МАКЕДОНИЈА-ДРЖАВА ИЛИ ХИБРИД

Вашингтон и Брисел ќе сторат се (запазувајќи сепак легалност и легитимност) актуелните политички елити да заминат прво од политичката сцена а потоа за нив ќе одлучува богињата Јустиција. Односно странците нема сигурно „со сила“ да ја урнат актуелната влада и да ја инсталираат на власт опозицијата

Откако пред десетина дена претседателот Иванов ни обелодени дека никој не нè сака и сега сме сираци од најзабитиот крај на Европа наречен Западен Балкан, сега останавме и без институции откако Специјалната Јавна Обвинителка Катица Јанева јавно се посомнева во легалноста при изборот на Претседателот, Собранието Уставниот суд. Со други зборови од држава и државните институции кај нас нема ниту „Д“?! А богами ова не е далеку од вистината. Имено ние се повеќе личиме на некаков хибрид помеѓу држава и протекторат во кој барем засега полу дискретно го управува Вашингтон во соработка со Брисел која најдобро се манифестира преку мачките на свежо „декорираниот“ Офицер во Кралскиот ред господин Питер Ванхауте.

И веднаш по изјавата на Јанева зовре. Прво реагираа од кабинетот на Иванов, нормално со целосно отфрлање на ставовите на Јанева. Власта поточно пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ изјавата ја оцени како многу опасна за сувереноста на државата односно беше речено „Јанева работи Македонија да стане протекторат“. И замислете бидејки Собранието не може да ја смени Јанева (тоа може да го направи само Советот на Јавни Обвинители) пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат Јанева да се извини на македонскиот народ и на сите граѓани на Република Македонија. Навистина се прашувам од кога ако некој свесно работи против државата и го поткопува државниот суверенитет, со едно извинување може да ја поправи штетата. Токму ова барање (за извинување) на владејачкото мнозинство покажува дека се свесни за својата одговорност на кое дереџе ја донесоа државата иако тоа јавно нема да го признаат. Ама како да заборавија дека тие гласаа за Јанева и дека на почетокот лидерот на партијата Груевски јавно изјавуваше дека Јанева е заеднички предлог и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, иако и мачките на Ванхауте знаат кој го наметна формирањето на СЈО и кој ја избра Катица Јанева. Патем барем јас изјавата на Катица Јанева јас ја разбирам невешто изразен драматичен апел за поддршка на нејзината работа и институцијата која ја предводи. Госпоѓата Јанева само пред тоа што го кажа да ја додадеше фразата „има сомнеж“ немаше да може никој да и забележи. Ама што би рекол градоначалникот на Карпош Јакимовски на Катица Јанева „можат да и плукнат под прозор“. Сетете се кој седеше до госпоѓа Јанева? Неговата екселенција Амбасадорот на САД, Џес Бејли. Е богами сликата беше навистина „историска“. Во центарот амбасадорот Бејли (кој фактички и ја организира конференцијата) десно Јанева лево Зврлевски иако добро знаеме дека токму Зврлевски јавно изјави дека СЈО е неуставна и незаконска институција. Ама кога ќе те „покани“ Бејли нема бегање.

Дека со „америте“ не е добро да се „закачаш“ го видовме и преку типично фолклорниот обид на „Вест“ кој пренесе колумна објавена во „Вашингтон пост“ потпишан од американец експерт за односи со јавноста, (не е новинар на весникот) дека Вашингтон за време на последната посета на Груевски како премиер му изразил целосна поддршка. И веднаш ете ти краток јасен и скоро без дипломатски јазик демант од кај Калето односна Амбасадата на САД во кое се вели. „Соединетите Американски држави не поддржуваат кандидати за избори во други држави. Македонија не е исклучок“. Е ај сега тој платен лобист повторно во Вашингтон пост нека го демантира американскиот амбасадор Бејли.

Како и да е работите сепак одат според некој тек кој како што и во мината колумна напишав го испланирале пред се во Вашингтон и малку во Брисел. Но тоа е едната страна во оваа политичка криза. Во суштина се повеќе е јасно дека за меѓународната заедница проблемот на ова наша западно балканска државичка не е опозицијата која не ги призна последните парламентарни избори, но не е ниту ВМРО-ДПМНЕ како партија. Проблемот она што го викаме „фамилијата“. При тоа не мислам само на родбински врски туку пошироко на актуелното водство на ВМРО-ДПМНЕ.  Вашингтон и Брисел ќе сторат се (запазувајќи сепак легалност и легитимност) актуелните политички елити да заминат прво од политичката сцена а потоа за нив ќе одлучува богињата Јустиција. Односно странците нема сигурно „со сила“ да ја урнат актуелната влада и да ја инсталираат на власт опозицијата. Скоро сум сигурен дека и Груевски и неговите најблиски соработници тоа го знаат односно чувствуваат. За жал Груевски ништо не научил од историјата на својата партија и менторот кој го донесе на чело на партијата господинот Љубчо Георгиевски. Сега, Груевски и фамилијата се обидуваат со сите можни начини и методи (кој често се далеку од легалноста и легитимноста) да спасат тоа што во суштина веќе не може да се спаси, сопствената кожа (ова го мислам во политичка смисла почитувајќи ја презумцијата на невиност) Па затоа имаме организирани „масовки“ кои демек претставуваат некаков „отчет“ со комични сцени кога пензионери му се заблагодаруваат на Груевски за жичари и можности за скијање. Понатаму имаме една диригирана најцрна кампања против Катица Јанева и СЈО. Па некакви „холивудски“ заплети и расплети во смисла дали бил издаден налог за интервенција на полицијата во Централниот Регистар или СЈО и Катица тоа го направиле на „своја рака“. Па одеднаш нашиот северен сосед го апси Далаверски па дома ја приведуваат сестрата и браќата на Чауш познат од аферата „фалц“ лични карти и така натаму. Во овој момент дури не сум сигурен дека Груевски нема да ја направи и најголемата грешка ако сепак на 5 јуни отиде на избори без целосно прочистен избирачкиот список кој ќе биде признат како од опозицијата така и меѓународната заедница. Проблемот е во тоа што за ваквото однесување на Груевски и фамилијата тука ја вклучувам и ДУИ односно нејзиниот партискиот врв сметката ја плаќаме ние граѓаните, Ама граѓаните „Трпе и Трајче“ веќе 25 години трпат и молчат иако политичките елити кои наместо државата и граѓаните да ги водат напред се повеќе тонеме во живиот песок гледано од аспект на владеење на правото и правната држава функционирање на институциите демократијата и човековите права па се до економската состојба односно сиромаштијата.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com