КОИ СЕ ПОИГРУВА СО ИЛИНДЕН

Не гледам ниту научни ниту политички причини зошто мораме да го одбележуваме Илинден заедно со Бугарите или, пак, со кој било друг сосед

Во минатата колумна не знам веќе по кој пат напишав дека ние спаѓаме во групата на таканаречените неисториски народи. Односно народи кои само создаваат историја, а ништо не научиле од неа и ги повторуваат истите грешки. Во рамките на ваквото (не)разбирање на историјата, според мене, е и иницијативата заедно со соседна Бугарија да сме го прославувале и Илинден! Иницијатива која доаѓа од кабинетот на нашиот претседател, а демек била дел од заедничката иницијатива со неговиот бугарски колега Плевнелиев. Не знам дали по последната посета на Ватикан и молебенот на гробот на свети Кирил на нашиот претседател му се „отвориле“ духовните хоризонти за заедничко одбележување на историски датуми со соседна Бугарија? Многу поверојатно е дека претседателот Иванов „наивно“ ја прифаќа бугарската теза за заедничка историја зад која стои нешто многу посуптилно, а сето тоа, демек, во името на добрососедските односи како европски принцип и стандард. Таа суптилност во суштина е една континуирана политика на нашиот сосед еднаш изразена многу транспарентно, а другпат „дискретно“ и се сведува на „еден народ две држави“.

Да одиме по ред. Заедничкото одбележување и чествување на свети браќа Кирил и Методиј од ниту еден аспект не е спорно. Не знам дали знаете – на гробот на свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим денеска има три плочи и тоа на македонски, српски и бугарски јазик. Понатаму, не верувам дека претседателот, поточно во неговиот кабинет знаат дека во Уставот на Словачка во преамбулата стои: „…ние, словачкиот народ, изразуваме благодарност до светите браќа Кирил и Методиј, кои ја донесоа писменоста во Моравија“. (http://www.slovakia.org/sk-constitution.htm). Односно, солунските браќа не се ниту „наши“, ниту бугарски, туку се универзална категорија и дел од европското културно и духовно наследство.

Дотука е се’ во ред, ама да го прославуваме заедно и Илинден? Патем, ова не е нешто ново. Ваква идеја прв пат изнесе последниот премиер од редовите на СДСМ, Владо Бучковски, ама тогаш беше дочекана на нож, како во медиумите така и од тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ. И еве сега повторно ќе сме го славеле Илинден 1903 заедно со Бугарите. Илинденското востание, барем мене така ме учеа, е востание за национална слобода и еманципација на македонскиот народ и создавање сопствена држава. Ако тоа е така, не гледам ниту научни ниту политички причини зошто мораме да го одбележуваме заедно со Бугарите или пак со кој било друг сосед. Некој ќе ја спомене онаа излитена и крајно политизирана флоскула „оставете ја историјата на историчарите“. Велам излитена флоскула, бидејќи некако се натура само кога станува збор за Македонија и македонскиот народ. Зошто, на пример, и ден денес бугарските и грчките историчари имаат сосем различни ставови околу Балканските војни и никој не бара заедно да ги слават тие датуми. За официјалната грчка историја, Бугарија во Втората светска војна е окупациска сила која окупирала дел од грчката територија. И бугарските историчари мудро молчат, ама кога станува збор за нас, како што тргнале работиве, ќе треба да ги славиме како ослободители. Демек, заедничкото славење на историски датуми било некаков скандинавски модел. Глупост. Замислете, на пример, во Шведска некој да рече дека одреден билатерален договор со Норвешка е склучен на шведски јазик и на „официјалниот“ јазик на Норвешка. Такво нешто не може да се случи.

Добрососедските односи треба да бидат една од константите на надворешната политика на Македонија. И тоа не поради тоа што тоа го бара Брисел, туку, пред се’, поради нас самите. Тие добрососедски односи не се градат со славење заеднички датуми од историјата, туку со максимално развивање на сите форми на соработка во сегашноста, од полето на спортот, културата преку економските односи, па дури и заеднички или барем многу слични политички ставови за некои пошироки регионални или глобални прашања и предизвици. Арно ама, бидејќи ние не сме ја научиле историјата, сега ќе ги повторуваме истите историски грешки со некакво оправдување дека наводно било по европски образец!?

Типичен пример за повторување на истите грешки е токму сегашниот бојкот на опозицијата на законодавниот дом. Ама откако некои од пратениците, сепак, разумно одлучија да седнат во парламентарните клупи, а странците повторно вршат притисок, ВМРО-ДПМНЕ предлага лидерска средба и платформа за преговори, СДСМ на чело со двоецот Заев – Шекеринска тоа го прифаќа. Секако, за да бидат сигурни дека преговорите ќе се водат по „европски образец“ странците ќе дадат и свој експерт-модератор, кој ќе ги води преговорите. Замислете, „експертот“ доаѓа од Белгија. Држава во која поради тоа што немаше дијалог помеѓу двете најголеми етнички заедници, две години немаше влада. Навистина како граѓанин се чувствувам навреден од домашните политички елити кои не можат да се ги средат внатрешните проблеми и бараат „помош“ од странците. Замислете, дури опозицијата бара „странците“ (читај ЕУ) да бидат гарант дека договорот ќе се спроведе. Најблаго речено, понижувачки за сите нас кои живееме тука.

Инаку „принципиелниот“ однос на странците до нас сме го почувствувале повеќе пати, и тоа многу болно. Дури и сега таа нивна принципиелност е најблаго речена селективна. Ете ЕУ е загрижена за бојкотот на опозицијата и ќе им помогне на власта и опозицијата да најдат компромисно решение. Браво наши, браво ЕУ. Ама да прашам дали по ова вин-вин решение, странците ќе и’ „помогнат“ и на ДУИ да почне да го признаваат претседателот на државата. Мислам дека странците за ова ги боли уво. Е, па, нека ни е со среќа до идните избори.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com