ИЗБОРИ ПО МЕРА НА ГОЛЕМИТЕ

На СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ ни на крај памет не им паѓа да се воведе изборен праг, зашто тогаш би загубиле по неколку пратеници

Без обѕир на последната изјава на ДУИ „прво името, па потоа избори“, сепак, е поверојатно дека со редовните претседателски избори ќе имаме и вонредни парламентарни. Како што сме тргнале со динамиката на предвремени парламентарни избори, ќе ги стигнеме и Италијанците, кои од 1946 до денес променија 47 влади, додека ние во период од 22 години имаме девет влади. Уште неколку карактеристики. Во овие 22 години на самостојност ги поминавме сите три основни изборни модели (мнозински, мешовит и пропорционален) понатаму веќе не знам колку измени и дополнување се направени, а за жал се’ уште имаме „непречистен Избирачки список“. Од извештаите на ОБСЕ/ОДИХР добар драматург може да напише една солидна театарска претстава. Дали тоа би било трагедија, комедија или нешто помеѓу е прашање на литерарната слобода на изразување на авторот. Понатаму, тука се и извештаите и препораките на Советот на Европа, Венециската комисија и други меѓународни фактори, кои барем можат да послужат за 2-3 докторати, имајќи предвид како лесно кај нас се станува доктор на науки.

Дали не знаеме, дали не можеме или не сакаме. Одговорот е јасен. Немаме политичка волја, а на политичките елити им недостасува демократски капацитет и чувство за правна држава, па еднаш засекогаш да имаме, речено едноставно, нормални избори според принципите кои денеска владеат во демократските држави.

Како што е познато, во тек се преговори помеѓу политичките партии околу нови измени и дополнувања на Законот за избори, секако, со цел да се вградат забелешките и препораките на Венециската комисија. Да одиме по ред. Прво, преговараат само ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. ДУИ, во суштина, само статира, имајќи предвид дека предлог-измените се од Министерството за правда кое го води нивен член, додека ДПА барем засега одбива да преговара. Самиот состав на преговарачи покажува каков е демократскиот капацитет. Зошто, на пример, не учествува партијата ДОМ, која на последните локални избори освои 23 илјади гласа или ВМРО-НП, која на последните парламентарни освои 29 илјади гласа? Каде се партиите на помалите етнички заедници, на Ромите, Турите, Србите… Да прифатиме дека ВМРО-ДПМНЕ владее авторитарно, ама каде е тука демократскиот капацитет на СДСМ. Зошто опозицијата не иницира поширок состав на учесници на преговорите. Понатаму, темите на преговарања, односно какви измени на законот за избори да се направат, покажува дека и двете „големи“ партии (ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ) не сакаат ниту да помислат, а камоли нешто да направат за вистинско остварувањето на основната функција на пропорционалниот изборен модел. Имено, пропорционалниот модел ја има базичната идеја во парламентите да влезат „помалите“ политички партии, односно да се обезбеди поголема артикулација на најразлични и интереси на граѓаните. За да се оствари тоа е потребно да се воведе таканаречениот изборен праг. Денеска во Европа само Велика Британија го има мнозинскиот модел, а во сите останати држави е пропорционалниот и само во четири држави (Македонија, БиХ, Португалија и Финска) нема изборен праг. Во Европа изборниот праг се движи од 0,9 во Холандија, до 10 проценти во Турција, додека во другите држави се движи најчесто помеѓу 4 или 5 проценти од бројот на оддадени гласови на ниво на држава.

Со ваквиот модел кај нас денеска имаме парадоксална состојба. Во Собранието имаме формално, ако добро изброив, 20 политички партии, што е рекорд во Европа, но во перцепцијата на јавноста, а и во парламентарната реалност, имаме само две партии во македонскиот блок (ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ) и две албански. Бидејќи сите овие „мали“ партии (од таканаречениот македонски блок) влегле во парламентот преку предизборно коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, фактички веќе во самата изборна кампања го изгубиле својот политички идентитет. А по изборите ако лидерите на овие „пајтон“-партии коалицирале со победникот, тогаш се’ завршува со пазарење колку работни места ќе добијат во вториот или третиот ешалон на државната администрација освен ако немате своја телевизија „која прва дознава“, па ќе добиете и едно министерско место. Партијата ДОМ на локалните избори доби 23 илјади гласа за советничките листи. Да претпоставиме дека и на парламентарни избори ДОМ би добила ист број гласови. Во зависност како се распоредени по изборните единици, тоа би значело минимум еден до двајца пратеници. Но, во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ овие 23 илјади гласа носат тројца-четворица пратеници за „големиот брат“. Ете зошто ниту на СДСМ ниту на ВМРО-ДПМНЕ ни на крај памет не им паѓа да се воведе изборен праг.

Понатаму, овие две партии не сакаат да слушнат за таканаречените отворени листи. Отворените листи ги има во поголем број држави во Европа и тие ја надминуваат основната фалинка на пропорционалниот модел, а тоа е дека се гласа за партиски листи, а не за луѓе. Преку отворените листи се дава можност граѓанинот не само да гласа за партијата, која идеолошки и програмски нему му е најблиска, туку да одбере и кандидат за кој мисли дека најдобро ќе ги артикулира неговите интереси и ќе ја остварува програмата. Некој ќе се праша – па за што се преговара? Во суштина, препораките на Венециската комисија се однесуваат како да се стеснат можностите во предизборието актуелната власт да не ги (зло)употребува функциите и ресурсите на државата. Ова се битни прашања, но во демократските држави сето тоа е, пред се’, дел од политичката култура и високото чувство за демократија, па ако сакате и почитување на достоинството на граѓанинот од страна на политичките елити. Вака само станува збор за гола борба за власт.

Иако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се „закрвавени до коска“, сепак, и двете партии имаат идентични ставови и заеднички се борат да го зачуваат својот монополски статус и положба на нашата политичка и парламентарна сцена. Ние како граѓани, сепак, имаме демократски капацитет да го промениме тоа.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com