ИЗБОРИ ШТО ТРААТ И ТРААТ…

Со нашата „генијалност“ успеавме во целост да ги девалвираме основните принципи на пропорционалниот изборен систем

Дали веќе заборавивме дека кај нас и по еден месец (24 март) локалните избори не се уште завршени… ќе се прегласува по трет пат во Центар и во Струга… иако актуелната власт овие избори ги прогласи за историски!? Типично за нашиот западнобалкански менталитет, ние сме мајстори за перманентно производство на „историја“, дури изразена и во тони споменици, ама ниту ние самите, а уште помалку Европа и другите наши меѓународни пријатели не можат да ја консумираат и разберат. Во суштина, во овие дваесет и кусур години ние се вртиме во еден маѓепсан круг, иако политичките елити не’ убедуваат за големи „историски победи“. И така бевме „бисер на Балканот и оаза на мирот“. Направивме и голем „историски пробив“ на меѓународната сцена и го признавме Тајван… Веќе стана историја нашиот успех на листата на Дуинг бизнис и услови за странски инвестиции, но ако погледнете пер капита, само Косово е зад нас по странски инвестиции во регионот.
Според тоа што го видовме на телевизиите, ДИК наместо независно, пред се’ стручно тело, во кое членовите работат исклучиво според законот, се покажа како институција во која партиските интереси, а на моменти и националните се основниот критериум на работење. За Избирачкиот список и „историската улога“ на дијаспората на овие локални избори пишував во минатата колумна. Оставката на претседателот на Управниот суд, дадена по одлуката да се оди на прегласување во Струга, јасно покажува дека таа е дадена од партиски и од етнички причини. Мислам дека на сите им е јасно дека ако немаше одлука за прегласување во Струга, Управниот суд и денеска ќе си имаше претседател. И потоа сакаме да зборуваме за независност на судството. Зарем фактот дека во првичниот извештај на ОБСЕ-ОДИХР дека изборите биле регуларни и конкурентни не е доволен доказ оти се’ уште сме далеку од она што за Европа и демократскиот свет едноставно се оценува како нормални избори. Убеден сум дека кога ќе дојде финалниот извештај на ОБСЕ-ОДИХР, повторно ќе се вжештат политичките препукнувања, повторно „експертите“ ќе излезат со свои генијални решенија како да се подобри изборниот процес, така што нема да ме изненади ако повторно во парламентот се стават на дневен ред измени на Изборниот закон. Во овие дваесетина години ги пробавме сите три модели на избори. Од мнозинскиот преку комбинираниот (мнозинско-пропорционален) и од 2002 година чист пропорционален изборен модел (ова се однесува на парламентарните избори и избори за советите на општините). Колку пати Изборниот закон од 2002 година е дополнуван навистина веќе не знаеме, ама по секои избори тој се дополнува со што станавме шампиони во Европа по измени и „доградувања“ на Изборниот закон. Бидејќи ние во овие дваесетина години се покажавме како „генијални“ сето она што во Европа функционира ние да го девалвираме докрај. Основната идеја на пропорционалниот изборен модел е да се обезбеди поголема присутност на помалите политички партии во парламентот, а со тоа и поголема артикулација на интересите на граѓаните. Токму затоа таму каде што има пропорционален изборен модел, има и таканаречен изборен праг кој се движи најчесто околу 3 проценти од бројот на оние што излегле да гласаат. Понатаму, овој изборен модел, а така е во сите европски држави кои имаат пропорционален модел, нема предизборни коалиции од типот како што имаме кај нас. Кога малите партии преку заедничката листа ќе влезат во парламентот, едноставно се стопуваат и, реално гледано, немаат никаква улога во процесите на парламентаризмот.

Словенија е типичен пример како преку пропорционалниот изборен модел со изборен праг малите политички партии имаат голема политичка тежина. Токму затоа во преговорите за состав на Владата во Словенија кадровските решенија се многу полесни од преговорите кои програмски определби на коалициските партии ќе влезат во владината програма. А богами и најмалата политичка партија може да ја урне Владата. Слично е во Италија и во други европски држави.

На локалните избори ДОМ излезе самостојно и и’ покажа на јавноста и на својот коалициски партнер колку нејзината програма е прифатлива за граѓаните. Имајќи ја предвид целокупната политичка состојба, храбар потег од ДОМ. Се надевам долгорочно не само што ќе јакне како партија, туку и другите помали политички партии ќе го следат примерот на ДОМ. Пропорционалниот модел овозможува и појава на таканаречени регионални партии и нивна присутност во парламентарниот живот. Шпанија, Хрватска, Србија, Италија, Германија се најкарактеристични држави кои имаат регионални партии и кои се присутни во националните парламенти.

Во суштина, идејата за пропорционален изборен модел не во некаков квантитативен плурализам во парламентите, туку јакнење на суштински политичкиот дијалог во парламентот и висок степен на носење закони и други акти преку компромис на политичките субјекти. На овој начин не само што јакне независност на законодавната власт и нејзина контрола врз извршната туку јакне и одговорноста како на мнозинството, така и на опозицијата до граѓаните. Со други зборови, вистинско функционирање на основните принципи на парламентарната демократија. Некој ќе рече што со помалите етнички заедници, имајќи предвид дека ние сме мултиетничко општество. Типичен пример за добро решение со кое се обезбедува присутноста на малите етнички заедници во парламентот се Србија, но и Хрватска, каде што за малите етнички заедници изборниот праг е намален (помеѓу 0,5-1 процент) .

Со нашата „генијалност“ успеавме во целост да ги девалвираме основните принципи на пропорционалниот изборен систем. Во парламентот, во суштина, никогаш за овие дваесетина години немавме воспоставено вистински политички дијалог а Европската комисија, не знам по кој пат токму политичкиот дијалог ни го предочува како голем недостаток во функционирањето на парламентот и општеството во целост. А оттука започнува и она што се подразбира под правна држава, слобода и независност на медиуми, независно судство, вистински невладини организации и цивилно општество… Кај нас се’ уште политичката свест ни е на ниво „Тито партија“ (ова „Тито“ сфатете го како синоним за авторитарност) иако во Европа со паѓањето на Берлинскиот ѕид се урна и таа лидерско-партиска авторитарност.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com