КАМПАЊСКА ДИПЛОМАТИЈА

Нема никакво оправдување зошто македонските пратеници не беа на сесијата во Стразбур

Вчера во Стразбур заврши есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Ова е последна сесија за оваа година, по правило се одржуваат само четири кои траат по една работна седница. На оваа седница, меѓу другите точки, на дневен ред беше и состојбата во Западен Балкан со акцент на Србија, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина. Од изборите и пописот во Албанија, немирите во северниот дел на Косово, и други кои негативно влијаат на стабилноста на Западен Балкан и неговата евроатланска перспектива. Уводничар за оваа точка беше шведскиот пратеник Вон Сидорф. За жал на сесијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа не присуствуваше македонската делегација од причини кои им се познати само на нејзините членови. Делегацијата ја сочинуваат тројца пратеници плус тројца нивни заменици, а ги избира Собранието од редовите на актуелните пратеници. Советот на Европа е најстара европска институција основана во 1949 година. Во неа членуваат 47 европски држави кои обединуваат околу 800 милиони европејци. Македонија во Советот на Европа е присутна од 1993 година а од 1995 има статус на полноправна членка. Во Парламентарното собрание на Советот на Европа со цел да доминираат европските вредности и интереси а не националните, се седи по пратенички групи и денеска во него има пет пратенички групи кои ја покриваат целокупната идеолошка и политичка лепеза. Токму на овој начин во рамките на овие пратенички групи може (ако знаете и ако сте присутен) да ја практикувате парламентарната дипломатија и да ги артикулирате националните интереси.

Од она што можеше да се прочита во медиумите отсуството на нашата делегација навистина е повеќе од чудно. Еден од пратениците изјави дека лекар му советувал да не патува во Стразбур. Навистина мојата новинарска, но и човечка етика, не ми дозволува ниту да се сомневам ниту да прашувам подетално за здравствена состојба на било кого и тоа го земам како факт. Вториот член на нашата делегација изјави дека „имал неодложни работи дома“. Навистина се прашувам за какви обврски станува збор, за партиски, парламентарни или некои дневно политички. Ако биле парламентарни обврски е тогаш неговото место би било во Стразбур, а не дома. Третиот член на делегацијата новинарите не го ни прашаа. Но, затоа зошто не замина нашата делегација во Стразбур новинарите неделава го прашаа претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски. Вељаноски одговори многу јасно: „Јас како претседател заедно со Колегиумот (го сочинуваат тројцата потпретседатели на Собранието) го одобрив патувањето на нашата делегација и патување на еден службеник од собраниската администрација. Службеникот замина а зошто пратениците не заминаа прашајте ги нив“.

И така, од тројца пратеници плус тројца нивни заменици ние не успеавме да скрпиме наша присуство на сесијата во Стразбур. Делегацијата ја избира Собранието а предлогот за нејзиниот состав е политички договор меѓу парламентарните групи. Претседателот Вељаноски беше иницијатор во 2009 година кога се одбележуваше шеесет години од формирањето на Советот на Европа тоа свечено да се одбележи и во Собранието на Македонија. Тогаш за прв пат во Собранието се свиреше и европската химна (познатата „Ода на радоста“ од Бетовен) а се одржаа и други соодветни манифестации. Настан кој беше забележан и истакнат од страна на претходниот претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Луи Марие де Пуч.

Во 2010 година Македонија претседаваше со Комитетот на министри на Советот на Европа и тоа под име „Македонско претседателство“ иако нашиот сосед на ова многу силно се спротивставуваше, што е секако заслуга на нашата класична дипломатија, но и на парламентарната дипломатија. Претседавање кое токму во Советот на Европа беше оценето како многу успешно.

И на сето ова на последната сесија за оваа година на Парламентарното Собрание нас не’ нема, иако по својата агенда и по усвоените заклучоци е многу значајна и за нас и за регионот. Дипломатијата, како онаа класична така и парламентарната, не трпи кампањско работење, кое завршува на пример да добиеме претседавање со Комитетот на министри или да имаме претседавач со Генералното Собрание на ОН. За жал, кај нас во изминативе дваесет години имаме многу повеќе кампањи и кампањско работење отколку систематско и континуирано остварување на толку многу прокламирани цели па без разлика дали станува збор за внатрешните состојби и развој или нашите меѓународни определби. Ете затоа сме денеска во некој регион наречен Западен Балкан кој како да не сме свесни дека се’ повеќе се стеснува.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com