КРАВА ЗА МОЛЗЕЊЕ

Државата, која нема вистински решенија за економските проблеми и за невработеноста, работите и компензира со субвенции од секаков вид

Еве, туристичката сезона е влезена во финиш ама годинава не видовме како лани, вицепремиерот за економија, ама и други министри на аеродромите во Скопје и Охрид со каранфили да чекаат странски туристи. Нема ниту егзотични странски инвеститори кои сакаат Охридското крајбрежје да го направат нешто меѓу Монте Карло и Дубаи, плус голф игралишта на кои ќе се одржуваат светски голф турнири секако со Тајгер Вудс и другите светски игачи. А помеѓу еден и друг турнир ќе доаѓаат шеици, гнили милионери и друга белосветска елита, малку да се капат во езерото, малку да играат голф, а вечерите, се знае, во казино, рулет, блек џек, отворен или затворен покер и така натаму. Оние со малку поплитки џебови, ама сепак доволно длабоки, ќе ги наполнат хотелските капацитети и приватните соби и апартмани, ќе се капат на познатата охридска „Акапулко“ плажа (кој ли само го даде ова име). Ќе се „воодушевуваат“ на Климентовиот универзитет на Плаошник, кој се гради во натур бетон, ќе трошат пари за охридските бисери и другата богата и „оригинална“ понуда во чаршијата, во кафулињата и рестораните. И Охрид ќе се развива охриѓаните задоволно ќе тријат раце и ќе бројат „меџитлии“, а можеби ќе купат и ренде, па ќе има шопска салата кога некој случајно залутан скопјанец ќе нарача.

Арно ама, од ова, барем годинава, нема ништо. Можеби виновникот треба да се бара кај Владата, поточно кај министерот за транспорт, кој не го направи аеродромот за хидроавиони, па светскиот џет-сет ќе почека на „Остваруваме“. Виновник е и Врховниот суд на Индија кој нема ниту срам ниту перде и ни го затворија главниот инвеститор, кој од Охрид ќе правеше светски туристичка дестинација и тоа за елитниот туризам, плус во Овчеполието ќе донесеше 20 илјади крави. Ама добро, ни го донесе Тони Блер.

И сега кога е веќе јасно дека туристичката сезона не само во Охрид нема да биде онака како што некој имагинарно и нереално си ја замислувал, почнува она типичното наше фолклорно однесување, државата да помогне. Како? Со субвенции! И така охридските хотелиери сега бараат 40 евра субвенција за секој турист. Инаку деновиве на охридското радио слушнав цел куп реклами за предноста за летување во Грција, дури и еднодневни излети од Охрид до Паралија. Се прашувам кој е тука луд и го „онакви“ збунетиот. Субвенции веќе добиваат туроператорите, па се субвенционираат оние евтини авиокомпании да отвораат линии, потоа се субвенционира вакво или онакво вработување, па се субвенционира бесплатен превоз на пензионери на студенти. Тука се бањските одмори за пензионери на сметка на државата. Па сега ќе се отпишат долговите на околу 30 илјади семејства за радиодифузната такса, па долгови за струја за вода, за неплатени кредити… се извинувам ако некого заборавив. Богами, државата ни стана „крава музара“. Во суштина, државата која нема вистински решенија за економските проблеми, за невработеноста и за цел куп други акутни проблеми сврзани со социјалната политика и воопшто социјалната положба на граѓаните, тоа го компензира со вакви и слични „субвенции“.

Владините спин доктори ова веднаш го канализираат кај тотално аполитична јавност како голема грижа на Владата за обичниот или подобро кажано осиромашени граѓани, но и како успех на економските политики. Па, така, деновиве слушнавме од владиниот портпарол статистички податоци колку пензионери користеле бесплатен железнички превоз, па колку студенти и ред други „податоци“ од проектот „Остваруваме“. И само мало потсетување. Додека живеевме во социјализам и во СФРЈ пензионерите имаа цел куп бенефиции од бањско лекување па до најразлични попусти за железница градски автобуси и така натаму. Студентите и средношколците исто. А и денеска, на пример, во Словенија и Хрватска, да не ги споменувам Белгија или скандинавските држави, сите овие категории на граѓани имаат соодветни бенефиции за превоз, па и билети за културни манифестации. Ама владите со ова не се фалат.

Денеска во многу држави во Европа на вработените кои за доаѓање на работа користат железница или автобуски меѓуградски превоз патните трошоци им се рефундираат. Во некои држави тоа е уредено со закон, во некои со колективните синдикални договори. Прашајте дали државни службеници или оние кои се вработени во приватниот сектор, а доаѓаат од Тетово или Куманово во Скопје, добиваат надомест за превоз.

Не знам дали забележавте дека не ги споменав земјоделците кои, исто така, добиваат субвенции. Неколку пати сум напишал дека оваа Влада со воведувањето на субвенциите за земјоделското производство направи вистински економски потег кој има или треба да има економски и социјални ефекти па дури и демографски. Барем така е во Европа. Но, ако Владата продолжи другите дупки во социјалата да ги покрива со некакви субвенции, кои одат од буџетот или да дели лево и десно бесплатни „викенд возења“се плашам дека земјоделските субвенции тешко ќе можат да се реализираат, па дури и со задолжување по „историско“ ниски камати. Некои ќе речат дека не е така и како доказ ќе ми ја тутнат под нос најновата меѓународна награда и признание кое го доби претседателот на државата Ѓорге Иванов, од некој си американски институт. Наградата му се доделува за неговите успеси на полето на економските реформи, борбата против корупцијата, јакнење на транспарентноста и уште не знам што. Чудно, ништо од ова не е во уставната надлежност на претседателот. Прочитав дека досега оваа награда ја добиле Хавел, Дрновшек и други. Ама и Санадер и Орбан, што зборува дека организацијата која ги дели овие награди и признанија е најблаго речена малку контроверзна. Не би се фалел дека мојот претседател е во друштво со овие големи реформатори, Санадер и Орбан… ама нас граѓаните одамна никој не не’ прашува за ништо.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com