КИСЕЛИ КРАСТАВИЧКИ

Кога се изместени сите професионални, па дури и морални принципи, критериуми и вредности, тогаш навистина лесно е да се манипулира со јавноста

Во новинарскиот фела, барем онаа на мојата генерација (фосили), летните месеци ги нарекувавме време на „кисели краставички“ затоа што политичките и државните активности беа сведени на минимум, па затоа и’ „продававме“ на јавноста бајати работи. Од интернетот немаше ниту „и“, а наместо процеси на глобализација имаше мултиполарен свет: Исток (СССР како симбол на комунизмот и неслободата), Запад (САД како стожер на тој „слободен свет“) и неврзаните, каде поранешна Југославија беше главна.
Но, светот се врти и оди напред. Денеска имаме интернет, па така од дома, од канцеларија или од кафеана можеме да комуницираме со целиот свет. Формално се урнаа идеолошките разлики, неврзаните како движење ги има само на хартија Југославија ја нема ниту на хартија, ама затоа има FYROM (Former Yugoslav Republic of Macedonia), a тоа сме ние, Република Македонија. Не ми е целта да мудрувам околу апсурдниот спор кој ни го наметна јужниот сосед. Тоа што би сакал да споделам со читателите на „Утрински“ се некои мои видувања околу новинарите, медиумите и воопшто медиумскиот простор.
Знам, ќе речете, дека оваа владејачка структура ги контролира сите или речиси сите медиуми. Да, ама во мое време контролата на партијата врз медиумите беше многу по голема, па сепак се „снаоѓавме“, особеноо по заминувањето на Маршалот од овој свет. Денеска имаме од една страна контролата врз медиумите која се одвива пред се’ лукративно, а од друга страна тотално ниски професионални, па дури би рекол и морални критериуми во новинарството.

На празникот Рамазан Бајрам се случи сообраќајна несреќа во која шестмесечно бебе го загуби животот, а неколку други патници се тешко повредени. И токму овој трагичен настан, за жал, многу добро ја отсликува таа реалност за која зборувам. Ниски професионалност критериуми и недостаток на морални принципи и секако спинување од страна на власта. Да одиме по ред. За оваа трагична несреќа, во која настрадаа српски граѓани, изјава даде и министерката за внатрешни работи, која дури се дрзна да кажува со какви повреди се стекнале учесниците во несреќата. За жал, вакви несреќи во летниот период се случуваат и кај нас и секаде во регионот и Европа, ама единствено кај нас министерот за внатрешни работи излегува пред камери за ваков навистина трагичен настан. Ама нели нашиве работат 24/7, па секоја прилика треба да се искористи.

Но, некои медиуми глумејќи некакво истражувачко или не знам веќе какво новинарство, а во суштина само ја покажуваат бедата на професијата, другиот ден ја продолжија оваа трагична сторија, а врв на тој најблаго речено новинарски идиотизам беше веста дека таткото на починатото бебе откако бил пуштен од една од скопските болници отишол во Клиничкиот центар, каде што се наоѓа неговата сопруга поголемото дете и неговиот брат и не мрда од таму чекајќи информации за своите најблиски. Па каде очекувате да оди кога неговиот син, сопруга и брат тешко повредени лежат во болница. Понатаму само кај нас ќе слушнете како лекарите директно во камера ја прераскажуваат комплетната анамнеза на повредените или болните. Дали некој ги поучил и лекарите и новинарите и уредниците дека историјата на болеста е тајна заштитена со закон. Дали некој се прашал како ова го доживуваат најблиските на пациентот.

И кога се изместени сите професионални, па дури и морални принципи, критериуми и вредности, тогаш навистина лесно е да се манипулира со јавноста. Еве, на пример, министерот за информатичко општество најави дека е отворена веб-страница, на која граѓаните многу брзо и едноставно ќе доаѓаат до информациите од јавен карактер. И можеби сакајќи да биде актуелен како пример го спомна буџетот односно ребалансот на буџетот. Да го потсетам министерот дека и буџетот и ребалансот со години наназад и тоа уште во фаза на предлог биле објавувани на веб-страницата на парламентот и нормално по усвојувањето. А најновиот предлог ребаланс уште од вторникот е на собраниската веб-страница. Повелете, господине министер, поредовно да ја следите страницата на Собранието. Ама никој од новинарите тоа не му го спомена.

Понатаму, слушнавме дека партијата ДОМ ќе поднела кривична пријава против „Макстил“ за загадување на човековата околина. Браво, ама некој од овие нови генерации „новинари“ да прашаше зошто ДОМ не ја тужи државата, односно владата, односно одредени министерства, кои досега ништо не презеле, иако и премиерот и поедини министри одамна ни ветуваат дека ќе ги затворат сите загадувачи. Патем ни ден-денеска не знаеме во кои лаборатории се испитува загаденоста. Мојот омилен и хиперактивниот министер за здравство пред камерите не’ информира дека поднел кривична пријава против непознат сторител во врска со случајот листеријата, а еве јавноста уште ништо не знае кај кои домашни производители била најдена таа бактерија.

Вакви и слични бомбастични најави слушаме со години. Една од најегзотичните најави, барем за мене, беше дека на Охридското Езеро ќе се правел аеродром за хидроавиони! Ако некој направи и најобична квантитативна анализа, па едноставно ги собере сите најави, ветување, црвени ленти, ќе испадне дека Македонија е некаде на ниво на развиеноста тука некаде веднаш по скандинавските држави. А реалноста е дека сме на дното во Европа.

И сега повторно доаѓаме до фактот дека Владата ги контролира медиумите. Точно, ама што со оние медиуми и новинари кои самите себеси се прогласуваат за слободни независни и демек професионални. Ако својата слобода независност и професионалност ја сведуваат само на „Уаа Влада“ , „Долу Влада“, „Груевски автократ“ и слични пароли, што во практиката го прават, е тогаш тие се на ниво на онаа позната и омилена, но веќе одамна потрошена фраза на новинарите патриоти дека „Бранко е крив“. Во ваков медиумски простор како што е нашиов, „контролиран“, автократски“ и уште не знам што, ако барем малку се почитуваат професионалните стандарди во новинарството, работите би биле за едно копје подобри и во корист на слободата на изразувањето. Само еден пример. Зарем онаа афера со тендерите на една од познатите новинарки „патриоти“ ќе завршеше така како што заврши ако за ова не пишуваа медиумите. Ама, како што реков, многу полесно е да викаш „Уаа Влада“ или „Бранко е крив“ А со вакво новинарство (за жал, многу малку професионални медиуми и новинари) наместо кисели краставички во лето кај нас цела година повеќе се продава скапана кисела зелка која непријатно мириса.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com