ИНВЕНТИВНОСТ ЗА ГЛУПОСТИ БЕЗ ГРАНИЦИ

Што следува по дронот во Белград, ќе видиме. Во деновите пред и по извештајот на Брисел се изнагледавме скандали, па дури и смешни карантини

И така успешно ја средивме еболата. И тоа во еден типичен наш балкански трагикомичен манир. Трагичен за семејството на починатиот Британец. Додека се’ останатото што се случуваше беше најблаго речено една добро режирана фарса, во која имаше и комични сцени. Навистина беше смешно како телевизијата која „прва дознава“ правеше директен пренос од пред хотелот во кој живеел починатиот Британец, истакнувајќи дека хотелот со сите вработени и гости е во карантин.
А карантинот типично балкански. Пред хотелот два-три полицајци само во униформи. На балконот гостите во карантин весело мавтаат пред камерите, а долу некое кафуле полно со гости сеирџии. И така три дена. Ама нема повеќе да ве давам со еболата. Колегата Ризаов во понеделникот во својата редовна колумна со наслов „Нема ебола, има идиоти“ многу добро го опиша целиот овој циркус. Околу дилемата што ја поставува во колумната кој е поголем идиот, дали оние кој продуцираат вакви лаги и ја вознемируваат јавноста, а тоа им е целта, или граѓаните кои со години веруваат на вакви и илјадници други лаги. Почитуван колега, Ризаов, по се’ изгледа дека токму ние граѓаните сме поголемите идиоти и веруваме во сите овие шарени лаги кои ни се сервираат две децении.
Тоа што актуелниве тоа лажење го доведоа до совршенство, вината повторно е кај нас, бидејки по се’ изгледа како јавност сме на еволуциско ниво на недифинирана тотално аполитична јавност, која слепо им верува на своите лидери. Ама, ете, ебола нема па можеби затоа мојот омилен министер за здравство веќе откако успешно го заврши проектот здравствен туризам, па слободни медицински зони, во кој ќе има најсовремени клиника и странци од целиот свет ќе доаѓаат да се лечат, ни најави дека за некоја година во Македонија нема да има лекар кој нема да помине барем еден „шнел курс“ во некоја реномирана клиника низ светот!

Пред тоа како добро темпиран настан ни пукна една судска афера, односно 14 судии за прекршоци беа приведени, а богами како шлаг на сета оваа папазјанија е натпреварот помеѓу фудбалската репрезентација на нашите соседи Србија и Албанија во Белград. Некој ќе рече – па, тоа се случи во Белград, а не кај нас. Во суштина мене сето ова ми личи на онаа народната – тие се „онакваат“ ама трудни сме ние. Зошто го велам ова? Откако беспилотното летало (дрон) на кое беше закачена картата на „Голема Албанија“ леташе над стадионот на Партизан во Белград, настанот се префрли кај нас. Во Тетово Скопје, Гостивар Струга Дебар, моите албански сограѓани „спонтано“ го прославија летањето на беспилотното летало (играчка) со знамето и картата на „Голема Албанија“ на стадионот во Белград. Ама овде дома кршеа автобуси и со познатите пароли за „Голема Албанија“ ја одбележаа големата националистичка провокација среде Белград и тоа на меѓународен спортски натпревар. Верувам сите ќе се сложиме дека сето тоа е против оној основен принцип дека во спортот не смее да се внесува политика. Принцип кој во целост го почитувале уште античките народи за време на спортските (Олимписки) игри. Зарем заборавивме дека овде на Балканот сите сме „антички“, едни Хелени, други Илири, трети (ние) сите од наш Аце. Ама заради таа наша „вродена заборавеност“ сите заедно сме во групата на таканаречени неисториски народи, кои ништо не научиле од својата историја. Замислете, навивачката група „Шверцери“ дури јавно се фали дека беспилотното летало било нивно и тие со далечински управувач го управувале. Браво наши!

Од тоа што го прочитавме и слушнавме српските власти по инцидентот го привеле и братот на албанскиот премиер Рама, кој бил на стадионот во Белград во ВИП ложа. Тоа што боде очи е фактот дека братот на Рама се легитимирал со пасош на САД и изјавил дека ништо не му можат оти бил американски граѓанин. Тоа ти бил вистински гест на голем албански патриот?! Албанските политичари, без разлика од која држава се, се’ повеќе ми наликуваат на Црногорците и онаа нивна израка – „Ние и Русите сме 200 милиони“.

Бучната прослава на моите сограѓани Албанци во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар по настаните во Белград не ме изненади. Не ме изненади ниту реакцијата (која ја немаше) на надлежното министерство. Но, затоа ме изненадија познати албански фаци. Од експерти, политичари аналитичари и така натаму. Сите до еден за инцидентот во Белград ги обвинуваат само домаќините. За дронот и картата на Голема Албанија ниту збор. За „спонтаното“ случување во Скопје, Тетово, Гостивар, ниту збор, за скандирањето за „Голема Албанија“ ниту збор, за демолираните автобуси ниту збор.

Да потсетам на настаните во Ѓорче Петров кога настрадаа дуќаните на албанските сограѓани. Тогаш се најдовме и такви Македонци кои отворено пишувавме или изјавуваме дека вакви хулигански испади треба да се осудат од јавноста и да се санкционираат од државата. И ова ќе помине, иако не верувам дека во некоја блиска иднина кај нас ќе се создаде вистинска критична јавност. Не верувам дека оние кои се во политиката ќе научат да ги практикуваат демократските принципи, а државата (поточно власта) да создава услови за вистинско владеење на правото и правната држава.

Бидејки сето ова се случува веднаш по објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија ќе ја цитирам изјавата на мојот пријател, новинарот Насер Селмани, дадена на седницата на Советот за евроинтеграции: „Јас како граѓанин дури може да прифатам Македонија да не биде членка на ЕУ, ама не можам да прифатам да бидеме недемократска држава“. Дилемата е дали ние граѓаните имаме капацитет да направиме демократско општество, а со тоа и демократска и правна држава. Историјата, барем досега, не само нашата туку на сите балкански народи, покажува дека токму ови прашања тешко ни одат. Ама затоа нашата инвентивност за нашите глупости навистина нема граници. Што ли следува после дронот – ќе видиме.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com