Кој е луд, кој е збунет

Ова што деновиве се случува со СЈО ја надминуваа онаа народната лудиот го „онаква“ збунетиот. Ајде да одиме по ред. Судскиот налог кој го доби Специјалното Јавно Обвинителство за влез во УДБ по се изгледа толку многу се „разводни“ што доведува во прашање дали веќе има смисла. Власта и се она што гравитира околу власта и бенефитите што ги носи е сконцентрирана само на едно, како да ја заштити “фамилијата“ бидејќи во овој момент таа обезбедува победа на изборите (ако се одржат) закажани за 11 декември. Секако од друга страна повторно се покажува дека опозицијата навистина е изгубена во време и во простор. Замислете со свој Министер за внатрешни работи еден најобичен полицаец пред нос на Специјалниот Јавен Обвинител Катица Јанева и ја затвори портата од министерството и не сакаше да отвори сè додека Јанева не се јави кај актуелниот министер па по негова интервенција “дежурниот цајкан“ ја пушти да влезе во кругот на МВР. Само една паралела. Во САД аферата Вотергејт ја “разреши“ судија на најнискиот суд кој едноставно му нареди на Претседателот Никсон да ги предаде лентите (аудиозаписи) од неговиот кабинет од кои се гледа дека знаел за незаконското прислушување на Демократската партија. Никсон после тоа си даде оставка. Кај нас на пример кога влезе СЈО во УДБ и кога Јанева не убедуваше дека таа и нејзините обвинители и истражители нема да излезат додека не го спроведат судскиот налог (фактички се два судски налози) прв и се спротивстави Чавков од позиција на Директор на Јавна безбедност, што е спротивно и на сите законски акти како и интерните акти на МВР. Секако беше тука и оној Дополнителен министер кој е само во улога на павлиха (дворски шут). Како и да е сега демек сите чекаме да дојде некаков експерт од познатата фирма Ериксон. Да беше жив познатиот писател и драматург Самуел Бекет кој ја напиша драмата “Чекајки го Годо“ сега ова можеше да му биде инспирација па да напише нова трагикомедија со наслов “Чекајќи го експертот на Ериксон“ Верувам дека оние кои ја читале или го гледале ова дело на Бекет ќе најдат еден куп заеднички трагикомични сцени со она што се случуваше со СЈО во обид да го реализира судскиот налог. Ама тоа веќе полека се заборави. Сега станува актуелно сликањето на куќата на Мијалков од страна на истражител од СЈО. Човекот заврши во полициска станица, демек било незаконски фотографирањето на куќата на Мијалков!  Ако добро разбрав сега обвинителството на Зврлевски ќе и „стегне“ или веќе тоа го направил кривична пријава на СЈО односно Катица Јанева! Абе од “Чекајки го Годо“ се префрливме на “Игри без граници“. И пак една паралела. Дали се сеќавате кога господин Влатко Ѓорчев правеше прес конференции пред куќите на познати доктори и министри од владата на СДСМ, покажувајќи какви „палати“ (би рекол народот) се направени, демек од министерска плата или докторска па макар бил и врвен специјалист. И денеска како и тогаш мислам дека господин Ѓорчев со право тоа го направи. Односно како јавност сите ги видовме „бенефитите“ односно лукративноста што ја носи власта, секако во држави како што е нашата. Патем ова (за бенефитите додека си на власт) е констатација на Љубчо Георгиевски ама за жал и тогаш како и сега  овој факт е актуелн. Е па тогаш Ѓорчев кој беше само портпарол на партија никој не го приведе а уште помалку дека му „стегнаа“ кривична пријава.

Сепак неделава вистински „бум“ беше интервјуто на бившиот прв човек на УДБ Слободан Богоевски. И политичката сцена плус медиумите повторно добија убава коска која безмилосно ќе ја глода барем недела дена односно додека „некој“ не фрли нова коска поголема и посочна. Но нека ми биде дозволено со вас да ги споделам моите видувања околу настапот на господин Богоевски. Како многу добар припадник и вистински професионалец на безбедносните структури Богоевски зборуваше многу ама во суштина не ни кажа многу нови работи. Понатаму како секој припадник на овие структури па без разлика дали станува за наши или некогашни југословенски или пак руски германски или која било друга, Богоевски во своето излагање наведе некои познати вистини потоа цел куп на полувистини и да пласира на пример тотални невистина како што беше онаа дека Груевски ги потпишал договорот з а продажба на Окта е дека познатиот Кондоминас бил тој што го довел на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Но да одиме по ред. Точно е дека покојниот Јордан Мијалков инаку првиот Министер за внатрешни работи на Република Македонија имаше “одлични“ односи со безбедносните структури на некогашната СФРЈ. На пример ако некој сака да истражува па не да се бави со разунавање нека го погледа судскиот процес против генералот на ЈНА Васиљевиќ кој беше последниот шеф на КОС. Во списите ќе најдете дека поради таа добра соработка Мијалков добил на поклон посебна снајперска пушка карабин. Понатаму дали се сеќавате дека полицијата во 1991 година успеа да везе во просториите на Републичкиот секретаријат за одбрана и да ги земе списоците за регрутација кои потоа беа депонирани во канцеларијата на Мијалков. Арно ама сетете се дека регрутацијата на нашите момчиња од ЈНА продолжи се до нејзиното заминување од државата!? Како ако го немале списокот? Навистина не знам дали младиот Мијалков бил приведуван за дрога ама ајде прашајте се зошто Мијалков кога Кљусев како министер за одбрана го постави на позицијата шеф на военото разузнавање беше сменет и само благодарејќи на Кљусев не заврши на суд. За ова може повеќе да зборува на пример Љубчо Георгиевски кој беше тогаш премиер, но и некои од „старата“ гарда припадници на оваа фела. Тоа што од професионален аспект може да му се забележи на Богоевски е фактот дека неколку пати не можеше да ја скрие својата огорченост, ама ајде тоа да го оправдаме дека човекот беше обвинет и осуден токму во ова време на владеењето на „фамилијата“. Тоа што е посебно значајно во настапот на Богоевски тој го спомена неговото сведочење пред судот во Њујорк околу корупцијата на македонски политичари од страна на Маѓар Телеком. Дека оваа фирма ќерка на Дојче Телеком подмитувале во Македонија не е спорно. Да потсетам Дојче телеком токму за ова прифати во САД врз основа на судско порамнување да плати висока казна за да избегне судски процес. За жал кај нас ниту Шврговски како Републички Јавен Обвинител ниту неговиот наследник Зврлевски на оваа не реагираа и сѐ уште нема барем официјално подигнато обвинение ниту против оние што подмитувале ниту пак до оние кои го примиле митото иако се зборува за повеќе  милиони евра. Во секој случај настапот на разузнавачот Слободан Богоевски во оваа предизборна затегната атмосфера само ја подига температурата. А верувајте дека кога еден „полицаец“ од ваков калибар како што е Слободан Богоевски зборува јавно само покажува колку во државата институциите се (не) функционални и работата пред се  во корист на политички елити, „фамилии“ или поединци кои ете делуваат како слободни стрелци. Народот би рекол од сето ова нема аир. Ама во оваа наша државичка ние “народот“ одамна  станавме збунети па сега не “онакваат” од  луди политички елити  па до пензионирани разунувачи.

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com