КАДЕ СМЕ И КАДЕ ОДИМЕ !?

Владата секој ден ниже нови победи, па макар било тоа чистење на канали за наводнување или ставање на стентови во битолската болница

Ова е прашање кое подолго време ги окупира, би се рекло, сите структури во Европската унија, а посебно во еврозоната. Прашање кое кај обичниот или подобро речено просечниот европски граѓанин му предизвикува несигурност, страв и непријатни чувства за неговата сегашност но и иднина. За политичките и државните лидери ова прашање претставува своевиден кошмар бидејќи ако до вчера, ајде да речеме ја водеа државата комотно и без потреба да носат и спроведуваат „историски“ одлуки, сега се соочуваат со вистински „историски“ предизвици, за кои треба и знаење но и храброст. Бидејќи, сега треба да се креираат и спроведуваат крајно рестриктивни политики, кои повеќе од болно задираат во секојдневието но и иднината како на државата, а со тоа и на граѓаните.
За науката пред се економската а и за другите општествени науки ова прашање претставува вистински предизвик за сериозни истражувања анализи и изнаоѓање на конкретни одговори и решенија. А неверојатно но вистинито сето ова го предизвика Грција, која во европската економија придонесува и е позната, по маслинките и маслиновото масло, фетата и секако по туризмот. Да биде работата уште пострашна должничката криза во еврозоната и тоа како ја погодува светската економија. Можеби наједноставно тоа го објасни неодамна и новиот директор на Светската банка Џим Јонг Ким кој изјави дека кризата во еврозоната, го погаѓа и рибарот во Сенегал и програмерот во Индија. А господинот е во право иако не е економист туку доктор, ама велат близок на претседателот Обама.Имено Европа учествува со 25 проценти во светскиот БДП. Ако се погледнат најновите економски показатели во одделни региони во светот пред се Кина и Јужна Азија, потоа Латинска Америка, се забележува намален пораст на БДП а тоа предупредуваат многу економски аналитичари може да доведе и до нова криза во САД која се уште е економска сила број еден.

Но затоа Европа и светот Грција ја перцепираат и доживуваат како лулка на демократијата и храм на филозофската мисла врз кои денеска се темели европската па и светската цивилизација. А нашиов јужен сосед тоа знаеше барем досега добро да го искористи, а Европа и светот секогаш имаше разбирања за грчките потреби, потези па дури и за нивните чувства, (па макар тие биле ирационални како што е на пример спорот со нашето име).

Но по се’ изгледа кризата во евро зоната многу ги заниша оние основни вредности и принципи врз кои не само што е втемелена ЕУ туку и принципите и вредностите врз кои според Лисабонскиот договор ЕУ треба да се развива. Тоа е и причината зошто денеска не само институциите во ЕУ туку и сите членки на ЕУ ( секако без актуелниот претседавач Кипар) јасно на нашиот јужен сосед му ставија до знаење дека или сериозно ќе ги донесе и спроведува навистина крајно ригорозните мерки на штедење, што значи кратење на буџетот а со тоа и на сите оние последици кои ги носи тоа, или и официјално ќе прогласи банкрот и со тоа да излезе од еврозоната.

Актуелната грчка Влада која веќе во јуни требаше да ја изготви програмата за штедење и потребните пакет мерки, тоа не го стори ниту до јули. Сега европската тројка која на крајот на јули требаше да си замине од Атина останува и е многу јасна дека август е последниот рок за грчката Влада, ако сака да ја добие наредната транша од околу 11,5 милијарди евра, инаку и формално ќе треба да прифатат дека се „фалименто“ и ќе мора да ја напуштат еврозоната. Со други зборови треба да се определат што би рекле кај мене во Дебармало, помеѓу „змија или магаре“.

Но за волја на вистината ниту малку не е подобра состојбата и во Шпанија Италија, Португалија и Ирска. Словенија деновиве доби „комплимент“ дека е мала Шпанија во Централна Европа. На пример Шпанија до 2014 година треба да заштеди д 102 милијарди евра!? Понатаму Италија, која за време на Берлускони повеќе го покажуваше својот мачоизам во однос на германската канцеларка Меркел. Сегашниот премиер Монти во целост ја признава нејзината лидерска улога во ЕУ, и ги поддржува мерките и решителноста на Меркел да се справи со кризата во еврозоната. А тие се сведуваат само на едно, штедење и кратење на буџетите. Дури и францускиот претседател Оланд кој на почетокот од својот мандат беше доста критичен кон мерките на Меркел, сега изјавува дека заедно Меркел ќе сторат се’ да ја спасат еврозоната.

Колку е длабока и сериозна кризата во еврозоната можеби покажува потегот на познатата мултинационална компанија „Ројал Дач Шел“ која од европските банки извлекла над 12 милијарди евра поради кризата во еврозоната и тие средства ќе ги вложи надвор од еврозоната. Што ако ова го следат и другите големи мултинационални компании. Одговорот е едноставен многу помали европски банки ќе пропаднат додека големите ќе се соочат со тежок проблем на неликвидност, истакнуваат аналитичарите.

И додека во цела Европа сите се загрижени што ќе биде утре, транспарентно и многу јасно пред јавноста се излегува со најцрните можни сценарија, кај нас имаме две крајности. Опозицијата која, ете, се шета меѓу народот и се учи како се ниже тутун и ги претставува своите кандидати за идните локални избори, а притоа освен што од петни жили ни кажува дека оваа Влада не чини и дека ние сме фактички мртви (секако гледано од економски аспект), ниту со еден збор не ни кажува како да ја оживееме економијата. Владата, од друга страна секој ден ниже нови победи, па макар било тоа чистење на канали за наводнување или ставање на стентови во битолската болница! Но затоа во секоја прилика не’ потсетува дека ете за разлика од Европа, тие не ги зголемиле даноците и не ја подигнале старосната граница за пензионирање како што е во Европа, и не ги намалиле пензиите. Патем највисоката пензија во Македонија се’ уште е помала од најниската пензија во Словенија. Со други зборови ние сме најдобри и затоа гласајте за нас

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com