народот“, демек обединет околу движењето „Заедничка Македонија“ каде што најчесто ја слушаме пораката Македонија на Македонците“. И токму тоа е што треба да не загрижува. Имено се поставува дилемата до каде ќе оди Груевски во спасување на својата кожа. Факт е дека Груевски успеа да направи длабока и многу остра поделеност како во општеството во целост така и помеѓу Македонците и тоа на вистински патриоти и се останато, во кој куп се и предавници и соросоиди и неосвестени граѓани секако на чело со Заев. Поделеност која може да ескалира во меѓу етнички или интро етнички судири. Ако до тоа дојде тогаш треба да бидеме свесни дека тоа ќе го зафати целиот регион а ние како најслаба карика“ уште еднаш ќе завршиме како монета за поткусурување на интересите на некои други. Сепак убеден сум дека меѓународната заедница токму заради целокупните односи во регионот но и пошироко нема да дозволи такви судири.

И на крајот околу Заев и неговото“ парламентарно мнозинство кое е засега само на хартија. А хартијата се трпи вели народот. Заев барем досега не покажа некоја поголема иницијативност за конституирање на парламентот и избор на претседател откако го доби тоа парче хартија. Изгледа ниту тој не ја разбира или не ја сака вистинската улогата на парламентот кога се зборува за демократија, владеење на правото, како и контролата врз извршната власт и воопшто на функционалноста на сите институции.. Посебно збунувачки е вчерашната изјава на господин Ахмети по средбата со Заев, дека нема да се влезе во Собранието односно нема да продолжи конститутивната седница и избор на претседател додека не се постигне начелна согласност со сите парламентарни партии? Што сака со ова да каже Ахмети или подобро речено да покаже? Дека треба да се постигне (каква) согласност и со ВМРО-ДПМНЕ!!  Од друга страна се шпекулира демек до петок работите ќе бидат појасни? Се повеќе се има впечаток дека од една страна во ова нова парламентарно мнозинство меѓусебната доверба не баш на завидно ниво. Дали Заев се дума местото на спикер да го препушти на ДУИ (па не затоа што би бил претседател Албанец) туку заради нескриената љубов“ на Ахмети за стариот коалициски партнер Груевски. Изјавата дека тој не гледа дека ВМРО-ДПМНЕ води некаква проруска политика, зарем не е доказ за овие нескриени политички некои би рекол тендерски интереси и симпатии. Понатаму барем засега односите помеѓу Беса и ДУИ се далеку од коалициски партнери. Имено Ахмети е свесен дека Беса е во подем. И на крајот да не заборавиме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи и со протестите надвор, а со своите 51 пратеник можат и те како да го блокираат работењето на Собранието. И ете ти причина новиот спикер да закаже седница за самораспуштање на парламентот и ВМРО и ДУИ да гласаат за и да се оди на нови избори. Е па нека ни е со среќа

Тодор Пендаров

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com