КОНТАМИНИРАН МЕДИУМСКИ ПРОСТОР

Законот за медиуми, кој, патем, требаше многу одамна да биде донесен, сега се покажува дека е лош

Деновиве онаа самонаречена група новинари патриоти најжестоко го напаѓаат Здружението на новинари на Македонија, а повод е ставот на ЗНМ околу предложениот нацрт-закон за медиуми. Закон кој најблаго речено е лош и ниту малку нема да ја подобри сегашната положба на медиумите и нивната слобода и плурализам. Принципи и вредности без кои не може да се зборува за демократија, за човекови права и слободи, за правна држава и владеење на правото. И сега овие „патриоти“ на чело со своето „прво перо“ во духот на оној класичен болшевизам се пресметуваат со секого, а пред се’ со ЗНМ и неговиот претседател, кои ете се дрзнале да го изразат својот став.
Да потсетам дека во колумната од 12 април посочив дека Законот за медиуми е само една обемна папазанија во која е ставено се’ и сешто. Како најлоши одредби од законот ја посочив предвидената Агенција која би требала да го регулира медиумскиот простор, ама која е така замислена, наместо да го регулира, штити и развива медиумскиот простор и независноста и слободата на медиумите, таа ќе ги штити и спроведува партиските интереси. Исто така голема фалинка на законот е што во него е ставена и МРТВ иако во цела Европа, Јавниот сервис е регулиран со посебен закон.
Во меѓувреме ЗНМ ја објави и експертизата на споменатиот закон од страна на медиумски експерт од Британија. Анализата може да се сведе на еден единствен заклучок – Законот е лош и не е во функција на независноста на медиумите нивна плурализација и секако слободата на новинарите и слободата на изразување. Британскиот експерт многу јасно констатира дека сето ова се случува кога во Македонија се влошува состојбата со медиумите и медиумскиот простор.

Ама не верувам дека за „патриотиве“ сето ова нешто им значи. Нема да ме изненади ако сега и овој експерт го прогласат за дел од некаков си заговор против Македонија кој ете повеќе од дваесет години го водат САД, ЕУ и уште не знам кои други „мрачни сили“. Арно ама, во вторникот Европскиот парламент кој заседава во Стразбур усвои Резолуција посветена на медиумската слобода. Документ во кој ниту со еден збор не е спомената нашата држава, туку се однесува на членките на ЕУ. Во резолуцијата се истакнува дека секоја година ќе се прават и објавуваат анализи на законодавството и другите акти во секоја држава членка на ЕУ кои се однесуваат на слободата на медиумите. Ова ќе треба да го прави Европската комисија заедно со Европскиот универзитетски институт (ЕУИ) и неговиот центар за Медиумска слобода и плурализам.

На овој начин ЕУ ќе помогне во зачувување и развивање на слободата на медиумите и плурализмот. Во резолуцијата се бара да се обезбеди целосна независност на новинарите и уредниците, максимална транспарентност кога станува збор за сопственичката структура на медиумите, како и максимално почитување на професионалните и етичните стандарди. Европратениците бараат и редефинирање на Директивата на ЕУ која се однесува на аудиовизуелните медиуми, се бара и подобрување на работните услови на новинарите. Со ова Европскиот парламент сака ги заштити новинарите од притисоци кои доаѓаат од внатре (од издавачот или сопствениците), но и од надворешните притисоци кои доаѓаат од политичките и економските структури и лоби-групи. Исто така со резолуцијата се повикуваат државите членки да го поттикнуваат истражувачкото новинарство кое се грижи и врши јавен надзор врз демократските процеси и кое открива криминални дела и појави. Резолуцијата ги повикува државите членки при изборот на првите луѓе и уредниците во јавните медиуми (по наше МРТВ) како единствен критериум да биде нивното искуство и квалитет во работењето, а не политичките критериуми и партиската припадност. И уште нешто, во резолуција се бара државите членки да направат анализа како економската криза влијае врз социјалната положба на новинарите. Исто така со Резолуцијата се препорачува на државите членки што е можно побрзо да извршат декриминализација на клеветата и навредата. Барем тука Македонија не само што тоа го има направено, туку спаѓа во редот на оние малубројни европски држави во кои клеветата не е кривично дело.

Се задржав на оваа најнова резолуција на Европскиот парламент бидејќи на ова заседание се очекува да се расправа и усвои извештајот за напредокот на Македонија и секако со препорака до ЕК за добивање датум за почеток на преговорите. Барем додека ја пишував колумната се’ уште не беше сигурно дали во Европскиот парламент ќе се расправа и гласа за Македонија или повторно ќе биде одложено за идната сесија. Но, затоа многу јасен беше австрискиот европратеник Јоханес Свобода, кој истакна дека добрососедските односи се клучно прашање за добивање датум. Притоа, Свобода истакна дека за ова не се одговорни само Бугарија и Грција, туку како што самиот рече и Македонија и македонската Влада, која мора да ја смени националистичката реторика.

Притоа мора да се истакне дека Свобода ниту еднаш не го употреби привременото име ФИРОМ или владата во Скопје, туку нашето уставно име. Патем на Резолуцијата за Македонија, која ја подготви известувачот Ховит, поднесени се 203 амандмани и тоа претежно од грчките и бугарските европратеници.

Дека работите барем за нас не одат во саканиот правец (добивање датум) посредно го потврдува и бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, кој го откажа учеството на регионалниот претседателски самит закажан за 1 јуни, а го организира претседателот Ѓорге Иванов. Грчкиот шеф на државата Папуљас исто така нема да дојде. Во претседателскиот кабинет Иванов се’ уште чекаат на официјално образложение за откажувањето доаѓањето на Плевнелиев. Богами и ќе се начекаат ако навистина не го разбрале недоаѓањето на бугарскиот шеф на државата.

Ама затоа доаѓа нашиот чест гостин, еврокомесарот Филе. Само се прашувам што ќе му понудиме на Филе. Комисијата за настаните од 24 декември уште не е формирана, а веќе требаше ова да се расчисти, барем така му ветувавме. Понатаму, Законот за медиумите кој, патем, требаше многу одамна да биде донесен, сега се покажува дека е лош… Можеби би било добро на Филе да му го понудиме најновото историско откритие дека Ѓорги од Лихнидос (денешен Охрид) бил „десна рака“ на Кристофор Колумбо и без наш Ѓорги тешко дури и еден Колумбо би ја открил Америка. Е зар сега наш Аце заедно со татко му Филипчо плус ете и Ѓорги од Лихнидос не се доволен доказ дека ние сме папокот на светот, а без папокот ниту Европа нема да ја биде… Се плашам дека Филе повторно ќе си отиде лут, а можеби пак да ни плесне во лице: Shame (срамота).

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com