КОЈ НЕ Е СО НАС, ТОЈ Е ПРОТИВ НАС

До кога ние како граѓани, но и како општество и држава можеме да ја издржиме оваа популистичка поделеност. Одговорот е кај нас, граѓаните

Неделава помина во знакот на посетата на Ричард Ховит, кој како известувач за Македонија ќе треба да ја подготви предлог-резолуцијата за напредокот на нашата држава пред декемврискиот состанок на Советот на министри. Што ни кажа Ховит? Во суштина, ништо ново од она што беше речено од страна на еврокомесарот Штефан Филе дека Европската комисија во извештаите за државите-кандидати и аспиранти посебно внимание е посветено на Критериумите од Копенхаген (политички критериуми), кои ги споменувам веќе во трета колумна. Новина во настапот на Ховит е дека не е само Грција, туку и други држави-членки имаат задршка кога станува збор за добивање датум за преговори. Нашиве „експерти“ патриоти веднаш го оценија ова како обид на Ховит да ги оправда европските институции (Комисијата и парламентот) кои не можат да сторат ништо против ветото на нашиот јужен сосед. Не знам кои други членки на ЕУ имаат задршки околу исполнувањето (Ховит не ги спомена), ама да одиме по ред.
Веднаш по објавувањето на Извештајот, нашето „независно и професионално судство“ му „репна“ на Кежаровски 4,5 години затвор. Ова сигурно во ЕУ го дочекале како „напредок“ на полето на слободата на изразувањето, положбата на медиумите и независното и професионалното судство. Понатаму, ние сме единствена држава во која се’ уште имаме мисија на ОБСЕ. А добро знаеме во какви држави ОБСЕ има свои постојани мисии. Бидејќи 20 години не можеме да го средиме Избирачкиот список ОБСЕ ни најде експерт кој ќе го средува Избирачкиот список. Ама не е само ОБСЕ, на пример, тука се уште НДИ, па Вестминстер фондацијата и уште цел куп вакви меѓународни ѓоа невладини организации кои не’ учат, речено едноставно, како се прави држава… Да потсетам дека токму странците (читај ЕУ), влечејќи ги за раце претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, ја формираа Комисијата која требаше да ги разгледува настаните од 24 декември. А за да бидат сигурни дека Комисијата ќе работи во неа, ставија и двајца свои експерти, кои потоа и ги напишаа заклучоците и препораките кои „нашиве“ ги потпишаа, ама со објаснување од едната страна дека за нив тие заклучоци се како „палома“ хартија!? И сега зборуваме за Критериумите од Копенхаген!?

По извештајот на Европската комисија, во кој по петти пат добиваме препорака, со сета своја жестокост бликна поделбата и антагонизмот помеѓу политичките елити, но, за жал, тој антагонизам се’ повеќе го дели и конфронтира општественото ткиво. Во суштина, станува збор за авторитарна мисловна матрица – „кој не со нас е против нас“ – која кај нас е присутна од осамостојувањето и постојано се развива и се надградува. Актуелната власт, која со својата речиси целосна контрола врз медиумите (види го Извештајот на ЕК, како и забелешките на Ховит) каква било критична и аргументирана забелешка веднаш ја спинува како напад врз државните и националните интереси. Па, така, денеска имаме патриоти и предавници, односно демократи и автократи. Во суштина, станува збор за две страни на една иста паричка која се вика популизам. На пример, ЗНМ (Здружението на новинари на Македонија), кое уште на самиот почеток остро се спротивстави на законите за медиуми од страна на провладините медиуми и онаа група новинари патриоти на чело со „дамата која е прво патриотско перо“ ги прогласија луѓето од ЗНМ за предавници купени од Сорос. А бидејќи претседателот на ЗНМ е Албанец, тој бил купен и од ДУИ, демек двапати предавник.

Ама овие патриоти забораваат да се прашаат зарем ДУИ не е коалициски партнер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ!? Понатаму, додека Владата постојано не’ убедува дека интегрирањето во ЕУ е наша стратегиска определба и дека на тој пат единствена пречка е Грција (што е факт), овие патриотски новинари и провладини медиуми секојдневно не’ засипуваат со „анализи“ и „коментари“ дека треба да ги прекинеме преговорите и дека наместо ЕУ, треба да се свртиме кон Русија, Кина, односно нашата светла иднина е БРИК!

Иако на прв поглед личи дека нешто не штима во односот на Владата и патриотските новинари и медиуми, не е така. ВМРО-ДПМНЕ, кој реално гледано работи како „швајцарски саат“ кога станува збор за зачувување на власта, одлично ги следи и анализира општествено-политичките трендови во Европа и тие трендови ги канализира во своја корист. Во Европа како резултат на глобалната економска криза и должничката криза во еврозоната се’ повеќе јакне десниот популизам, кој својата политичка програма ја базира само на две политички вредности. Првата е евроскептицизмот, односно спротивставување на каква било институционална федерализација на ЕУ; втората политичка определба е нетолеранција спрема другите (без разлика дали станува збор за етничка, верска, културна или која било друга разлика). На пример, на последните избори во Италија, Движењето пет ѕвезди на комичарот Бепе Грило токму на тој бран популизам стана втора политичка партија. Во Франција, ако има денеска избори, според анкетите ќе победи Националниот фронт на Ле Пен. Во Холандија популарноста на Партијата на слободата во однос на последните избори е зголемена за пет пати. Слично е во Финска и во некои други скандинавски држави, а да потсетиме дека во Германија на последните избори недостигаа само неколку промили во Бундестагот да влезе партијата Алтернатива за Германија, која својата програма ја темели на евроскептицизмот. Во Брисел отворено изразуваат загриженост што ќе се случи на идните парламентарни избори за Европскиот парламент.

Но, да се вратиме дома. ВМРО-ДПМНЕ овој европски популистички ветер многу добро го канализира на едрата на својата античка галија и плови ли плови. СДСМ, кој одамна го има изгубено својот политички компас и талка на политичката сцена, сега се обидува со некаков недоквакан популизам да се етаблира и да ја освои власта. Па, така, средната класа ќе ја зајакнува со враќање на 15 проценти од ДДВ, а Заев вели дека за него само Република Македонија е ерга омнес кога станува збор за преговорите со Грција.

Во суштина, оваа дихотомија (поделеност) кај нас не е само меѓу политичките елити, туку се’ повеќе навлегува во општеството За жал, таа дихотомија кај нас нема само општествено-политичка димензија, туку се’ повеќе станува и психолошка. Прашањето е само до кога ние како граѓани, но и како општество и држава, можеме да ја издржиме оваа популистичка поделеност. Одговорот е кај нас, граѓаните. Можеби веќе во март идната година, кога покрај редовните претседателски избори, по се’ изгледа, ќе имаме и парламентарни, ќе можеме оваа политичка социјална, па дури и психолошка дихотомија да ја поразиме, односно, оној што не е со нас да го гледаме и да го прифатиме како наш.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com