КРАЈ НА ДАНОЧНИТЕ ОАЗИ?

 

На една адреса на Девствени Острови се регистрирани 10.000 офшор-фирми, а една госпоѓа е директорка на 1.200 офшор-фирми

Во петокот топ-вест во светот е првиот извештај на Меѓународниот конзорциум на новинари-истражувачи (ICIJ) со седиште во Вашингтон, кој објави тајни податоци на луѓе од целиот свет, кои имаат свои сметки во некоја од државите кои важат за таканаречени даночни оази. На извештајот работеле околу 80 новинари од целиот свет.

Некаде во почетокот на минатата година директорот на (ICIJ) анонимно добива на диск околу 260 гигабајти податоци за тајни сметки во овие држави. Односно околу 2,5 милиони податоци за 122 илјади луѓе од 170 држави низ светот кои имаат тајни сметки во овие држави. Станува збор за илјадници луѓе кои во овие држави имаат тајни сметки, офшор-фирми или најразлични фондации.

Би било интересно за нашите читатели да потсетиме кои се тие држави кои важат за банкарски и даночни оази. Најмногу ги има во Кариби и Латинска Америка, а интересен е и податокот дека некои од нив се формално дел од некогашните големи колонијални европски држави. Такви се британските Девствени Острови, каде што има регистрирано неверојатни 470.000 офшор- фирми. Како куриозитет, на пример, на една адреса се регистрирани 10.000 офшор-фирми, а една госпоѓа од овие острови е директорка на 1.200 офшор- фирми.

Понатаму, Куковите Острови, кои се под холандски суверенитет, Кајмански Острови, каде што во банките има повеќе пари отколку сите банки во Њујорк, Бахами, Бермудски Острови, Белизе, Барбадос, Панама.
Вакви финансиски оази имаме и во Европа, од традиционалната Швајцарија преку Лихтенштајн, Луксембург, островот Ман, па се’ до веќе добро познатиот но по се изгледа пропаднат Кипар.

Според меѓународните експерти, сега се очекува голем дел од капиталот на банките на Кипар да се пресели во овие држави. Меѓу имателите на тајни сметки има луѓе од сите категории и професии. Од американски доктори и стоматолози преку берзански шпекуланти и банкари, потоа актуелни политичари или бивши, заедно со членови на своето семејство. Таков е Жан Ожие, кој беше клучна личност во кампањата на актуелниот француски претседател Франсоа Оланд. Денис Рич е близок со демократите во САД. Секако тука се милионери и политичари од Русија и другите источноевропски држави, ама и од Индонезија Кина, па и Монголија. За оние властодршци кои со години се на власт, како на пример, семејството Алиев во Азербејџан или, пак, за африканските диктатори не треба да се споменува.

Според еден од врвните светски експерти за даночното затајување и валканите пари, Џејмс С. Хенри, овие луѓе на вакви тајни сметки имаат 33 илјади милијарди долари. Секако акумулирањето на ваков капитал се зголемува со почетокот на светската економска криза.

За борбата против даночното затајување и тајните банкарски сметки се зборува уште од 1990 година, но поинтензивно започна некаде во 2008 година кога германската тајна служба за 4,2 милион евра од еден банкарски службеник од Лихтенштајн ги откупи податоците за свои граѓани кои имаат тајни сметки и фирми. Минатата година од Швајцарија протекоа банкарски информации за околу 2.000 грчки граѓани кои имаат тајни сметки таму. Меѓу нив се и најпознатите грчки семејства, а со најдебела сметка е госпоѓата Папандреу (550 милиони евра), мајка на Јоргос Папандреу. Ама Швајцарија не сака да ги даде целокупните податоци за германски граѓани иако со Берлин има договор за ова.

Рускиот претседател Владимир Путин нареди сите државни функционери и високи службеници во рок од три месеца да ги затворат своите сметки ако ги имаат во странство.

Ова што сега го прави и ќе продолжи да го прави Меѓународниот конзорциум на новинари истражувачи ((ICIJ) е голем придонес во борбата против перењето пари и даночната евазија на светско ниво. Не смее да се заборави дека тука се и пари од најтешките форми на организираниот криминал, дрога, трговија со луѓе, тероризам итн. Џак Блум, некогашен американски сенатор а сега познат адвокат и експерт за препречување на перење пари и даночни затајувања, вели дека е направен успешен чекор ама „пред нас е долг и крвав пат против ова зло“.

И да се вратам на почетокот. Во истражувањето на Меѓународниот конзорциум на новинари истражувачи (ICIJ) учествувале околу 86 новинари од целиот свет, односно од околу 40 медиуми. Колку што открив, од просторот на некогашна Југославија истражувале само словенечки новинари, и тоа само кратко. Така, засега словенечките медиуми кои пишуваат за ова се повикуваат на извори од прелиминарниот извештај на (ICIJ). Од кај нас со сигурност може да се рече дека барем никој не отишол ниту се поврзал со Меѓународниот конзорциум на новинари истражувачи, иако оваа асоцијација е отворена и повикува на соработка.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com