Македонија како драмолетка

Да не се странциве главните владини актери можеби ќе донесеа и одлука за притвор на Катица и на целиот нејзин тим со образложение дека кривичното дело може да се повтори

Нашата политикантска драмолетка продолжува на сцената наречена Западен Балкан. Формално денеска ја нарекуваат политичка криза, односно драматуршки би се рекло се одвива чинот „Договор од Пржино“, негова имплементација. За мене тоа е само уште една бизарна фарса. Во суштина таа драмолетка, политичка криза или ако саката фарса, ни се влече од самото осамостојување. А резултатот е само тонење. Уште на самиот почеток на независноста тогашниот француски премиер Пјер Мороа в лице ни плесна дека „секое племе не треба да има држава“.

Во нашата драмолетка се сменија дузина главни „ликови“, кои секогаш мислеа дека историјата започнува со нив. За сите нив заеднички именител им е дека партијата и државата е едно. Па затоа денеска наместо правна држава имаме партизирана држава. Вториот именител кој, исто така, е заеднички за сите главни ликови е лукративниот интерес, како што отворено го кажа еден од тие ликови – кога си во врвот на власта, имаш многу бенефити! Наместо да одиме напред, ние во 21 век своите етнички корени ги „откривме“ во антиката на чело со Аце. Во архитектурата стигнавме во барокот. Сега во внатрешното уредување, посебно во мебелот, се појави срамежливо рококо ама не помина, демек не му се допаѓало на народот.

Понатаму во оваа драмолетка продефилираа можеби стотина нивни најблиски соработници, јас би рекол лакеи или батлери кои безусловно ги исполнуваа сите нивни желби барања па дури и хирови („мерцедес“ од 600 илјади евра), а сето тоа беше претставено како владини политики и програми во корист на народот. На почетокот донесовме Устав со кој ги стеснивме правата на нашите албански сограѓани и направивме една од најкриминалните приватизации на некогашната општествена сопственост. А сега дотуркавме на ниво на „Скопје 2014“ (500 милиони евра), слободни индустриски зони со околу дваесет и кусур илјади евра државни пари по глава на вработен во овие зони што ги добиле „инвеститорите“. Со акциите „Ден на дрвото – Засади ја својата иднина“ за една година се иселиле околу осумдесет илјади, пред сè млади луѓе, барајќи ја својата иднина некаде во светот.

Некој ќе праша каде се во оваа драмолетка странците, меѓународната заедница, нашите „стратешки партнери и пријатели“. Тука се меѓу нас во улога на сценаристи на нашата драмолетка, а понекогаш се појавуваат и како режисери и продуценти. Понекогаш ставаат некој наш да биде режисер, а тие се затскриваат како „асистенти на режија“ и повторно ја водат играта, а за некој од ликовите на таа драмолетка да не го згреши текстот редовно имаат и суфлери, односно олеснувачи. Странците во овие години во нашата драмолетка „инвестирале“ над една милијарда долари во она што се вика невладин сектор, цивилно општество, демократија, јакнење на капацитетите на институциите … Реално, голем дел од овие „директни инвестиции“ странците си ги вратија дома преку своите експерти и консултанти.

Да се вратам на чинот „Договор од Пржино“, слика „имплементација“. Работите, демек, тргнаа. Партиите ја прифатија методологијата за пречистување на избирачкиот список, а ДИК засилена со тројца членови „независни експерти“, плус не знам колку домашни и странски ИТ-компании ќе прави проверка, вкрстување на дата-податоците од десет државни институции ќе го исчистат списокот. А потоа ќе се оди и на теренска проверка таму каде што е сомнителна состојбата. За пари нема проблем, Владата ќе даде колку треба само да добиеме „кристално чист“ избирачки список што како услов го постави еден од четирите актери во нашата драмолетка. Во спротивно тој и неговата „актерска дружина“ нема да игра во веќе конвертираната наредна слика, а тоа се изборите.

Мислам дека режисерите и сценаристите, односно нашите странски пријатели ќе направат мали корекции. Странците најавија дека околу 20 овој месец ќе дојдат ќе ја согледаат состојбата и според мене ќе ги ја одложат наследната слика „избори“ на почетокот на јуни. Но и другиот „главен актер“ и неговата актерска фамилија, кои успешно играат веќе 10 години, се обидува на секој начин да го избегнат напишаното сценарио. Очигледно е дека ниту малку не им се допаѓа воведувањето на новата актерска дружина именувана Специјално јавно обвинителство, а посебно не главната актерка, нашата Катица. Па така само во последнава недела СЈО доби 5 кривични пријави од „анонимни“ граѓани кои, наводно, биле малтретирани. Зврлевски, кои како што јавно изјави дека само тој и неговото обвинителство се законски и според Уставот, многу темелно се посветил на овие кривични пријави. Можеби да не се странциве ќе донесеа и одлука за притвор на Катица и на целиот нејзин тим со образложение дека кривичното дело може да се повтори! Ајде речете дека сето ова не е фарса.

Во оваа драмолетка своја улога имаат и медиумите, дури во овој чин можеме да ги ставиме и меѓу главните актери. Медиумите ја играат улогата на лакеи (секоја чест на оние кои го задржаа професионалните критериуми) уште од осамостојувањето. А како не би ја играле кога една голема група од нив за последните две-три години инкасирала над 13 милиони евра. Сега се кршат копјата како ова да се уреди. Во игра се три актерски групации. ЗНМ (вистинско новинарско здружение) бара нов закон. МАН, новинарско здружение кое ги обединува новинарите и медиумите „патриоти“ со благослов од Владата, сака да остане сегашниот закон и да се оди на саморегулација преку етички кодекс, правилници и слични глупости. Третата страна е Асоцијацијата на приватните телевизии кои имаат национална концесија, која не е да се менува законот, туку да се намалат казните и да се регулираат критериумите според кои ќе се делат парите, оние веќе споменати 13 милиони евра наши пари. Чудно нели, а барем за овие последниве (приватните телевизии) решението е многу едноставно и пред сè, според европските стандарди. Пазарот и пазарните законитости го одредува нивното работење па ако саката и опстанок, а на Владата да ѝ се забрани да се рекламира за сè и сешто. Тоа се европски стандарди. Ќе биде интересно околу 20 февруари кога Хан, а можеби и тројката од Европскиот парламент, Вајгл, Кукан и Ховит, ќе дојдат во Скопје да оценат како се одигра имплементација на Пржино и дали ковертираниот потег распуштање на Собранието и избори на 24 април останува или ќе има измени. Изјавите на Груевски Ахмети се само за домашна употреба.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com