КРИВО ЗАСАДЕНО-КРИВО ЌЕ РАСТЕ

Кога во Словенија беше откриена коруптивната афера „Патрија“ за набавка на борбени возила, во која беше вмешан и експремиерот Јанез Јанша, никој не помисли да спомне дека ќе се нарушат добрите односи со Финска

Овој месец на 27 април се навршува една година од осмите парламентарни избори и веќе една година ние живееме со бојкот на Собранието од страна на опозицијата. И како ова да не ни е доста четири месеци живееме со „бомбите“ на Заев, односно со масовното прислушување. Според СДСМ и нивниот лидер, тоа го правела Владата со единствена цел да ја задржи власта и сите оние бенефити и привилигии, односно незаконско богатење на релативно тесен круг луѓе од врвот на сметака на граѓаните. Според владата, поточно ВМРО-ДПМНЕ, прислушувањето го правела странска служба заедно со осумничените од аферата „Пуч“, меѓу кои е и Заев, кој сега со тие „незаконски и креирани материјали“ ја урива државата, го урива тешко стекнатото пријателство со Кина и со Израел изразено преку „дисконт“ на цената за автопатите и израелски „донации“ за полицијата.
Кога во Словенија од страна на новинарите беше откриена и објавена познатата афера „Патрија“ (набавка на борбени возила од Финска за словенечката армија) никој не рече дека тоа е издавање на државна тајна, уште помалку дека се рушат пријателските односи со Финска. Уште помалку беше спомената донација или дисконт, туку се зборуваше за мито. Епилогот беше затворска казна за експремиерот Јанез Јанша поради примање мито. Понатаму, примерот со Белгиецот Вили Клас, кој мораше да ја напушти функцијата генерален секретар на НАТО зато што обезбедил „донација“ при купување на италијански борбени хеликоптери „аугуста“ додека бил министер во белгиската влада. Клас доби тригодишна условна казна затвор и петгодишна забрана за каков било политички ангажман.

Ама, тоа се сепак држави каде што за разлика од кај нас има владеење на правото. На целата јавност и’ стана навика да функционира од една до друга бомба на Заев, од еден до друг митинг на Груевски. Онаа мала група од ГДОМ, меѓу кои најгласен е оној познат „новинар патриот“ кои ужива да беси слики, за докрај да ја заокружат оваа бизарност, собира потписи за некаква петиција со која Заев ќе биде прогласен за предавник. Што се однесува до оној љубител на „бесење на слики“ се надевам дека ова му е неговата „лебедова песна“ како „новинар“, а на другите членови на ГДОМ им предлагам уште еднаш да си го прочитаат отвореното писмо на професорот Нестор Огинар.

Само кај нас со вакво ниво на политичка култура може да се случи „спонтано“ да се собираат потписи од граѓани со кои некого го прогласувате за предавник. Нема да ме изненади ако сега се продолжи со проширување на листата на предавници. А ако се следи оваа моронска логика на ваквите „патриоти“ тогаш дали амнестијата на хашките предмети ќе биде патриотски чин или предавнички. За мене лично амнестијата на Хашките предмети не е ниту патриотски ниту предавнички чин, туку само типичен политикански договор на двајца партиски лидери и тоа пред се’ за нивна лична политичка корист. Договор, со кој најгрубо се урива владеењето на правото и се крши не само Уставот и законите, туку и принципите на меѓународното право.

Уште по донесувањето на Уставот на Република Македонија јас трубам дека со него, најблаго речено, се стеснаа индивидуалните и колективните права на Албанците кај нас што ги имаа со Уставот од 1974 година. Ако пред последните локални избори токму овде напишав дека не ја прифаќам тезата „Кичево не го даваме“ (демек на Албанците), како тоа да не се наши сограѓани, имам право и да кажам дека амнестирањето на Хашките предмети и тоа преку една крајно иссилена процедура е против интересите на сите граѓани.

За жал и сега кога се објавија телефонските разговори од кои „наводно“ се гледа дека и најблиските соработници и министри на Груевски се против амнестијата на Хашките предмети преку механизмот автентично толкување на Законот за амнестија, се продолжува со тоа наше фолклорно политиканство. ВМРО-ДПМНЕ преку навистина „недоквакани соопштенија“ сака ваквото политиканско однесување да го „оправда“ како некаква обврска која произлегува од Законот за амнестија. И да биде ова „поубедливо“ се пласира листата од гласањето во Собранието. Патем, листатите се јавни и секој може да ги види како што може да види кој од ВМРО-ДПМНЕ го „ескивирал“ гласањето за затворањето на Хашките предмети. Но, притоа се заборава дека во Законот за амнестија многу јасно пишува дека тој не опфаќа случаи каде што има сомнеж за кршење на хуманитарното или военото право.

И сега се поставува прашањето кого брани ВМРО-ДПМНЕ со митинзите низ државата, што бранат трибините на ГДОМ, па се’ до последното недоквакано соопштение? Себеси како партија која (барем јас така мислам) се’ уште има мнозинска подршка кај избирачкото тело или пак положбата на лидерот. Се прашувам дали нема никој во највисоките органи на партијата кој ќе му рече директно на Груевски дека лидерската позиција не може да биде над партиските интереси кои биле артикулирани преку програмата која добила мнозинска подршка од избирачкото тело.

Во Европа има цел куп примери кога заради објективна одговорност лидерот на партијата, а во истовреме и премиер, си заминал а сепак партијата ја задржала својата позиција. Вили Брант немаше никаква лична вина што секретарот на неговиот кабинет работеше за източногерманската тајна служба. Но како личност со широка политичка култура и огромно чувство за објективна одговорност си даде оставка и на државната и на партиската функција. Но, има и примери као што беше со Јанез Јанша, кој кога беше осомничен за корупција не сакаше да си даде оставка а на негово место да дојде друг од неговата партија како што предлагаа останатите коалициски партнери. Тогаш токму коалициските партии на Јанша ја срушија неговата владата, а на предвремените избори неговата партија изгуби и денеска е во опозиција.

Како и да е сето ова што ни се случува во суштина е процес кој започна од осамостојувањето па до денес. Процес кој секоја политичка партија, поточно политичките елити, само го надградуваа и прошируваа, пред се’ во сопствена, најчесто лична корист. Со сето ова успеавме како држава и општество според сите релевантни меѓународни критериуми да не’ ставаат во групата на делумно слободни држави каде што нема вистинско владеење на правото. Држава во која демократијата и демократските процеси се стеснуваат на сметака на партиските алаш-вериш договори. Држава во која наместо слобода на изразувањето имаме строга поделба на самонаречени новинари и медиуми патриоти и исто така самопромовирани новинари и медиуми демократи, а во суштина и едните и другите се далеку од новинарските стандарди. Држава во која главниот град со споменици, барокни фасади и галии го направивме европски шампион на кичерајот. А во истовреме станавме држава која според сиромаштијата е меѓу трите држави од европското дно. За жал, вакви или слични надреалистички сцени и настани и тоа во еден многу краток историски период, кои и Буњуел тешко ќе можел да ги создаде во својот филмски опус, изгледа не допираат до сите нас како граѓани. Затоа е во право Арсим Зеколи кога во колумната од понеделникот вели дека оваа состојба не производ на актуелните политички елити тука нашите „сопствени гревови“, кои како граѓани ги правиме уште од почетокот кога го започнавме создавањето на државата. А како што вели народот дрво што расте криво не можеш да го исправиш со кроење на гранки туку, едноставно, треба да го откорнеш.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com