ИЗБОРИ

Измените на Изборниот закон, пред се’, мора да одат во правец на јакнење на основната интенција на пропорционалниот модел, а тоа е поголема квалитетна присутност на помалите политички партии во парламентот

 

Во периодот од јуни 2006 па до денеска кај нас имавме три парламентарни изборни циклуси, а ете за малку во октомври можевме да имаме и по четврти пат. Имено, ваквата динамична фреквенција на парламентарни избори не се должи на некакви длабоки економски политички или етнички кризи. Во суштина, ние веќе дваесетина години живееме во латентна криза и тоа економска, политичка и етничка, па така ние, обичните граѓани, се навикнавме на тоа. Причините лежат, пред се’, во инаетот, суетата, нетрпеливоста на политичките елити и лидери, а само да потсетам на оние „историски изјави“ – „Ајде Никола, излези Никола“, „Е ајде, де“, или онаа „Бранко и СДСМ се мои стари муштерии“.
Со еден збор, ниска политичка култура, голем геп во демократскиот капацитет на политичките елити, а богами и кај нас граѓаните, невладиниот сектор и други општествени субјекти. А бенефитот од сето ова за нас граѓаните и за државата во целост е скоро никаков. Во суштина, парламентарните избори како една од клучните алатки на парламентарната демократија во овие седум години прераснаа во груба, безмилосна и, пред се’, манипулативна алатка како да се зачува власта, од една страна, и јалови обиди на тотално дезориентирана опозиција да го собори актуелното мнозинство. Изборите кај нас се карактеристични и по тоа што минимум еден месец пред избори и уште еден месец по изборите целата држава едноставно хибернира, односно државата и државните институции функционираат на ниво на одржлив минимум.

Втора карактеристика е во тоа што по секои избори од страна на ОБСЕ-ОДИХР, Венециската комисија, но и другите меѓународни субјекти ни предлагаат препораки за измена на Изборниот закон. Па така, во изминативе дваесетина години променивме три изборни модели од чист мнозински, преку мешовит и од 2002 година пропорционален. А во меѓувреме имавме постојано измени и дополнувања на Изборниот закон, последните (само дел од препораките) ако не се лажам пред последните локалните избори. Но, да се вратам на најновиот предлог на премиерот Никола Груевски за избори во октомври. Опозицијата (СДСМ) изјави дека тие се подготвени за избори, но пред тоа мора мнозинството да ги вгради последните препораки на Венециската комисија во Изборниот законик. Интересно и оние политички субјекти кои се во фаза на формирање „храбро“ изјавија дека и тие се подготвени за избори! ДУИ, сепак, беше колку толку политички коректна и јасно кажа дека избори не и’ се потребни на државата, ама ако македонскиот политички блок се договори за предвремени избори, тогаш ДУИ, исто така, е подготвена.

Дали сето ова се само политички блефирања од страна на сите политички партии, а пред се’ од владејачката или е нешто друго останува на ниво на шпекулации и, секако, „длабокоумни анализи на нашите универзални експерти“? Во суштина, СДСМ (заедно со другите опозициски партии) во последниве две години освен што истура гнев врз (не)демократското владеење на актуелното мнозинство, не и’ покажаа на јавноста ништо друго, а најмалку алтернативни решенија. Во рамките на таа безидејност е и ова, најблаго речено, „храбро перчење“, вградете ги препораките на Венециската комисија и одиме на избори.

Имено, ако зборуваме за измени и дополнувања на Изборниот закон, пред се’, тие мора да одат во правец на јакнење на основната интенција на пропорционалниот модел, а тоа е поголема квалитетна присутност на помалите политички партии во парламентот и артикулација на нивните интереси, односно на граѓаните кои гласале за нив. Токму затоа скоро во сите држави кои имаат пропорционален изборен систем е воведен таканаречен изборен праг. Тој изборен праг (освоен одреден процент на гласови) од држава во држава е различен. На пример, Холандија има најнизок изборен праг, 0,67 проценти до Турција во која изборниот праг е 10 проценти од бројот на гласачите кои гласале.

