КРАТКО ПАМЕТЕЊЕ

Мозокот на „новинарите патриоти“, следејќи ја патриотската мисла, сега тврди дека имаме октроиран Устав

Во 2008 година во мај за еден неделник напишав колумна со наслов „Заборавена 68“, а поводот беше 40-годишнината од големите студентски безредија во Париз. Јубилеј што се одбележуваше во цела Европа, само ние го заборавивме и никој не го спомена. За да се потсетам на настаните ја прелистав „Нова Македонија“ од мај 1968 година и најдов еден интересен податок.
На 6 мај 1968 година во Скопје се одржува изборна конференција на некогашниот Сојуз на студенти на Југославија. Пленарните седници на конференцијата, нема да верувате, се водат на пет јазици: српско-хрватски, македонски, словенечки, албански и унгарски јазик, односно на јазиците на сите народи и на најголемите народности (таква беше тогашната терминологија за етничките заедници). Што се однесува до знамињата во некогашна СФРЈ, односно СР Македонија, етничките заедници, исто така, имаа право да ги истакнуваат своите национални знамиња. Факт е дека по распаѓањето на СФРЈ и осамостојувањето на Република Македонија, со Уставот некои од стекнатите права на етничките заедници кај нас (албанската) им беа стеснети. Една деценија од осамостојувањето ни се случи Рамковниот и уставните амандмани. Зошто сега оваа мало историско потсетување?!

Деновиве кај нас се крена голема прашина околу измените на Законот за знамињата и измените на Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија (читај употребата на албанскиот јазик). Опозицијата обвинуваше дека станува збор за ревидирање на Рамковниот договор, дека се продаваат македонските национални интереси, се руши Уставот и така натаму. Опозицијата ја разбирам, но не ја оправдувам. Во нашата политичка култура што ја создадовме во изминатите 20 години опозицијата (без разлика на идеолошкиот или националниот предзнак) во своето дејствување како во рамките на институциите (Собранието), така и во она што би се рекло „работа на терен“, секогаш во прв план ги става своите ситни дневнополитикантски, партиски, поточно лидерски интереси отколку да биде вистинска остра критична, а во исто време конструктивна опозиција, како што е во државите со демократски капацитет.

Во тие дневнополитикантски игри и набивање рејтинзи токму националните чувства се најкурентни. Притоа, ниту историското искуство ниту реалната сегашност не ги учи да ги согледаат опасностите и последиците од вакви игри. Затоа кај нас во политичкиот речник се’ почесто се користи поделбата на патриоти и на предавници. Ваквите (дис)квалификации сега од политичарите се префрлија и на медиумите и на новинарите.

Деновиве првото новинарско перо и „мозокот“ на „новинарите патриоти“, во својата редовна колумна во „Нова Македонија“ како ексклузивност ни објави уште една вистина. Повикувајќи се на делови од таканареченото сослушување пред Конгресот на САД на идниот амбасадор кај нас Пол Волерс, ова „патриотско новинарско перо“ ја просветли македонската јавност дека Рамковниот договор и воопшто настаните во 2001 година ни ги спакувале во Вашингтон од страна нашиот најголем стратегиски партнер – Соединетите Американски Држави.

Следејќи ја својата чиста патриотска мисла, „новинарот патриот“ сега ја развива тезата дека имаме октроиран Устав, дека потписите на Рамковниот од страна на највисоките државни претставници и партиските лидери не важат, а за сите нив бара да се поведе кривична одговорност за злосторничко здружување и антиуставно дејствување. Во својот патриотски занес оди дотаму да заборава дека за умрено лице не може да се отвори кривично дело, ама, сепак, бара и за покојниот претседател Борис Трајковски кривична одговорност!?

Ова прво перо на „патриотските новинари“ секогаш се претставува како голем познавач на меѓународните односи, ама изгледа се’ уште не ги научил основните принципи на американската надворешна политика што се константни уште од пред Првата светска војна. Наједноставно речено, тие се сведуваат на „морковот и стапот“. Како докажани прагматичари, Американците сакаат на одредена територија (без разлика дали станува збор за држава, регион како што е Балканот или за цел континент како што е Јужна Америка) да бидат сигурни дека нивните национални интереси ќе бидат спроведувани. За да го остварат тоа, тие бараат сигурни партнери што умеат и имаат капацитет да го спроведат тоа. Притоа идеолошкиот или националниот предзнак на партнерите воопшто не се битни за нив.

Не е некоја голема тајна дека во одредени американски институции (Пентагон, ЦИА, Стејт департментот) се правеле и се прават цел куп најразлични симулации на сценарија и штапски вежби за остварување на своите глобални интереси. Зарем се заборави доктрината на Збигњев Бжежински за таканаречен ограничен суверенитет, која беше пласирана во времето на блоковската поделба и која никогаш не е напуштена. Најголемиот „патриотски новинар“ заборавил дека шест месеци пред да почне војната на Косово и бомбардирањето на Србија ,на претседателот Глигоров за време на неговата посета во Словенија „случајно“ еден новинар му постави прашање: „Што ќе преземете ако во Косово почне војна и ако Македонија ја преплават косовски Албанци што можат да ја променат националната структура на државата?“ Одговорот беше: „Ќе правиме коридори за Албанија“. Војната се случи, имавме над триста илјади бегалци од Косово, коридори немаше, а се смени државната карта на регионот.

Првото перо на „новинарите патриоти“ сега е шокирано по ова „големо откритие“ кај нас да има молк наместо земјотрес, секако, политички што ќе ги збрише од политичката сцена сите. Од домашните предавници, кои за пари го спроведуваат ова сценарио, а ќе го продрма и „цинизмот на нашиот најголем стратегиски партнер“, како и „геноцидната меѓународна заедница“.

Навистина е жално кога на дваесетгодишнината од осамостојувањето на Република Македонија се тврди дека имаме октроиран Устав. Зарем тоа значи дека сме октроирана држава? Навистина е жално и најмалку патриотски кога на премиерот му кажуваш дека неговиот коалициски партнер е чкрапалото, а прстот е Вашингтон, на сценариото со кое ќе не’ збришат и како држава и како нација. Навистина е многу опасно кога се обидуваш со играње на националните чувства да ја вратиш и да ја поправаш историјата. Изгледа во право се оние што велат дека ние на Балканот знаеме да произведуваме многу историја, која ниту можеме да ја консумираме ниту од неа учиме.

За жал, Етичкиот комитет на ЗНМ не реагираше на вакви написи. Притоа не мислам на изнесените ставови (тие се легитимни), туку на фактот дека се бара кривична одговорност за покојниот претседател Борис Трајковски. Тоа не е ниту законски можно, а во целост спротивно на етиката за умрено лице да бараш кривична постапка.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com