ЛЕКЦИИТЕ НЕ ГИ НАУЧИВМЕ, ВО 2013 ЌЕ НИ ТРЕБА СРЕЌА

Ако во една држава има сериозна политичка криза, како што е сега кај нас, ниту ниската задолженост ниту високото место на листата за „Дуинг бизнис“ нема да ви помогне да дојдат странски инвеститори

На крајот на далечната 1982 година како дописник од Словенија на старата „неребрендирана“ МРТВ присуствував на традиционалниот новогодишен прием за новинарите, кој го правеше републичката влада. Тогашниот претседател на словенечката влада обраќањето до нас новинарите го започна со зборовите: „Годинава што завршува беше тешка, идната 1983 ќе биде уште потешка“. Секако дека овие негови зборови ги ставив во „главата“ на мојот извештај и го испратив до Радио Скопје. Само 10 минути подоцна по телефон ми се јави еден од „големите“ уредници и со повишен глас ме праша зошто ширам дефетизам. Бидејќи секогаш сум го бранел професионалното во новинарството, а богами и јас сум со „краток фитил“ со исто така повишен глас му одговорив дека тоа не се мои зборови, туку на претседател на републичка влада, и го завршив разговорот.
А богами 1983 беше тешка… бензин купувавме со бонови, самопослугите полупразни, иако немавме визи сојузната влада ни „опна“ такса за излегување од државата и така натаму… Секако ќе се прашате зошто оваа ретроспектива… па ние само што зачекоривме во 2013 година. Точно и тоа со голем оптимизам за бериќетна година, што во новогодишните честитки ни го испорачаа првите луѓе во државата.

Во Европа државниците на своите сограѓани во своите новогодишни честитки отворено им навестија дека 2013 ќе биде уште потешка од старата година. Германската канцеларка Ангела Меркел, која годинава ја чекаат и избори, храбро изјави дека економските услови во оваа година ќе бидат позаострени од ланските. Тоа не смее да не’ уплаши, туку мора да биде предизвик да ги продолжиме реформите кои покажуваат резултати, вели госпоѓа Меркел и ги повикува граѓаните да бидат трпеливи. Во исто време, Меркел побара и владите на државите членки на ЕУ да ги продолжат реформите и доследно да го почитуваат таканаречениот „фискален договор“ кој стапи на сила од 1 јануари (само Велика Британија не го потпиша) и кој меѓу другото налага строго ограничување на буџетскиот дефицит. Банката на Германија во своите анализи предвидува дека стапката на пораст на германската економија ќе биде околу 0,4 проценти, иако владата на Меркел скромно предвиде само 1,6 процент. Словенечкиот претседател Борут Пахор (социјалдемократ) исто така порача дека кризата продолжува, ама „не е нерешлива“ повикувајќи се пред се’ на капацитетот и стрпливоста на секој граѓанин.

Горе-долу новогодишните пораки на сите челници во Европа се во тој дух. Факт е дека мерките кои ги презема ЕУ и секоја нејзина членка покажуваат резултати, но останува отворено прашањето колку кај членките на ЕУ има политичка волја за натамошни реформи на самата ЕУ, пред се’ како што тоа го предлага директорот на Европската централна банка Марио Драги, политички прогрес кој ќе води во банкарска унија и еден вид на фискална унија. Бидејќи тоа значи натамошно откажување од националниот суверенитет во право е директорот на ЕЦБ кога вели дека за ова треба моќна политичка волја. Европа е загрижена и од Кина која најави помала динамика на пораст на БДП што значи и помал извоз од ЕУ во Кина. Во исто време берзанските аналитичари навестуваат дека на финансискиот пазар повеќе ќе се тргува со хартии од вредност кои ги издаваат државите (обврзници), а помалку со акциите.

И ете во една таква Европа која е наша стратешка цел ние влеговме во новата година со голем оптимизам. Буџетот го донесовме, ќе има пензии, ќе има плати за буџетарите, за социјалните трансфери… ќе има пари за капитални инвестиции, невработеноста која, демек, падна под 30 проценти ќе се намалува и така натаму… Ама ниту збор за сериозната политичка криза. Опозицијата, како што навестува, останува на улица наместо во парламентот каде што е во секоја нормална држава. Некои ќе речат виновна е власта, бидејќи на сила ги исфрли од парламентот; други ќе речат виновна е опозицијата затоа што со сила сакаше да го блокира работењето на парламентот. И сега меѓу овие две вистини, кои за жал, се’ повеќе не’ делат и нас граѓаните како да сме стадо овци, кое ќе можете да му го продадете на странците, па без разлика дали станува збор за странски инвеститор или на ЕУ и НАТО. Странците ја гледаат целата слика, а таа е сериозна политичка криза. Ако во една држава има сериозна политичка криза, ниту ниската задолженост ниту високото место на листата за „Дуинг бизнис“ нема да ви помогне да дојдат странски инвеститори. Ако некој мисли дека во ЕУ, дури и оптимистички расположениот комесар Филе, нема да се прашаат дали Македонија хронично пати од недостиг од демократски капацитет за решавање на внатрешните прашања, тогаш најблаго речено живееме во голема заблуда. И што можеме сега да очекуваме бидејќи нашите политички елити се вкопани во своите ровови, едни во институциите други на улица, неспособни да го започнат дијалогот, а треба да се има предвид дека не’ чекаат локални избори. Мислам дека повторно ќе гледаме стари „филмови“. Странците наместо инвестиции ќе донесат олеснувачи кои ќе го одработат своето, при што за очекување е и онаа булдожер-дипломатија која ја воведе веќе починатиот Холбрук. А богами нема да ме изненади ако со локалните во март, се одржат и парламентарни избори што навистина ќе биде многу лошо, бидејќи тоа значи дека минимум првите четири месеци од годинава ќе ни отидат во политикантски игри.

Некој ќе ми забележи дека повторно како во далечната 1982-83 ширам дефетизам, но што да одговорам кога ние сме народ кој знае само да создава историја, ама ниту малку да научиме од неа, па затоа ни треба среќа во новата 2013 година.

(Авторот е државен службеник и изразува свои лични ставови)

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com