И НАД СКОПЈЕ ИМА „КАЛЕ“

Но затоа барем во овој момент не е јасна дали попладнето (на 31 март) на „Калето“ пиел чај господин Ахмети па потоа ДУИ некаде околу полноќ носи одлука дека излегува од владата и тоа само седум дена до распуштањето на парламентот.

Насловот морам да признаам не мој туку го позајмив од еден твит на социјалните мрежи, а според мене на многу едноставен но точен начин покажува колку ние се повеќе наликуваме на територија а се помалку на држава која има капацитети да ја остварува својата државотворност. И затоа со асистенција на некој друг (Вашингтон со асистенција на Брисел) таа „држава“ како така да функционира. И веднаш да разјасниме таа каква таква државна функционалност која ни ја „обезбедуваат“ Вашингтон и Брисел не е затоа што овие центри на моќ толку многу не сакаат нас кои ете се уште останавме овде да живееме туку пред се за остварувањето на  нивните глобални интереси. При што на врвот е стабилноста како внатре така и во целиот регион наречен Западен Балкан.

И еве многу свеж пример кој го оправдува овој твит искористен и како наслов на оваа колумна. На 29-ти овој месец во Собранието беше поднесен амандман за промена на Законот за кривична постапка зад кои застанаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Веќе другиот ден Амбасадата на САД на својот официјален твитер твитна (why now, why the rush, why only these changes) зошто сега, зошто брзање, зошто само овие промени) И веќе вчера 31 март ДУИ јавно изјави. Ние нема да ги гласаме овие промени на Законот за кривична постапка бидејќи нема консензус на сите парламентарни партии!!. Е па ако ова не е доказ како ние функционираме еве уште еден а се однесува околу Специјалното Јавно Обвинителство и најновиот случај „Тврдина“.

Имено само пред два дена Судот го одби барањето на СЈО да издаде одобрение, за претрес во станот на Горан Грујовски началник на петата управа на УБК. А веќе по еден ден истиот суд и истиот судија на претходна постапка на споменатиот Грујовски (кој околу 24 часа беше недосеглив за органите и потоа сам се појави во судот) му одреди притвор од 30 дена. Велат, во меѓувреме некој од судот пиел кафе со гостин од „Калето“!?

Но затоа барем во овој момент не е јасна дали попладнето (на 31 март) на „Калето“ пиел чај господин Ахмети па потоа ДУИ некаде околу полноќ носи одлука дека излегува од владата и тоа само седум дена до распуштањето на парламентот. Навистина изненадување но сепак поблиску ми е размислувањето дека сепак Централното раководство на ДУИ за ваква одлука направило консултација со „меѓународниот фактор“. И сега се поставуваат неколку барем засега непознати прашања и дилеми. Например, дали после оваа одлука на ДУИ да ја напушти коалицијата Собранието на 7 април ќе се распушти и на 5 јуни ќе имаме избори. Дали до седми ќе се формира некое ново мнозинство кое ќе ги одложи изборите. И тука сега ќе почне веселата математика кој колку гласови во Собранието има. Дали е ова само тактика или маркетиншки потез, за подобар резултат на изборите ако тие се одржат на пети јуни, а потоа да се користи во класичниот „алашвериш“ за состав на новата влада. И на крајот се поставува дилемата дали ова е потез со кој сите парламентарни партии во овој мандатен состав ќе бидат присилени да формираат некаква експертска или не знам каква влада која ќе мора во година или две работите да ги доведе колку толку во една нормална состојба. Но во истовреме и многу побрзо да го затвори прашањето со името. Како и да е многу бргу ќе се види каде води овој потез на ДУИ кој ете во „ситни саати“ во четвртокот донесе одлука после скоро осум години на коалиција со ВМРО-ДПМНЕ да излезе од Владата. Секако ќе биде интересно но и индикативно какви ќе бидат реакциите на ВМРО-ДПМНЕ на оваа одлука на својот коалициски партнер.

Како и да е барем јас имам впечаток дека сето ова што како на фабричка трака ни се случува деновиве треба да се свати дека меѓународната заедница сериозно се зафатила со проектот од оваа територија сепак да направи колку толку функционална држава. Држава во која ќе започневистиснко владеење на правото и функционирање на правната држава, во која ќе се почитува поделеноста на трите гранки на власта, извршна законодавна и судска и нивна целосна самостојност и независност. Секако дека тоа е процес кој ќе се одвива подолг период, година или две. Но притоа меѓународната заедница е свесна дека со актуелните политички елити пред се од власта но и од опозицијата тоа тешко ќе се оствари. Токму во тој контекст треба да се гледа и улогата на Специјалното Јавно Обвинителство. Имено ако се погледа како систематски работат, (што би рекле како швајцарски саат) а во истовреме и оштро (како оној познат швајцарски нож) полека но сигурно се стеснува просторот околу актуелните политички елити пред се на ВМРО-ДПМНЕ. Дури сум убеден дека Специјалното Јавно Обвинителство без разлика како ќе се одвиваат работите на политичката сцена во оваа наша балканска крчма тие ќе продолжат да работаатблагодарение на целокупната подршка на меѓународната заедница. Многу веројатно е дека СЈО нема да се задржи само на актуелните политички елити туку за очекување е дека „ќе ги опфати“ и другите институции односно поединци кој на овој или оној начин дошле во судир со законите. Па нема да ме изненади ако набргу СЈО не излезе со отворање на постапка и против претставнци на судската фела потоа обвинители и така натаму.

Како и да е во едно сум убеден. Досегашниот начин на владеење и практикување на власта (патем така е од осамостојувањето) е во завршна фаза. Меѓународната заедница нема да дозволи овој процес кој претставува вистински „почеток на крајот“ да застане, од причина што ако тоа се случи тогаш сигурно започнува една поширока дестабилизација не само на Македонија туку и на регионот. А во сегашните вкупни меѓународни состојби такво нешто е во спротивност на интересите на Вашингтон и Брисел односно што би рекла сеуште актуелната власт нашите стратешки партнери и пријатели кои ние сами ги избравме. Како и да е ние како граѓани не можеме да ја заборавиме и нашата улога и одговорност во овие процеси. Историјата поточно историското буниште е полно со држави и народи кои токму поради својата неодговорност завршиле во историскиот заборав.

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com