МАКЕДОНИЈА – ЕУ ПО ЧЕТВРТИ ПАТ

Позитивниот извештај за Македонија и извештаите за другите аспиранти од Западен Балкан најмногу се „позитивни“ за Европската комисија

И така, четврта година по ред, добивме позитивен извештај од Европската комисија за напредокот на Македонија на нејзиниот долг пат кон Брисел. Секако, со позитивниот извештај по четврти пат од Европската комисија добиваме и препорака, во декември од Европскиот совет да добиеме датум за почнување на преговорите. За разлика од претходните три извештаи, во годинешниов има две битни новини. Европската комисија многу децидно ни кажа дека ако сакаме да станеме еден убав ден членка на Унијата, мораме пред тоа да го решиме апсурдниот спор со Грција околу името. И втората значајна новина е дека Европската комисија предлага да добиеме датум за преговори, а паралелно додека течат преговорите спорот ќе мора да се реши во „разумен рок“. Во спротивно, преговорите, односно процесот на отворање одделни поглавја, едноставно ќе биде замрзнат, а Македонија ќе биде ставена на некаков слеп колосек, кој сигурно нема да не’ одведе во Брисел. И да не заборавам, во извештајот на двапати е употребена придавката „македонски“, што, демек, претставува голема победа.
Кај нас сето ова беше прифатено, а и реакциите беа исти како и за претходните три извештаи. Власта, односно парламентарното мнозинство, веднаш овој извештај го прогласи како „најпозитивен“, а богами од толку многу удирање во гради како тие се најдобри, се плашам дека им помодреле градите. Опозицијата од петни жили се труди да ги најде сите слабости и во секоја пригода тоа гласно да го пласира во јавноста. Еден мал добронамерен совет до опозицијата. Бидејќи за 28 овој месец се подготвуваат да го одржат својот „најголем“ „најдобро организиран“ и уште не знам што „нај“ протест, нека пазат да не зарипнат наоѓајќи мани во извештајот. На протест кој треба да биде „нај“ гласните жици и тоа како се потребни, на протест не се оди со ларингитис.
Во суштина, позитивниот извештај за Македонија и воопшто извештаите за другите аспиранти од регионот Западен Балкан најмногу се „позитивни“ за Европската комисија и воопшто за Европската унија.

Унијата (сега закитена и проширена со Нобеловата награда за мир), која се среќава со голема должничка криза, со овие извештаи како на домашната така и на светската јавност и’ покажува дека тие не се откажале од идејата и политиката на проширување, односно како што симболично има речено Де Гол „Европа од Атлантикот па се’ до Урал“. Понатаму, Европската унија токму преку извештаите и сето она што следува по нивното објавување, пред се’ во државите аспиранти, покажува дека оваа идеа се’ уште е атрактивна во тие држави, а посебно кај политичките елити, односно посредно ги јакне центрифугалните сили и идеи кои водат во федерализација на самата ЕУ. Токму преку извештајот за Македонија, посебно Европската комисија, а секако комесарот Филе, задоволно тријат раце. Сега ЕК се афирмира дека тие знаат и умеат како еден спор кој го блокира процесот на проширување да го тапацираат, односно се наметнуваат како значаен субјект кој може да решава отворени проблеми кои на овој или на оној начин се во нивниот европски двор. Посебно е задоволен еврокомесарот Филе, кој беше и автор на механизмот „претпристапен дијалог на високо ниво“ преку кој Македонија на само што четврти пат добива препорака, туку во исто време се нуди и еден паралелен механизам преку кој, од една страна, се добива датум за преговори, а се поставува и некаква временска рамка „разумен рок“ за решавањето на спорот кој го блокира процесот на проширување и членството на Македонија во ЕУ.

Не треба да изненади дека сега кога успешно беше тестиран во Македонија овој механизам на дијалог на високо ниво нема да биде употребен и кај некои други држави аспиранти. Комесарот Филе на прес-конференција не заборави да спомене дека Грција како членка на ЕУ, која се среќава со многу сериозни економски и должнички проблеми, со Меморандумот покажала дека таа сериозно е заинтересирана за европската перспектива на регионот. Не треба да сте некој од безбројните „домашни експерти“ по дипломатија или меѓународни односи, па да разберете на чие позитивно конто оди оваа изјава на комесарот Филе и тоа токму во тие паралелни процеси на преговори за членство во ЕУ и решавањето на спорот со името.

Да се вратиме повторно на домашната сцена. За жал, четвртата година по ред ниту власта, а уште помалку опозицијата не научија како да го читаат извештајот и останаа на ниво на билдање на сопствените рејтинзи. Во овие извештаи барем за нас обичните смртници е битен само еден факт: Има ли препорака или нема, односно дали ќе добиеме датум или не. Никој не може да го негира фактот дека оваа Влада и по четврти пат добива позитивен извештај, ама секоја одговорна Влада многу повеќе внимание ќе посвети токму на оние подрачја кои стојат како забелешки од ЕК и пред јавноста ќе излезе со конкретни мерки тие забелешки што побргу да се надминат. Секоја одговорна опозиција наместо со шублер да ги мери тие забелешки и врз тоа да се обидува јалово да го билда својот рејтинг, без лажна скромност, но и без претерување, би го истакнала својот придонес во процесот на евроинтеграциите, а наместо критизерство би понудила свои видувања како да се надминат забелешките. Во Хрватска во текот на преговорите токму така настапуваа и опозицијата и власта. Дури опозицијата знаеше многу често да застане зад некоја одлука или потег на Владата која не беше прифатена со симпатии од ЕУ или некоја нејзина членка.

И кога сме кај опозицијата и нејзиното место во општеството, деновиве слушнав многу точна оценка, ја цитирам во целост: „Овој народ со ваква опозиција треба да биде загрижен за својата иднина“. Постарите читатели на нашиот „Утрински“ препознаваат дека станува збор за парафразирање на една мисла на Маршалот. И така сега останува да го чекаме декември. Ако добиеме датум и плус „разумен рок“, нема да ме изненади власта да организира триумфално чекорење низ Портата „Македонија“. Ако Грците по четврти пат не’ блокираат, опозицијата со сите институционални демократски и уште не знам какви механизми, многу гласно ќе бара заедно со локалните во март и парламентарни избори… и ќе изгубат. А онаа група „новинари патриоти“ по скопските зелени пазари ќе бараат некојси „нов Фуере“ со дечко од Дебарца… Жалосно.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com