ЛОША КОЗМЕТИКА И БАЛКАНСКА ФАРСА

Колку акциони планови има донесено Владата во последниве десет години, колку резолуции има донесено Собранието, а се однесуваат на остварувањето на забелешките кои и сега ги има во извештајот на Прибе

КаКако што во моментов стојат работите кај нас, се’ повеќе наликува на онаа народната за лудиот и збунетиот. Притоа „збунети“ сме ние граѓаните кои речиси дваесет и пет години стоички ги трпиме нашите политички елити. Со тоа што овие сега актуелниве (притоа мислам, пред се’, на власта, но и на опозицијата која активно учествува во сето ова) тоа го донесоа на ниво на некаква политикантска „Кама сутра“.
Само погледнете што се случуваше на последните средби и преговори меѓу лидерите на политичките партии. Прво се договорија дека договореното треба да се почитува, додека на последната средба се договорија дека разговорите мора да продолжат. Понатаму по она „бомбастично“ најавување на Заев дека по „бомбите“ Груевски со наведната глава ќе си оди, сега некои медиуми од „сигурни“ извори дознаваат дека „речиси“ е договорено во ноември да се формира некаква преодна влада во која ќе влезат сите четири партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА), а во јануари Груевски си заминува од функцијата премиер. И тоа заминување демек ќе биде „регулирано“ со измени на законот за избори според кои се предвидува во иднина четири месеци пред избори лидерот на партијата која е на власт да не може да биде премиер. Ако го додадеме и предлогот за врзани потписи на таканаречените „фластер“ министри, навистина не треба да се биде експерт, аналитичар или не знам што, па да стане јасно дека актуелните политички елити веќе ја надминуваат политичката лудост и влегуваат во некаква шизофрена состојба.

Зар не е „шизофрено“ кога лидер на партија вели дека не го признава овој суд, дека нема да оди на судските рочишта, нема да ги почитува судските наредби и сето тоа го објаснува со тоа дека целиот процес е политичка монтажа зад кој стои Груевски како премиер.

Дали сега секој кој, на пример, ќе добие обвинение за мито, корупција, затајување данок и слични кривични дела, едноставно ќе рече „јас овој суд не го признавам“. Патем, ова е познатата изјава на Маршалот пред судот во Загреб некаде на почетокот од триесеттите години на минатиот век. Ако ги додадеме и сите „испукани бомби“, тогаш каде е логиката Заев директно да преговара со таков премиер и лидер на партија.

Од друга страна, Груевски во секоја прилика не пропушта да го обвинува лидерот на СДСМ дека е предавник, дека работи против интересите на државата, плус е корумпиран. Ако е тоа така, како може, пред се’, како премиер да преговара со ваков политичар!?

Во оваа лудост ние како граѓани токму поради нашата „збунетост“ дозволивме да бидеме поделени, како по етничка, така и по партиска определба. А потоа ставени во „трлата“ на политичките лидери не’ шетаат во кампови пред Влада или пред Собрание.

Во суштина, досега нашите лидери (Груевски, Ахмети, Заев и Тачи) со ништо не покажаа дека сакаат нешто да сменат. Кога велам „да сменат“, мислам исклучиво на системот и политичката реалност во која живееме. Но, затоа и со нозе и со раце се борат едните да ја зачуваат власта, а другите да ја освојат.

Уште во минатата колумна го поставив прашањето дали Груевски, Ахмети, Заев и Тачи го прочитале и го разбрале извештајот на Рајнхард Прибе, односно на ЕК. Дали некој барем изброил колку акциони планови има донесено Владата, во последниве десет години, колку резолуции има донесено Собранието, а сите се однесуваат токму на остварувањето на сите тие забелешки, или бенчмаркови кои ги има во извештајот на Прибе. Од владеењето на правото и функционирање на правната држава, па се’ до слободата на изразувањето и на медиумите. И секогаш, а се плашам и овој пат, најновиот акционен план на Владата ќе заврши со лоша козметика, односно балканска фарса.

На пример, една од најголемите „фалинки“ на нашиот парламентарен систем е фактот дека ние успеавме како преку изборниот закон така и со помош на „бесконечно растеглив“ избирачки список, парламентарната демократија да ја сведеме на бипартизам. Досега, ниту од власта ниту од опозицијата не слушнавме ниту збор за промена на изборниот закон. За волја на вистината, пратениците Лилјана Поповска и Павле Трајанов како лидери на две мали партии поднесоа предлог за измени и дополнувања на сегашниот Закон за избори, но не помина кај мнозинството.

Инаку, најблаго речено, предложените измени барем за мене беа подготвени многу површно и речиси со ништо не ги подобруваа сегашниот изборен модел и практика големите партии преку предизборни коалиции да ги соберат малите партии под својот чадор, односно да се надмине парламентарната бипартизација. За жал, од опозицијата не слушнавме ниту збор во кој правец ќе одат тие измени освен што одвреме-навреме од некои „експерти“ ќе слушнеме дека е потребно да се воведат таканаречени отворени листи и ете проблемот е решен!!!

Како и да е, ако го следевте последното интервју на британскиот амбасадор кај нас, господин Чарлс Герет, човекот во духот на класичната британска дипломатија ни кажа се’. Потсетувајќи ги политичарите (без разлика дали се на власт или во опозиција) дека тие се пред се’ и над се’ во служба на граѓаните, амбасадорот Герет многу јасно кажа дека тие треба, пред се’, да бидат одговорни и да работат во интересите на граѓаните и државата. За жал, нашиве оваа основна лекција никогаш во овие 25 години не ја научиле. Токму затоа ЕУ денеска изразува голема загриженост за Македонија, па затоа грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас минатата недела љубезно и слаткоречиво ни ги плесна Копенхашките критериуми и за жал, беше во право. Е па, од ова појасно здравје.

И нормално, сега се поставува прашањето како ќе заврши сето ова. Ние можеме до април колку што сакаме да го „рамниме теренот“ (како што велат некои експерти) и да се создаваат услови за демократски избори. И кој ќе победи на тие избори. Мое мислење е дека ќе победи „системот“ кој се создава ете речиси четврт век.

Барем за мене не е веќе битно дали ќе победи Груевски или Заев ако целокупниот систем на владеење остане ист. Ако поделбата на патриоти и демократи и понатаму остане иста, ако се смени генералниот на МРТВ и одговорните уредници, ама не и уредувачката политика, ако демек се воведе некаков предизборен мораториум на владините реклами, а не се воведе скандинавскиот модел воопшто да нема владини реклами.

Мислам дека на сите ни е јасно дека за промена на системот треба време, тоа не’ учи историјата поблиска и подалечна. Но, времето само по себе не менува ништо. Односно да ја искористам вчерашната колумна на колегата Љупчо Поповски кој го цитира Абрахам Линколн во оние судбоносни денови за Америка кога изјавува: „Ти не можеш да избегаш од одговорноста за утрешнината со тоа што ќе ја заобиколиш денеска“. За жал, нашиве политичари едни повеќе, други помалку, тоа го прават веќе 25 години. А ние како граѓани не само што стоички ја трпиме политичката лудост, туку и масовно им ракоплескаме и ги гласаме овие политичари. Е па сега, се прашувам дали покрај збунетоста ние полека како граѓани не стануваме политички мазохисти. За жал, со тоа сите заедно се’ повеќе си ја трошиме иднината.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com