МАКЕДОНИЈА И ОСУДАТА НА НАЦИОНАЛИЗМОТ

Зошто Македонија гласаше воздржано во ОН за резолуцијата со која се осудува негирањето на холокаустот и се осудува неонацизмот

На 21 овој месец во Генералното собрание на ОН се одржа гласање за предлог-резолуцијата со која се осудува негирањето на холокаустот или на кој било начин се брани нацизмот и неонацизмот и се пропагираат нацистичките симболи. И нема да верувате – Македонија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, државите членки на ЕУ, се воздржале од гласање додека Украина, Канада и секако големиот „брат“ САД гласале против оваа нацрт-резолуција. Србија ја поддржала резолуцијата. Интересно е дека на ова неделава ме предупреди моја факултетска пријателка од Словенија, која е гневна, како што вели, на слугинскиот однос кој сите ние (се мисли на државите на СФРЈ) го имаме до „големиот брат“ од другата страна на Атлантикот. За ова и во нашите медиуми нема ниту збор, но и во ЕУ медиумите го премолчеа гласањето. Но затоа онаа вистинска демократска јавност крена голема прашина. Во Словенија во весникот „Љубљански дневник“ излезе остра колумна од еден познатиот словенечки политички аналитичар (Томаж Меснак) во која тој ја обвинува словенечката влада дека со воздржувањето од гласањето во суштина се дава подршка на неонацизмот.

Кај нас за ова ниту збор, иако јавниот сервис МРТВ има во САД постојана дописничка. Ама затоа бевме „многу квалитетно“ информирани за активностите на мојот „омилен“ министер за здравство, кој сега од САД ќе носи врвни лекари, потоа ќе испраќа наши доктори на специјализација, ама и инвестиции во идните слободни медицински зони! Ние не сме членка на ЕУ, кај нас нема неонацизам, ние имаме меморијален центар за холокаустот за Евреите кои бугарските „ослободители“ ги депортираа во Треблинка. А како суверена држава и, секако, поаѓајќи од нашите државни, национални и не знам какви интереси, имаме право да го следиме „големиот брат“. Ако не рамо до рамо, тогаш барем еден чекор зад него и така што ќе се воздржиме од гласање во ОН за Резолуцијата со која се осудува неонацизмот. Не изненадува што МРТВ, иако има дописник, не информирала за ова бидејќи МРТВ, во суштина, никогаш не стана вистински и професионален јавен сервис. Тоа што ме изненадува е фактот дека ниту патриотските новинари, а посебно што нивната прва дама која со своето „отровно перо“ во своите „убиствени“ колумни ги растура „Америте“, сега не прозборе за ова.

Уште повеќе ме изненадуваат оние „демократите“. Зар е можно да го преспале ова „автократско“ однесување на Владата и премиерот Груевски. Каде се тука на пример гемовците, па „Отворено општество“, па ред други демократски невладини организации, кои во суштина имаат еден заеднички именител. Финансиите, односно парите доаѓаат токму од другата страна на големата „бара“. Ама затоа е многу лесно и на едните и на другите со она типично балканско политикантство да се занимаваат со екстерното, пардон државниот испит за студентите.

За жал, како што напишав и во минатата колумна, 3 илјади студенти (од 58.000) сепак ја покажува ниската свест кај студентската популација за својата сегашност и иднина, односно далеку се од вистинска критична маса која може да смени нешто. Власта и овој пат со своите добри спин-доктори успешно го амортизира првиот бран од протестите. Премиерот преку телевизијата, која секогаш „прва дознава“, прво демонстрациите ги оквалификува како чисто партиски, секако на СДСМ, што не верувам дека е така. Тоа е метод кој мојата генерација добро го знае, а се викаше диференцијација. Само да потсетам на демонстрациите во Белград од 1968. Тогаш маршалот не ги прогласи студентите за антидржавни елементи, туку напротив рече дека тие се во право. Потоа преку таканаречената диференцијација се пресмета со студентските лидери професори.

Но, да се вратам во сегашноста. Премиерот не само што им залепи етикета на тие две-три илјади студенти туку истакна дека воведувањето на државниот испит не е нешто ново или не дај боже некаков си „хир“ на владејачкото мнозинство, туку такво нешто има во цел куп држави членки на ЕУ. И така со еден настап на премиерот екстерното, или сега преквалификувано во државен испит, доби „европско знаменце“.

Овие од зомби-опозицијата, освен што сега лутаат по внатрешноста од државата со бомбата во џеб и одвреме-навреме бараат оставки на министрите, друго не знаат. Се сеќавам во нивниот ЦК има една госпоѓа која водеше некаква невладина со многу звучно име Европско образование или нешто слично. Е каде е сега да одговори на премиерот дали е точно дека во тие држави кои тој ги наброи има државен испит. Ако има, дали е тој како што кај нас се замислува да се одржува – еднаш во втора и еднаш во четврта година. Точно е дека во некој држави има таканаречен државен испит. Велат во Франција е најригорозен, ама се полага по завршувањето на студиите и има голема, ако не пресудна улога во вработувањето, поточно во напредувањето на вработените без разлика дали станува за државни службеници или во приватниот сектор. И во некогашна Југославија имаше државен испит без кој не можеше да се напредува во платните разрези. И на оние самонаречени „демократски“ новинари, малубројни ама грлати, исто така не им текнува малку да посурфаат по интернет и да видат како е ова решено во државите кои ги наброи премиерот.

Кога зборуваме за образовниот процес, дали сите овие „демократи“ и „патриоти“ се прашале зошто кај нас има приватни основни училишта, иако со Уставот, член 45, тоа е забрането. Ако побарате одговор во Министерството за образование ќе ви одговорат дека тоа се прави со дозвола на Министерството и станува збор за експериментална програма. Браво! Не знам дека во која било европска држава се правело експерименти во образованието и тоа со деца од основното образование! Ама ако ги прашате на пример колку деца одат во вакви училишта, нема да добиете одговор бидејќи не знаат.

Работите си врват, а ќе помине и овој најнов проект на Владата што е во рамките на „Остваруваме“, разрез „Знаењето е сила, знаењето е моќ“. „Патриотите“ ќе го фалат до небо, „демократите“ ќе се дерат колку оваа Влада е недемократска и аворитарна. А кај нас вакво фолклорно разбирање на патриотизмот и на демократијата е добро платено. Тоа што идните студенти ќе си го платат цехот, тоа никого не го боли уво, како ќе заврши експериментот со приватните основни училишта ќе видиме. И да се вратам на почетокот, не можам да разберам како сме можеле да се воздржиме од гласањето за Резолуцијата на ОН со која се осудува неонацизмот. Иван Цанкар има една одлична новела која се вика „Слугата Јернеј и неговото право“.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com