И сега шу праиме?

Како што се развиваат работите кај нас веќе почнувам да навлегувам во некоја метафизика и да се прашувам што толку сме му згрешиле на Бога па не казнува па ни даде ваков претседател. Оваа павлиха, фикус, Хорхе или кој било атрибут да ставите нема да погрешите, наместо да обединува и да изнаоѓа вистински решенија или барем да дава предлози кои ќе помогнат да се решат актуелните проблеми тој ги продлабочува а со тоа и ја зголемува општествената поделеност. Ако последниве две години живеевме во вистинска општествена криза. По изборите од 11-ти декември наместо да започне процесот на излегување од општествената криза што беше и нивна основна цел дефинирана во забелешките на Прибе и договорите Пржино1 и Пржино2, ние влеговме во институционална криза. Имаме некаква влада која не е влада имаме 120 верификувани мандати на пратеници ама немаме Собрание бидејќи процесот на неговото конституирање кое завршува со избор на претседател не завршен. А за другите државни институции како функционираат подобро и да не споменувам, што јасно покажува дека институционалната криза е тука и сите ја чувствуваме. И сега со најновата одлука на онаа павлиха од претседател, (павлиха на словенечки значи дворски шут) околу мандатот за состав на влада, таа институционална криза се продлабочи и тоа што е навистина загрижувачки може да прерасне во безбедносна криза. Имено овој „фикус“ откако му го даде мандатот на Груевски (мислам дека тоа го стори согласно на уставот и нашата практика) а овој не успеа да создаде парламентарно мнозинство и со тоа да направи влада сега воведува некои нови правила. Имено откако собраниската администрација (а не Груевски на кого му беше даден мандатот) го информира дека до Собранието мандатарот не суд не толмачи закони дека автентично толмачење на законите прави единствено Собранието. Ама нејсе, да не ги повторувам веќе познатите факти „фикусот“ од претседателската резиденција сега бара од политичките лидери поред потписи од 61 пратеник да му достават и програма па дури тогаш формално ќе го доделил мандатот на тој што ќе ги исполни овие услови. Консултации со политички лидери во вакви ситуации како што е нашата не е ништо ново и спаѓа во редот на позитивните парламентарни практики. Веќе повеќе пати ја споменувам Хрватска и претседателката Колинда Грабар Китаровиќ која тоа го стори. Но кај нас Хорхе ако типична дворска павлиха прво го даде мандатот на Груевски а сега бара прво потписи на 61 пратеник па потоа мандат. Односно со ваков селективен пристап прави многу јасна диференцијација меѓу партиите. Но уште пострашно и спротивно на Уставот и на кој било закон е фактот што тој сега бара да му биде приложена и програма за новата влада. Навистина Хорхе или „одлепил“ или пак како Фауст ја продал душата па сега прави се што хазаинот (газдата) ќе му нарача. Имено програмата на владата се доставува само до Собранието тоа ја разгледува тоа може да ја прифати или да ја одбие и никој друг а најмалку пртеседателот на државата.

И што сега? Реално гледано сега се поставува прашањето кој лидер односно партија собира потписи. Се има впечаток дека сега сите собираат потписи за парламентарно мнозинство. Веќе знаеме дека СДСМ во состав на Шекеринска, Дескоска и Спасовски преговара со тројката од ДУИ во состав на Теута Арифи Меџити и Бејта, односно онаа тројка која беше против коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна во политичките кулоари се шушка дека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ имајќи ја предвид нескриената љубов меѓу Ахмети и Груевски (да бидеме на чисто станува збор за политичко тендерска љубов) преговараат и понатаму но строго дискретно и не се знае кои се преговарачите односно може само да се шпекулира. И додека нашиве преговараат од нашите странски „пријатели“ па дури и од „стратешките партнери“ добиваме најблаго речено спротивставени пораки. Откако на ВМРО-ДПМНЕ во стилот на класична „тужибаба“ преку некои конгресмени не успеа да го смени Амбасадорот Бејли, Стејт департманот многу јасно одговори дека тие стојат зад својот Амбасадор и за се она што тој го рекол или го направил. Во истовреме беа многу јасно што очекуваат од новата влада а продолжувањето на работата на СЈО е приоритет број еден. Во меѓувреме како што пренесоа и некој наши медиуми и портали републиканскиот конгресмен Дана Рохрабачер (по се изгледа правилно би било Деин Рорабахер) изјавува дека Македонија не е држава и дека треба да се подели помеѓу Албанија и Бугарија или некоја друга држава која ние ја чувствуваме како блиска. Во истовреме овој републиканец (значи од тајфата на Трамп) кој сега мамичето … на сите соросоиди кои сакаат да ја уништат Македонија му испраќа писмо на српскиот преседател Николиќ и му предлага да размисли за опцијата за размена на територии со Косово. Српскиот премиер Вучиќ одговори веднаш,одговори  одбивајќи го овој предлог. Нашиов слаткоречив министер за надворешни работи сè уште ја учи абецедата на дипломатијата. Велат дека едвај дошол до буквата „Б“. Од друга страна Амбасадата на Русија повторно изразува загриженост за состојбите кај нас и за мешањето на странскиот фактор во внатрешните работи на државата Македонија. Да потсетам нешто слично неодамна дојде и од руското министерство за надворешни работи, а не така одамна Лавров не стави на линијата на огнот помеѓу интересите на големите играчи. Јасно е дека ова се игри или предигри за најразлиќни сценарија и варијанти кои ги имаат “големите играчи“ и кои  во суштина не одразуваат на пример некава “љубов“ до Албанците или “омраза“ до Македонците туку се во функција на нивни тактички и стратешки интереси. Ама сепак само да прашам бидејќи по се изгледа ништо досега не сме научиле од историјата дали повторно ќе станеме паричка за поткусурување на нечии интереси…

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com