Коалициска влада или типично византиско сценарио за нови избори

Веднаш по изборите после оној познат говор на Груевски пред седиштето на ДИК напишав дека Македонија многу брзо од општествена преку институционална ќе влезе во безбедносна криза која може да има многу пошироки импликации како дома така и во регионот. И за жал тоа се случи. Посебно загрижувачки се два настани. Прво, Груевски во своето последно интервју во кое како голем „патриот“ го повика „предавникот“ Заев да ја отфрли платформата на албанските партии а тој му ветува дека педесет и еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во новиот собраниски состав ќе го поддржат како мандатор и ќе ја поддржат неговата влада само да ја отфрли двојазичноста на целата територија на државата и да го зачува унитарниот карактер на уставното уредување. И ова не беше доста, Груевски се понуди во стил на христијанските маченици „еве мене затворај ме мачиме“ само немој да ја федерализираш Македонија!!. После вакви најблаго речено патетични изјави на вистинскиот (сѐ уште) газда во државата очекувано се јави персоната која со наши гласови (за жал) е распослан во претседателската резиденција и донесе одлука да не му го даде мандатот на Зоран Заев иако тој обезбеди парламентарно мнозинство од шеесет и седум пратеници. Објаснувањето на оваа павлиха од претседател (да потсетам павлиха на словенечки значи дворски шут) мислам дека не заслужува некаква анализа но факт е дека направи класичен уставноправен удар. Имено тој надвор од уставните надлежности рече дека не го дава мандатот бидејќи Заев прифатил во владината програма да ја вгради таканаречената платформа на албанските партии. Со ова се менува карактерот на државното уредување, односно Македонија од унитарна станува федерална држава а Албанскиот јазик станува втор службен јазик на целата територија. Ајде што сето ова е груба манипулација која е преземена од веќе споменатото интервју на Груевски туку оваа персона иако нема уставни надлежности дава оценка односно ја вреднува како неприфатлива некаква виртуелна владина програма која во суштина ја нема. Според нашиот Устав само Собранието и никој друг, ја оценува, ја прифаќа или ја отфрла владината програма. Навистина нема никаква смисла понатаму да се анализираат изјавите и потезите на Иванов кој одамна не само дома туку и на меѓународната сцена ја има изгубено сета кредибилност како вистински „шеф на држава“. И после овие „државнички потези“ на Груевски и Иванов, во одбрана на државата и на Македонскиот народ нормално се појави тој народ излегувајќиспонтано“ на улица. Навистина протестите се „замаскирани“ како натпартиско семакедонско движење кое на „мирен ненасилен и демократски начин“ ќе се бори за унитарна Македонија и против двојазичноста на целата територија на државата. Тоа што се тепаат новинари тоа што се вознемируваат пратеници од опозицијата и сите оние што не мислат како Груевски и Иванов (за вториов не сум сигурен дека баш многу мисли) се само случајни настани кој демек во таа масовност не можат да се избегнат! Во овој момент дилемата ама и загриженоста која верувам поголемиот дел од нас како јавност ја чувствуваме, е што и како понатаму. За жал работите кои ни се случуваат пред сѐ дома но и во регионот ја туркаат Македонија во онаа веќе еднаш многу скапо платена положба, а тоа е повторно да не користат како монета (паричка) за поткусурување на туѓи интереси, како на нашите соседи така и пошироко во рамките на Европа. Само сетете се на Балканските војни, па на Првата светска војна па на Париската мировна конференција и сите тогашни игри околу Балканот пред сѐ од големите Европски држави и како заврши Македонија и македонското прашање. 

Дека стануваме безбедносен проблем за регионот многу децидно го кажа и високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската комисија, г-ѓа Федерика Могерини во четвртокот на средбата со Иванов така и со лидерите на парламентарните политичките партии. Според некои неофицијални но сепак веродостојни извори Могерини на партиските лидери ама и на Иванов многу директно им ја пренела пораката од Генералниот секретар на НАТО Столтенберг која гласи. НАТО нема да дозволи нови судири и крвопролевање на Балканот. Во превод тоа гласи ако дојде до било какви конфликти или судири (на пример украинско сценарио со што не плаши господинот Ахмети) НАТО ќе интервенира. Но и тука има некои други многу битни моменти што не ставаат токму на линијата на судирот на големите играчи. Имено Русија веќе подолго време многу отворено изразува „загриженост“ за состојбите во Македонија, но уште повеќе е „загрижена“ за притисоците од Брисел но и Вашингтон врз Груевски што министерството за надворешни работи на Русија го оценува како грубо мешање во внатрешните работи на Македонија и во спротивност на волјата на народот? Се оди дотаму дека зад оваа албанска платформа стои идејата за Голема Албанија која ја загрозува како Македонија така и Србија и Црна Гора, велат во Москва. Сето ова јасно покажува дека Македонија станува некаков полигон каде што е можно да дојде до судир на стратешките интереси на Вашингтон и Москва. А верувајте дека и едните и другите око нема да им трепне да не искористат како паричка ако сакате и како колатерална штета за поткусурување и остварување на нивните стратешки интереси. Но да се вратиме дома.

Се повеќе сум убеден дека Груевски нема доброволна и по мирен пат да ја предаде власта на новото парламентарно мнозинство. Од друга страна останува дилемата дали ДУИ кои сега пресече и најави дека влегува во коалициска влада која би требало да ја состави Заев сега ќе покаже политичка зрелост и ќе ја повлече таканаречената албанска платформа. Реално гледано во таа платформа има цел куп ирационални барања што Груевски со својата пропагандна машинерија успеа максимално да го спинува дека Заев за добивањето на потписите од пратениците на ДУИ и на Беса и на Села во суштина прифатил федерализација на Македонија. Затоа Ахмети ако искрено и сериозно влегува во проектот на ново парламентарно мнозинство и влада со СДСМ би било најдобро во овој момент да ја повлече платформата. Тоа не значи дека за прашањето за употреба на Албанскиот јазик не треба да се разговара. Но не во овој изразито сериозен момент кога политичката состојба во Македонија е многу фрагилна и со сериозна интенција да ја наруши стабилноста во регионот. Не, во момент кога можеби ирационално но многу Македонци благодарејќи на манипулациите искрено се уплашени дека Македонија ќе се федерализира. А Груевски тоа добро го спинува дека потребни се нови избори на кои граѓаните (пред сѐ Македонците) ќе се изјаснуваат токму за платформата. Затоа некаде длабоко се прашувам дали ова не е одлична игра на довчерашните партнери. Односно во македонскиот блок, ако има избори, Груевски таа платформа ќе ја користи како оружје против „предавникот“ Заев и СДСМ. Додека во албанскиот кампус Ахмети повторно ќе биде тој кој единствено е способен да ги обезбеди, прошири и надгради правата на Албанците. Во ова балканско византиско политичко милје се е можно а за жал или ние обичните граѓани стануваме се по параноични???

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com