ИЗВОЗ НА „ПРЕРОДБАТА“

Според известувањата од Белград, српскиот министер за здравство бил одушевен од реформите на нашиот министер, но, сепак, ние ќе испраќаме лекари на обуки во српските здравствени установи. Кој е луд, а кој збунет

Навистина самитот на шефовите на држави во рамките на ПСЈИЕ пропадна, ама со „посветеноста“ и „упорноста“ на Владата покажавме дека не само што декларативно сме за регионална соработка туку Владата активно работи на нејзино продлабочување и, секако, „надградување“. Резултат, првата заедничка седница на владите на Македонија и на Србија во Белград. Најавено е дека вакви состаноци нашата Влада планира да оствари и со другите држави во регионот. Ваков тип средби или ако сакате алатка во билатералните или регионалните односи не се нешто ново, а уште помалку дел од „Преродбата во 100 чекори“. Но, тоа не ниту битно. Важен е фактот дека ова е добра можност за продлабочување на билатералните односи и нивен развој со конкретни содржини и на сите полиња. Вака поставени билатерални односи, секако, не само на хартија, туку функционални позитивно влијаат и на регионално ниво. Само да потсетам дека регионалната соработка е еден од основните принципи врз кои е создадена денешна ЕУ. На пример, Словенија, а донекаде и Хрватска станаа препознатливи, па и го направија првиот чекор во Европа уште додека живеевме во заедничка држава токму преку регионалната соработка на ниво на регионот Алпе-Јадран, а Словенците преку ова имаа и солидна економска корист. Секако дека не треба да потсетувам во кој регион ние живееме („буре барут“) во кој се’ уште се присутни многу историски антагонизми предрасуди, па ако сакате и недоверба, што за денешна Европа е веќе одамна надминато.

Токму затоа премиерот Никола Груевски може да си ја укнижи оваа идеја на своето позитивно конто, но, секако, и како позитивен придонес на Македонија во регионот, неговата стабилност, па и евроатланската перспектива. За жал, таа позитивна димензија ја намали ДУИ, која донесе одлука нивните министри да не одат во Белград на состанокот на двете влади. Објаснувањето дека министрите од ДУИ сите до еден биле зафатени со веќе однапред утврдена агенда не само што е проѕирно туку жално. Тоа што посебно непријатно изненадува е фактот што и вицепремиерот на Владата задолжен за евроинтеграциите, Фатмир Бесими, не отиде во Белград, иако токму ова беше една од темите на разговорите.

Факт е дека Белград во однос до Приштина и реалната положба на Косово како независна држава се’ уште води политика на апсурдни антагонизми и предрасуди. Но, ДУИ преку своите министри ја пропушти можноста токму сред Белград да покаже и докаже дека кај албанските политички елити се надминати овие предрасуди и стереотипи со современите европските принципи и определби. Ваквиот потег на ДУИ покажува дека меѓуетничката поделеност кај нас и тој дуализам ќе го лоцирам, пред се’, на институционално ниво кој негативно влијае во функционирањето на државата и во перцепцијата и ставовите на меѓународната заедница за Македонија.

Само наивен може да верува дека овој потег на ДУИ не беше забележан од страна на странските амбасадори кај нас и во нивните белешки до своите влади. Ако судиме според медиумските известувања од средбата, пред се’, од извештаите на „телевизијата која секогаш прва дознава“, српскиот премиер и неговата влада биле восхитени од „преродбата во 100 чекори“ и решиле да ја преземат. Според ваквите известувања, српската страна посебно била заинтересирана за нашиот хиперактивен министер за здравство, кој сега на својот српски колега ќе му ги пренесува своите реформаторски идеи, како на пример „Мојот термин“. Ама, ете, договорил наши лекари да одат на специјализација и обуки во српските здравствени установи. Заклучок, ние имаме идеи како се реформираме здравството, ама Србија има знаење во медицината кое, ете, сега ќе му го пренесува на нашите лекари. Е сега некој да ми одговори кој е луд, а кој збунет во сето ова.

Овој наш министер неделава којзнае по кој пат предизвикува, најблаго речено, контроверзии во јавноста. Овој пат со предлог-измените на законот со кои се регулира правото на абортус. Реакциите од страна на јавноста, невладиниот сектор, па дури и од стручната (медицинска) јавност се негативни на предложените измени на Законот. Критиките се сведуваат на фактот дека со Законот се ограничува индивидуалното право на секоја жена само таа да одлучува дали ќе има дете или не. Беше за очекување Црквата да го поддржи ограничувањето на абортусот, бидејќи прекинувањето на бременоста според христијанската вера (и не само во христијанството, туку и во другите религии) е еден од најголемите гревови и во спротивност на Божјото учење. Ама притоа како некој од владиците да заборави дека една од најголемите вредности на христијанската вера е слободата на човекот само тој да одлучува како ќе живее и дали ќе ги практикува вредностите и учењето на верата. Лично го разбирам, но тоа не значи дека го прифаќам ставот на Црквата околу абортусот. Но, во никој случај не можам да го прифатам ставот на „првото перо на новинарите патриоти“. „Госпожата“ во својата колумна со наслов „Што ти се чинеше ка се онадеше“ со сиот свој веќе одамна истрошен професионален новинарски капацитет, ама затоа со еден многу голем пропагандистички габарит кој таа така успешно го реинкарнира иако одамна историски и цивилизациски е осуден го брани Законот и, секако, министерот. Демек, раѓањето деца, односно абортусот не е само здравствено, филозофско религиозно или идеолошко прашање, туку, пред се’, суштински стратегиско и историско. Затоа секоја држава мора да го поттикнува раѓањето деца (според „госпожата“ и со ограничувањето на правото на абортус) ако сака да опстане. Глупост до глупост. Демографијата и демографската политика не подразбира ограничување на правото на избор на секоја жена дали ќе роди или не. Имено, „госпожата“ заборавила дека ваквите размислувања ги наоѓаме кај Хитлер и кај Сталин. Првиот поаѓаше од некакво суштинското стратегиското и историското значење на ариевската раса, другиот од суштинското стратегиското и историското значење на комунизмот. Како завршија овие најмрачни периоди од човековата историја сите знаеме. Ама кај нас не само што ни недостасува институционална меморија (како што суптилно дипломатски вели Срѓан Керим) туку, за жал, ни недостасува историска меморија, па затоа и ништо не сме научиле ниту од нашата, а уште помалку од целокупната човекова историја.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com