Понатаму, во ниедна држава во Европа нема такви големи предизборни коалиции како што имаме ние. Во повеќе европски држави самостојниот настап на изборите е дел од демократската традиција и политичка култура, иако во предизборието јавно се навестуваат можните коалиции. Во некои, на пример, во Чешка, каде што изборниот праг е 5 проценти, за да се спречат големи предизборни коалиции, изборниот праг достигнува 20% за коалиција во која има над четири партии. Не верувам дека во јавноста се знае дека во Собранието има дваесет политички партии (се надевам дека добро броев).

Во суштина, од ваквиот, најблаго речено, искривен пропорционален изборен модел во Собранието имаме две моќни политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во македонскиот блок и две партии ДУИ и ДПА во албанскиот блок кои се за јавноста препознатливи. Сите останати во македонскиот политички блок едноставно се само дел од гласачкиот процес во парламентот. Ваквата состојба, секако, одговара само на големите политички партии (ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ) и тоа, пред се’, во самиот изборен процес бидејќи гласовите и на најмалата политичка партија можат да бидат пресудни за барем едно пратеничко место во секоја изборна единица.

Токму затоа по изборите во победничката коалиција во македонскиот политички блок воопшто не се разговара за програмите на малите политички партии, односно како нивните приоритети да бидат вградени во владината програма, туку главната битка најчесто се води за места во државните институции (втор и трет ешалон) во некои ретки примери и место во владиниот кабинет или, пак, амбасадорско место.

И кога тоа ќе се постигне, тогаш победникот, што би рекол народот, може да ја накриви капата и да владее комотно и да си ги спроведува своите политики. Донекаде оваа реалност барем на локално ниво ја промени ДОМ на Лилјана Поповска, која на неодамнешните локални избори настапи самостојно и со освоените, ако не се лажам, околу 23 илјади гласа на ниво на држава покажа дека иако мала, сепак, е препознатлив политички субјект.

И сега една мала шпекулација, бидејќи кај нас досега нема ниту една емпириска анализа кој за кого гласа. Претпоставете дека на последните парламентарни избори ДОМ донел на изборното конто на ВМРО-ДПМНЕ барем дваесет илјади гласа. Како било да ги распоредувате овие гласови по изборни единици, тоа значи минимум 4 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ. Да потсетам, ДОМ во парламентот има само еден пратеник! Некој ќе рече што со малите етнички заедници кои ако не се во коалиција со некоја од двете големи партии, немаат шанса да влезат во парламентот. Со ваков изборен модел оваа констатација е точна, но, на пример, Србија, Хрватска и Словенија тоа го имаат добро решено и тие решенија можат да де применат и кај нас. Мислам дека словенечкиот модел најмногу би ни одговарал, бидејќи го користиме Донтовиот изборен модел, но тие имаат изборен праг од 4 проценти, а и бројот на гласачи е многу близок до нашиот со тоа што Словенците никогаш немале проблем со Избирачкиот список. И кога сме кај Словенците, да потсетам дека токму на самостојност на малите политички партии како парламентарни субјекти Јанез Јанша на последните парламентарни избори, иако не беше победник, сепак, успеа да ја состави владата. Но, затоа кога пукна аферата за неговиот непријавен имот, токму партија со само 6 пратеници го урна и со внатрешно прегрупирање во парламентот се формира актуелната словенечка влада. Затоа СДСМ, ако веќе зборува за измени на Изборниот закон, пред се’, треба да инсистира на воведувањето на изборниот праг и за ова да ги охрабри помалите политички партии, како и за воведување гарантирани парламентарни места за малите етнички заедници.

Ваквиот вистински пропорционален изборен систем одговара и на ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија, бидејќи еден убав ден, сепак, ќе се најде во опозициските клупи, а од друга страна и кога владее, сепак, одговорноста нема да биде само на негова, туку и на другите коалициски партнери. И тоа што, сепак, е најважно со ова, од една страна, јакне парламентарната демократија, потоа јакне надзорната функција на парламентот врз извршната власт и, секако, се добива многу поквалитетна артикулација на интересите и потребите на граѓаните. Ама бидејќи кај нас партиските лидери и, воопшто, партиските елити се само политичари, а многу малку државници, не верувам дека барем до идните парламентарни избори ќе видиме вакви промени на Изборниот закон. Од проста причина, политичарите размислуваат и работат само за избори додека државниците размислуваат и работат како да има стабилна и квалитетна сегашност и подобра и развојна иднина.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com