И по Хан, влада или…

И така Хан дојде демек за унапредување на енергетските состојби во регионот Западен Балкан. Мисијата завршена успешно. ЕУ ќе фрли околу 50 милиони евра, договорот беше потпишан, а српскиот министер за надворешни работи Дачиќ, знаел каде се наоѓа односно дошол во Република Македонија, барем така рече нашиот слаткоречив министер Поповски. Ама мисијата на Хан, кој патем е комесар за добрососедски односи а не за енергетика, продолжи во четвртокот во попладневните часови со средби со лидерите на сите парламентарни партии. Секако и оваа мисија за Хан односно бриселската администрација ќе биде успешна бидејќи тој успеа на сите лидери да им каже што очекува Брисел од нив но и да ги слушне и нивните ставови кои верувам не му значат баш многу. Арно ама со тоа неговата мисија не заврши. Во петокот се сретна и со нашиот ни претседник кој од Хан побарал негов поактивен ангажман во решавањето на сегашната состојба. Па добро сега вие јасно зошто оваа персона има цел куп го нарекуваат Хорхе фикус павлиха и ред други атрибути. До вчера за состојбите кај нас беа виновни сите соседи плус скоро целата меѓународна заедница, а еве сега од Хан бара поголем ангажман! Но затоа не заборавил да спомене дека тој ќе го брани државните интереси на Република Македонија што подразбира унитарниот карактер на државата. Абе дали треба сега да му нацртаме на оваа павлиха дека националните интереси на државата пред сѐ ги одредува Владата преку својата програма а потоа Собранието таа програма ја прифаќа, ја коригира или ја отфрла… Нејсе од оваа павлиха навистина ништо не нѐ изненадува. Во секој случај Хан се врааќа во Брисел во стил на Том Круз од онааа серија филмови MISSION IMPOSSIBLE

Но да се вратиме на најважното кој ќе прави влада односно кој со кого ќе коалицира. Ајде да почнеме од ВМРО-ДПМНЕ. Откако беше јасно дека со ДУИ не им оди коалицијата и тоа како што вели ДУИ поради разликите околу мандатот на СЈО, ДУИ е за продолжување на мандатот ВМРО-ДПМНЕ против. Додека за другите барања на ДУИ речено едноставно дефинирани во платформата немале некои суштествени разлики. Ова барем сите го знаевме одамна. Арно ама откако ВМРО-ДПМНЕ молчеше скоро десет дена од ракав повторно го извлече националниот адут. Имено тие биле против двојазичноста, против федерализацијата и слични патриотски флоскули. Ако е тоа така зошто веднаш на 30 јануари ова не го соопштија пред јавноста туку молчеа. Интересно сега од ДУИ тврдат дека за преговорите со ВМРО-ДПМНЕ имаат пишани документи. Богами ова состојба ми личи на онаа позната изјава на Груевски цитирам „вистината е како шило, врти, врти и оп излегува на видело“. И богами излезе во таканаречениот „Мајски договор“. Нејсе едно е сигурно ВМРО-ДПМНЕ како партија за жал бранејќи го лично Груевски и она што го викаме фамилијата, долгорочно самата го урива својот рејтинг. Дури сум убеден ако ја продолжи таа политика, дека тоа ќе се почувствува во негативна смисла веќе не локалните избори кои се пред нас.

Според она што се шушка во дипломатските кругови после оваа мисија на комесарот Хан, многу е сигурно дека СДСМ и ДУИ и барем уште една партија најверојатно Беса а може и Села со своите три пратеници да направат влада односно да соберат потребните 61 потпис. Сепак во ДУИ крилото на Ахмети кои никако да ја заборави тендерската љубов со ВМРО-ДПМНЕ односно фамилијата и сѐ уште се обидува преку поставување на вакви или онакви услови  повторно да се вратат на нови преговори со ВМРО-ДПМНЕ. Но тука Ахмети има еден голем проблем. Ако се откаже од коалиција со СДСМ и се врати во тендерската прегратка со ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори го чека вистински Ватерло односно партијата ќе биде тежок губитник. Интересно се некои шпекулации кои доаѓаат од албанските политички кругови дека ДУИ ќе оди со СДСМ во коалиција ама локалните избори ќе бидат некаков лакмус како напред. Ако ДУИ помине добро и ги врати албанските гласови кои сега ги доби СДСМ, ако ВМРО-ДПМНЕ успее колку толку да обезбеди солиден резултат и кога станува збор за советници но и за градоначалници тогаш коалицијата СДСМ и ДУИ брзо ќе заврши. Дали тоа ќе биде внатрешно прегрупирање во Собранието и формирање на нво парламентарнно мнозинство а со тоа и нова влада (ова  многу често на пример се случува во италијанскиот парламент) или ќе се оди повторно на самораспуштање на парламентот и некаде на есен нови избори останува да видиме. Во секој случај претстојните локални избори ќе бидат вистинскиот лакмус кој ќе покаже дали колку толку ќе имаме дефинитивно еден цел парламентарен мандат од четири  години. Мандат во кој дефинитивно и како држава и како општество ќе се вратиме на нормален колосек во кој ќе почнеме ама и ќе завршиме цел куп реформи кои ни ги наброи Прибе и извештајот ма ЕК. Во спротивно циклусот на предвремени избори кои не донесоа ама ништо добро ќе продолжи а со тоа и сите овие негативни да не речам катастрофални последици со кои живееме од 2008 година па до денес. И можеби барем еднаш за секогаш ќе научиме работите и проблемите никој од надвор не може да ни ги реши. Сетете се на народната мудрост помогни си сам ако сакаш и Господ да ти помогне… Мислам дека за почеток самите ќе си помогнеме ако веќе во понеделник без разлика дали ќе биде формирано парламентарно мнозинство да се избере претседател на Собранието како прв чекор кон нормализација на состојбата во државата. Лесно е на Ахмети да го споменува белгискиот случај кога две години беше без влада. Точно ама имаше парламент господине Ахмети.

 

Тодор Пендаров

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com