ЛУД И … ЗБУНЕТ

Министерот Ставрески со леснотија и аргументирано го брани предложениот буџет

Навистина се прашувам како Грција, која е позната само по производство на „фета“ и квалитетно маслиново масло и тука горе-долу завршува нејзиното индустриско производство гледано во поширок европски контекст, успеа да го доведе во прашање еврото, односно целокупната монетарна политика на Европската унија. И згора на тоа, Грците кој знае по кој пат во по новата историја ја покажаа својата итрина, така што сега Европа повторно ги спасува. Мене ова ми личи на онаа позната приказна (или виц) за лудиот кој го „онаквел“ збунетиот. Во овој пример збунетиот е Европа и тоа не за прв пат. Арно ама, ова е „внатрешно“ прашање на ЕУ, а Грција е нејзина полноправна членка така што јас немам право да го подучувам Брисел до кога ќе биде „збунет“.
Затоа да се задржиме дома. Неделава опозицијата го обвини претседателот на Собранието дека најгрубо го крши Уставот и Деловникот на Собранието со тоа што за седницата закажана за 5 декември не го ставил на дневен ред предлогот на закон поднесен од опозицијата, а се однесува на решавањето на статусот на стечајците. Бевме сведоци како претставниците од сите опозициски парламентарни групи се изредија на прес-конференцијата, со обвинувања дека претседателот на Собранието го крши уставот Деловникот, дека на најгруб начин ја замолчува опозицијата, дека е послушен војник на Извршниот комитет на владејачката партија. Сериозни обвинувања, ама ако се вистинити. Имено, според Деловникот претседателот на Собранието е должен во рок од дваесет дена секој закон доставен до пратениците да го стави на дневен ред на пленарна седница. До денеска се поминати само 4 дена од овој рок. Патем, на веќе закажаната седница за 5 декември на дневен ред има два закона кои ги поднесе опозицијата, што е уште еден доказ дека претседателот го почитува Деловникот и со ништо не ја злоупотребува својата функција и го задушува едно од основните права и принципи на парламентарната демократија. Токму со актуелниот претседател се направија измени на Деловникот со кои се зацврстува институционалната положба на опозицијата

И уште нешто, на идната седница на Собранието закажана за 5 декември на самиот почеток кога се утврдува дневниот ред опозицијата има право да предложи на дневниот ред да се стават нивните закони. Претседателот, според Деловникот, овој предлог мора да го почитува и да го стави на гласање и со тоа неговата должност завршува. Понатаму, за ова одлучуваат сите присутни пратеници со притискање на зеленото или црвеното копче. Кога се нема аргументи и кога сте тенок со вистински идеи и предлози, кога тешко ви оди креирање на соодветни политики тогаш е најлесно да се обвинува без да имате и еден аргумент, туку со политикантство.

За жал, не е само и во овој пример. Ако ги гледате редовните расправи на комисијата за финансирање и буџет можете многу лесно (и да не сте економист) да забележите со каква леснотија и аргументирано министерот Ставревски го брани предложениот буџет, особено кога станува збор за основната филозофија и цел на секој буџет, бидејќи опозицијата повторно напаѓа со аргументи на дневната политика. И да се вратам на нашиот виц од почетокот: нашава опозиција со ваквото однесување дури и го надминува примерот со ЕУ и Грција. Во суштина, таа самата ги игра двете улоги од вицот.

Некако во овој правец се приближува и нашиот министер за здравство. Откако се фати да го средува проблемот со бубашвабите и другите домашни животинчиња сега пред камерите и јавноста ни го откри хоророт од нервното одделение во Штипската болница. И ете ги презема работите во свои раце и веднаш донесе одлука пациентите од нервно да се префрлат на инфективно, што би рекол народот во заразното, кое по правило во секоја болница има најстрог режим. Врз кои правилник или медицински протокол еден министер било каде во Европа може да донесе ваква одлука?!

Да биде се во духот на споменатиот виц, нашиот министер не е лекар туку правник. Се прашувам дали актуелниот министер ја прочитал изборната програма на својата партија и делот кој се однесува на здравството. Дали го заборавил документот за отчетност на направеното. Дали заборавил дека неговиот претходник со кој тој седеше во Владата само во друга фотелја (образование) беше еден од најпопуларните министри, а премиерот неколку пати јавно тоа го истакна. Вака изгледа дека актуелниот амбициозен министер за здравство сето ова го заборавил. Односно ни открива една катастрофална состојба во здравството, ама и во неговото министерство, бидејќи ете ниту за сто дена не успеал да ги среди неговите инспекциските служби, па сега тој врши санитарни контроли. Ама не треба да се секираме. Тој е тука и лично ветува дека ќе направи ред и поредок. Не знам дали забележувате дека како неговиот претходник и тој не се симнува од ТВ-екраните… што значи дека ете прифатил и научил нешто што оставил неговиот претходник.

И сега што имаме заедничко во сето ова со нашите јужни комшии. Реално ништо. Нивниот цех го плаќа цела Европа, кај нас сите тоа го знаеме и чуствуваме.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com