Ича мича и готова прича

 

Ние постарите кои го разбираме некогашниот српскохрватски јазик (денешен српски, хрватски, црногорски, бошњачки) добро се сеќаваме на оваа фраза со која по обичај завршуваа приказните во детските емисии, ама и нашите родители знае да ни ја кажат кога сакаа да ги скратат приказните кои ни ги читаа или раскажуваа. Секако „македонската приказна“ која ете политичките елити ни ја раскажуваат дваесет и шест години парадоксално се одвива во два правца. Едниот кои се однесува на политичките елити по правило секогаш завршува убаво и богато, односно како што изјави еден од по познатите бивши политичари „јас сум богат како просечен македонски бизнисмен“! Абе како се збогати кога прва и единствена работа ти беше пратеник и премиер??? Од друга страна ние обичнатараја“ во овој четврт век на македонската (не)успешни приказни стануваме секој ден посиромашни. Над 30% проценти од населението живеат во сиромаштија, средната класа скоро ја нема. Печалбарството (модерно речено миграција) и тоа во еден правец од ден на ден е се помасовно и станува високо позиционирана вредност, да не речам идеал на младиот човек. Државата во овој транзициски период од година на година се повеќе станува нефункционална. Ама затоа се повеќе имаме партизирана држава, која наместо да ги штити почитува и развива човековите права и слободи, да го спроведува и надоградува владеењето на правото таа се повеќе станува заробена држава со целосна контрола од актуелната владејачка елита врз сите три гранки на власта. И како да ова не им беше доста на актуелната политичка елита, или по позната како „фамилијата“. За да може полесно подобро и секако подолго да владее направи најдлабоко divide et impera на општеството. Оваа поделба на наши и ваши, патриоти и предавници дојде до полн израз после оние познати демонстрации пред Државната Изборна Комисија во декември минатата година кога „фамилијата“ на чело со „хазаинот“ на државата го повика народот да ја брани нивната „победа“. Тогаш некои аналитичари и колумнисти (Зеколи мојата дребност и други) предупредивме дека во суштина тој кој ќе завладее со улицата (сфатено ова во најширока смисла на зборот) на крајот ќе биде некаков си победник односно неговите ставови и барања барем оние најсуштинските ќе бидат прифатени. Целта на сето ова е само една, како „фамилијата“ да се спаси од можни правни консеквенции кои произлегуваат од она што го слушнавме во бомбите. Не смее да се потцени дека зад „фамилијата“ и Груевски стои (сѐ уште) ВМРО-ДПМНЕ која е одлично организирана партија која им послушно членство, а и многу пари. Партија, која на себе од лукративни причини (клиентелизам) има врзано се и сешто од уметници, глумци писатели до професори аналитичари и така натаму. Државните институции и така ги има под свое веќе 10 години. Партија во која теренското работење е доведено до перфекција па така ќе видите како министер за финансии промовира нови контејнери или како хазаинот (газдата) фрли илјадници лопати пресече километри и километри ленти, односно се има впечаток дека партијата и Груевски секогаш е со народот. Токму врз таа виртуелна проекција деновиве Груевски отворено го повикува народот да биде буден и да ја брани унитарноста на државата, а со тоа опстанокот на македонскиот народ. Неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ и народот спремни се и ќе реагираат најостро. Во суштина Груевски веќе недела дена најавува некакви насилни сценарија на СДСМ со цел да изберат претседател на Собранието а потоа и влада. А од тука, според Груевски до промена на унитарниот карактер на државата е само прашање на време, односно ете ти целосно остварување на така наречената тиранска платформа. Интересено, вакви предупредувања се засилија откако на Груевски не му поминаа „демократските“ решенија за кризата изразени преку „Патоказот“ и Манифестот“ на кои меѓународната заедница не „трзна“. Затоа тој сега на „мегдан“ го вади најсилното оружје „народот“. И што сега. Мислам дека Груевски нема да запре само со овие закани и предупредувања туку тие ќе и зголемува пред се преку притисокот од улицата односно „народот“ како што тој милува да рече.  Да потсетам. Повикувањето на „народ“ по правило е карактеристично за автократско владеење барем така покажува историјата.

Нема да ме изненади ако се случат и инциденти, прашање е само дали тие кои стојат зад нив ќе можат да ги контролираат да не прераснат во нешто многу поголемо кое може и нив да ги оддува на буништето на историјата. Опозицијата поточно СДСМ со своето водство за жал по не знам кој пат се покажа дека со своето однесување на „салонски револуционер“ не може да и парира на популистичката политика на Груевски која демек извира од народот и е во функција на негова благосостојба.

Албанците како наши сограѓани во последниве две години а посебно на последните избори барем еден дел од нив покажаа навистина политичка зрелост и која води кон вистински соживот, за граѓанско општество и одговорност за заедничка но функционална држава. Оваа политичка зрелост барем јас не ја гледам кај политичките елити на албанските партии. ДУИ односно најтесното раководство се има впечатокот дека иако ги даде потписите на Заев ама сѐ уште не се откажале од своите довчерашни тендер партнери. На пример од ДУИ не слушнавме ниту збор за манифестот на ВМРО-ДПМНЕ. Понатаму не чувме никаква реакција на заканите од Груевски дека тој заедно со народот нема да дозволи да биде избран ниту претседател на Собранието (кој треба да биде од ДУИ) а уште помалку влада ако пред тоа не се откажат од таканаречената тиранска платформа. Дали водството на ДУИ кои во последно време „темелно ги анализираат“ секој свој потез дошле сепак до заклучок дека идејата на ВМРО-ДПМНЕ за да се оди на нови избори можеби и на нив им одговара. Имено ако има нови избори ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кампањата ќе ја темелат исклучиво на таканаречената тиранска платформа. Парадоксално нели ама во суштина точно. ДУИ ќе ја брани и затоа ќе бара гласови од Албанците, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја напаѓа и за да не помине ќе бара гласови од Македонците.

И сега повторно слушаме дека ни е потребен меѓународниот фактор и некакво Пржино 3 како излез од кризата. Можеби и така ќе се случи. А тоа значи дека меѓународниот фактор повторно стабилноста ја става пред демократијата. Во тој пример победникот се знае, популизмот ќе победи. И така почитувани дојдовме до крајот односно до насловот Ича прича и готова прича. Се плашам дека потоа следи крајот на државата, само прашање е кој ќе ни ја каже оваа фраза од моето детство или можеби некои ќе ја употреби оној драмски настап на Чом кога го згасна светлото во А1 телевизија…

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com