ИНВЕСТИЦИИ

Кога се зборува за инвестиции, тогаш се брои само едно – пари. Е, токму тука баш некои поголеми успеси нема. Во периодот 2006-2012, според податоците на НБМ, во земјата влегле милијарда и 892 милиона евра инвестиции

Како и да е, планетата Земја (се’ уште) се врти. Дури и оној метеор што неодамна експлодира во Русија со ништо не ги загрози или промени основните космички законитости, ниту на планетава ниту во нашиот Сончев систем. Ако планетава Земја се врти според космичките, односно физикалните законитости, светот го врти парата. Само сетете се на култниот филм „Кабаре“ и незаборавната песна „Money“ (пари) и секако на актерскиот пар Минели – Греј. А, богами јас се сеќавам и на зборовите на мојот покоен дедо кој знаеше да рече: „Дуњава (турски збор за свет) ја вртат парите“.
Кога се зборува за пари како алатка која го „врти светот“ во денешно време се подразбира пред се’ инвестиции. Кај нас во последниве шест години се наслушавме колку ни се потребни инвестиции и затоа Владата многу активно работи на привлекувањето странски инвестиции. Навистина во правниот и административниот дел Владата направи многу конкретни и добри потези кои создаваат (барем формално) добри и привлечни услови за странски инвестиции. Од даночната политика (рамен данок) преку слободните трговски зони, добивањето разни дозволи и многу други конкретни мерки. И така на позната листа на „Дуинг бизнис“ ние станавме лидери не само во регионот туку и пошироко, да не речам во светски рамки. Мора да се признае дека актуелната Влада е прва во независна Македонија која направи нешто конкретно за создавање поволни и привлечни услови за инвестирање.

До тука се’ е во ред, ама кога се зборува за инвестиции, тогаш се брои само едно – пари. Е токму тука баш некои поголеми успеси нема. Во периодот 2006-2012, според податоците на Банката на Македонија (читај Народна банка), во земјата влегле 1 милијарда и 892 милиони евра инвестиции. Ако одиме по години, најголем прилив на странски инвестиции имало во 2007 година 506 милиони евра, а најлоши се 2009 и 2010 година, кога кај нас влегле 145, односно 160 милиони евра. Катастрофална е 2012 кога според податоците за првите три квартали од годината влегле само 72 милиони, но имаме и одлив од 38 милиони евра. Ако тука ги додадеме и оние патувања на владиниот тим, најчесто со премиерот, при што се обиколи скоро целиот свет, навистина се поставува прашањето зошто толку малку странски инвестиции. На ова, за владините претставници единствен одговор им е светската економска и должничка криза.

Но, дали навистина одговорот е само тоа. Еве да погледнеме каква е состојбата кај нашиот северен сосед Србија. Патем, тие се многу далеку зад нас на таа толку „сакана“ листа на „Дуинг бизнис“. Според Светска банка, Србија е некаде на дното според цел куп административни пречки за добивање градежни дозволи, но и други потребни документи. И покрај ваквите „лоши услови“ за инвестирање, Србија во периодот 2006-2012 има неверојатни 11 милијарди и 668 милиони евра странски инвестиции. Или, ако ова го сметаме по глава на жител, околу 1.612 евра (Србија има околу 7 милиони 242 илјада жители). Во Македонија странски инвестиции „пер капита“ за целиот овој период се 918 евра.

Во Србија најголемите инвестиции дошле во 2006 година, 3 милијарди и 323 милиони евра, во 2010 паѓаат на 860 милиони, додека во 2012 според податоците на српската Агенција за странски инвестиции, тие изнесуваат само 660 милиони евра. Но, минатата година одливот на средства од Србија е поголем од приливот, односно тие се во негатива за околу 59,5 милиони евра. Интересен е податокот дека над 9,6 милијарди евра странски инвестиции се од 10 европски држави при што најголем инвеститор е Австрија со 2,29 милијарди евра, потоа следи Норвешка со 1,3 милијарди, Германија 1,06 милијарди. Неверојатно и што боде во очи е дека од Луксембург во овој период стигнале околу 1,05 милијарди евра.

Кога се распрашав кај некои мои стари пријатели во Белград, од каде сега Луксембург, тие низ смеа ми одговорија, „то су наше паре“ кои нашите тајкуни ги изнесоа надвор, а сега преку фирми кои во Луксембург имаат само поштенско сандаче ги враќаат назад. Ама во ред е, сепак се инвестиции (Не би бил лошо ако и кај нас се случи овој процес). Понатаму една мала Словенија во овој период (2006-2012) во Србија има инвестирано 473 милиони евра. Додека Русија само 531 милион евра. Интересен е и еден друг податок. На пример словенечките инвестиции во Србија во последната декада отвориле околу 16 илјади нови работни места, додека преку германските инвестиции се вработиле над 68 илјади луѓе.

Во земјоделството (тема која кај нас е омилена за препукување, дијалог одамна немаме, помеѓу власта и опозицијата), во Србија се забележуваат големи инвестиции и тоа преку арапскиот свет. Имено, познатата корпорација „Ал Дахра“ (земјоделство и прехранбена индустрија) од Здружените Арапски Емирати веќе е сопственик на 7.453 хектари, а планира да вложи уште 200-300 милиони евра. Во Србија дури и големите земјоделски тајкуни барем јавно изјавуваат дека тоа е добро бидејќи на овој начин се отвора можност за поголема конкуренција, но и соработка, како и поголема присутност на светскиот пазар, а посебно на таканаречениот Халал-пазар (за ова пишував неодамна). Тука треба да се спомене и тутунската индустрија, имено во Србија се присутни двете најголеми светски тутунски корпорации „Филип Морис“, која патем во 2012 година на име акцизи и ДДВ во српскиот буџет уплати над 380 милиони евра и „Бритиш Американ табако“. И кога ги споменав Арапските Емирати, за оваа година се очекува во Србија да влезат со големи инвестиции во разни индустриски гранки меѓу кои и во наменската (читај воена) индустрија. Колку што се сеќавам, ние се’ уште не сме отишле таму, ама бевме во близина, во Катар, а и катарскиот шеик беше кај нас. Но, сега-засега, се’ останува на гардиската униформа и шарпланинецот кои катарскиот шеик ги доби на подарок.

Како и да е, во Србија не кријат дека за подинамичен развој им се потребни околу 2,5 до 3 милијарди евра странски инвестиции годишно. Исто така отворено зборуваат за сите оние проблеми и пречки, од администрација, судство, катастар до корупција, кои за странските инвеститори претставуваат вистинска авантура наместо сето ова да биде нормална рутина, изјави неодамна еден српски економист. Кај нас, барем засега, кога се зборува за странски инвестиции најчесто слушаме за рејтинзите на „Дуинг бизнис“, сликања со странски „инвеститори“, а потоа најчесто ни остануваат само сликите, и секако патувањата по светот во потрага по инвестиции. И ајде речете дека сега и ние се вртиме како дел од светот.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com