„КРИВИТЕ“ КРАСТАВИЦИ НА ИСЧАНЧЕНАТА ПОЛИТИКА

Агенцијата за безбедност на храната не’ убедува дека на домашниот пазар нема загадени корнишони, па излегува дека фамилијата на Заев, сепак, мислела на здравјето на своите сограѓани

Бидејќи нашите политички елити (власт и опозиција) ја сметаат политиката исклучиво како алатка како да се дојде на власт, а потоа колку што е можно подолго да се остане, тогаш во таа политика нема вредности, нема идеологија нема визии и смели чекори за промени. Нема вистинска транспарентност, но имате „Отчетност“, која е во функција на груба индоктринација. Немате политички дијалог, туку тотална политичка пресметка. Но, она што е најстрашно е дека со ваквата исчанчена политика се „убива“ граѓанинот сфатен како „zoon politikon“ уште од Аристотел.

Бидејќи наскоро ќе имаме избори (претседателски редовни, а се шушка и парламентарни), актуелните политички елити (власт и опозиција) повторно се „свртуваат“ кон нас, граѓаните. Па така го слушнавме предлогот на опозицијата дека ќе ни враќаат 15 проценти од ДДВ. Со ова, од една страна, ќе се јакнела средната класа, а во исто време сите ние ќе станеме своевидни даночни инспектори, односно, конечно, ќе профункционира и буџетот ќе се полни од ДДВ. Откако овој предлог го оцени како неизводлив и демагошки (што е точно), власта понуди свој. Имено, поучени од успехот на лотаријата за вработување, сега ни нуди „Бинго“. Ќе треба да собираме фискални сметки и кога ќе собереме 20, без разлика што сме купувале, ги ставаме во плико, ги испраќаме до Министерството за финансии и учествуваме во големата наградна игра. Награди, од игла, па до стан.

Нормално, Владата го прогласи предлогот за генијален, а тој е исто толку демагошки и популистички колку што е предлогот на опозицијата. Во суштина, Владата добро знае дека кога има голема сиромаштија (како кај нас), тогаш игри на среќа, лотарии и слични глупости добро одат. А кога тоа се прави директно од Владата, се создава лажен впечаток дека, сепак, власта се грижи и му дава на осиромашениот граѓанин.

Во таа жестока политичка пресметка, која веќе две децении го потиснува вистинскиот политичкиот дијалог (сетете се на обвинувањата бугарофили и југоносталгичари) сега, поради претстојните избори, секојдневно пукаат најразлични афери. Становите на Јанкулоска, фирми на Мијалков, тендери на фамилијата Заев… Имате предлог од опозицијата за земјоделството, ама ете ти баксуз. Хрватите фатија тони наши корнишони со недозволена концентрација на пестициди. Французите уништија од исти причини наше грозје. И кој е виновникот? Кој друг ако не лидерот на опозицијата Заев, бидејќи една од фирмите кои ги извезувале овие земјоделски производи била блиска до фамилијата Заеви. И сега пукаат тужби од едната и од другата страна. Ама од тие тужби ниту државата, ниту општеството, ниту земјоделците и, воопшто, ние, граѓаните, ќе видиме некое фајде. Сето ова покажува дека кај нас институциите кои треба да функционираат според законите, без разлика кој е на власт, тие функционираат според политички интереси. Само една паралела, Владата на Јанез Јанша не ја турна опозицијата, туку антикорупциската комисија на Словенија, која откри неправилности во неговиот имотен лист. Санадер можеби под притисок на Брисел или на Вашингтон си даде оставка, ама Косор, која го наследи и на премиерската и на партиската функција, не влијаеше врз истрагата против Санадер и незаконските зделки во нејзината матична партија, иако беше свесна дека со тоа си ја запечати својата политичка кариера.

А кога кај нас ќе пукнат вакви афери, тогаш надлежните институции веднаш излегуваат во јавноста дека или не се надлежни или дека тие добро работат и дека не се виновни. На пример, Агенцијата за безбедност на храната сега не’ убедува дека на домашниот пазар нема од тие загадени корнишони и дека земјоделските производи што ги јадеме се беспрекорни?

Вака излегува дека Заев и неговата фамилија, сепак, мислеле на здравјето на своите сограѓани. А некој да одговори како е можно толкави количини корнишони и грозје да се извезе без сертификат дека не се полни со пестициди!? Самите земјоделци тврдат дека употребата на пестициди кај нас е стихијна, дека никој не ги подучува како и кога се употребуваат. Сетете се дека уште во некогашна СФРЈ нашите производители на домати се „прославија“ со домати прскани со некаков спреј од кој доматот добива убава црвена боја, ама не дозрева. Вакви примери на несовесно однесување на земјоделските производители или воопшто на прехранбената индустрија има и во најразвиените држави, ама таму надлежните институции си ја работат работата и не се занимаваат со политика и политикантство.

Ваквото разбирање на политиката (алатка за доаѓање и ако е можно за секогаш да се остане на власт) ја гледаме веќе десет дена во собраниската Комисија за финансирање и буџет на која се расправа за буџетот за 2014 година. Како и досега се наслушавме како власта „безмилосно троши народни пари“, а од друга страна контра „што направивте вие?“, „ние градиме“ или со еден збор – се наслушавме политика. За вистински економски прашања за надминување на сегашната состојба за вистински развој кој нема да се темели исклучиво на буџетски средства ниту збор. Односно, како што вели и годинешниов нобеловец за економија, Роберт Шилер: „Еден проблем со економијата е тоа што е неизбежно фокусирана на политика наместо на откривање принципи. Никој навистина не се грижи многу за економските податоци, освен како водечки принцип за политиката. Проблемот е тоа што кога еднаш ќе се фокусираме на економската политика, многу нешта што не се наука стапуваат на сцена. Се инволвира политиката, а политичката положба е богато наградена од вниманието на јавноста“.

Во таквото разбирање на политиката се вклопи и Уставен суд, кој не закажал седница на која ќе се расправа за законот за лустрација, бидејќи мислеле дека ќе се одржи акцијата „Денот на дрвото“!? Нормално, зарем се пропушта можноста да не ја „засадиш својата иднина“. И додека уставните судии чекаат да ја „засадат својата иднина“, судската власт со соопштение повторно ни чита лекции како новинарите, колумнистите, аналитичарите треба да зборуваат и да пишуваат за судските пресуди. Пред да обвинува и подучува, судската власт нека одговори зошто дваесет години кај нас се зборува за партизирано (политизирано) судство. А за тоа зборуваат и во Советот на Европа и во ЕК и е запишано во цел куп меѓународни извештаи. Зошто пресудата за Кежаровски стана еден вид нов критериум за нашата држава?

И да се вратам повторно на нобеловецот Шилер кога вели дека политичката положба е богато наградена од вниманието кај јавноста. Кај нас политиката и на друг начин богато наградува. Прашањето е дали ние како граѓани ќе собереме храброст ова секојдневно убивање на zoon politikon да го запреме и политиката да ја ставиме во интерес на граѓанинот.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com