ИЗБОРИ, ПАРЛАМЕНТАРНИ ПРЕГРУПИРАЊА, ИНАЕТИ

Најголем виновник за паѓање на словенечката влада е Јанез Јанша и неговиот карактер на тврдоглав политичар, без чувство за водење дијалог и политички компромиси

Можеби на прв поглед насловот звучи чудно, но да одиме по ред.
Во Италија, по изборите што се одржаа во неделата и понеделникот политичката неизвесност, да не речам нестабилност, останува. Во дводомниот италијански парламент распоредот на силите е различен. Во долниот претставнички дом кои брои 630 пратеници, најмногу освои Демократската партија (лево од центарот) на чело со Пјер Луиџи Берсани, додека во Сенатот (315) стариот лисец Берлускони има мнозинство. Во суштина, победник на овие избори е пензионираниот комичар Бепе Грило, кој со својата партија Пет ѕвезди е трета сила на италијанската политичка сцена, која по правило секогаш е по малку непредвидлива и изненадувачка.
Феноменот на „комедијантот“ Бепе Грило можеби лежи во неговите навистина остри и на моменти навредливи критики до сите политички елити во Италија. Беше остар за мерките за штедење на владата на бившиот премиер Марио Монти, кој со својата независна листа едвај го помина прагот за влез во парламентот. Ништо помалку Грило не беше остар и до Берлускони и неговите корупциски и други (бунга-бунга) афери и скандали, а исто толку беше критичен и кон анемичната економска програма (како што оценија многу аналитичари) на Демократската партија на Берсани.

Изборите во Италија не доведоа до разрешница на политичката криза. Берлускони веќе му понуди на лидерот на Демократската партија коалиција, во која тој би бил задоволен ако биде избран за претседател на Сенатот. Бепе Грило останува на своите политички ставови и изјави дека не влегува во никаква коалиција ниту со левицата како формалниот победник ниту со десницата, а за лидерот на левицата Берсани изјави дека е тој „мртовец на две нозе“, па затоа нема да издржи долго. Берсани знае дека ако влезе во коалиција со Берлускони, тоа би било политичко самоубиство и за него и за неговата Демократска партија, па најави дека на парламентот ќе му понуди сет од клучни реформи и за нив ќе бара поддршка од политичките партии. На прашање колку долго ќе издржи ваква влада, тој одговори дека не го интересира тоа, тој ќе понуди коренити промени во водењето на државата и очекува од политичките партии да ја покажат одговорноста за државата и граѓаните. Оценувајќи ги резултатите од изборите во Италија како одраз на кризата и политиката на „затегнувањето на ременот“, Берсани истакна дека тие се многу јасен сигнал за Европа. А богами тој сигнал први го почувствуваа европските берзи, каде што се забележа пад на берзанските индекси како последица од италијанските избори.

Во Словенија, во средата вечер во парламентот беше изгласана недоверба на владата на премиерот Јанез Јанша, која издржа само 383 дена. Во исто време, словенечките пратеници го избраа и новиот мандатар, а тоа е Аленка Братушек, пратеничка на партијата Позитивна Словенија, а во исто време и вршител на должноста на претседател на оваа партија откако Зоран Јанковиќ го замрзна својот статус по неодамнешниот извештај на словенечката Комисија за препречување на корупцијата. Во суштина, овој извештај ја урна владата на Јанша и го „замрзна“ Јанковиќ, кој пред 383 дена освои најмногу гласови на изборите. Во извештајот на словенечката Антикорупциска комисија е напишано дека Јанша не пријавил имот за околу 200 илјади евра, додека Јанковиќ многу повеќе.

Сепак, најголем виновник за паѓање на словенечката влада е самиот Јанез Јанша и неговиот карактер на тврдоглав политичар, без чувство за водење дијалог и политички компромиси. По објавувањето на извештајот на Антикорупциската комисија, коалициските партнери побараа Јанша да се повлече од функцијата премиер, а на негово место да дојде некој друг од неговата партија. Тој го одби тоа и коалицијата почна да се проретчува. Први ја напуштија Граѓанската листа на Грегор Вирант, кој фактички со своите пратеници го донесе Јанша на власт. Самиот тој кога неговата партија и министри ја напуштија коалицијата, принципиелно си даде оставка на функцијата претседател на словенечкиот парламент, иако можеше да остане. Фактот дека денеска Вирант е на второ место на листата на популарни политичари во Словенија, а неговата партија повторно го враќа изгубениот рејтинг покажува дека, сепак, и во политиката (сфатена како курва), праведното и принципиелно однесување на политичките субјекти и лидери, граѓаните позитивно го перципираат.

Во средата пред да се гласа во парламентот, Јанша одржа долг говор во кој најмногу ги обвинуваше своите довчерашни коалициски партнери (за некои министри изјави дека тие биле најлоши во историјата на самостојна Словенија). Не штедеше дисквалификации и до новиот мандатар. Аленка Братушек во рок од две недели ќе треба пред парламентот да излезе со нов состав на владата и со конкретна програма. Самата во својот говор многу јасно ги наведе и приоритетите, но тоа што беше новина е фактот дека во новата влада ќе покани многу повеќе стручњаци и експерти за одделни подрачја, а не само политичари. Најави дека на Словенија и’ е потребен ребаланс на буџетот, а навести дека Јавното обвинителство, кое Јанша го стави под Министерството за внатрешни работи, таа ќе го врати под Министерството за правда.

Останува отворено прашањето дали новиот словенечки мандатар ќе успее со својата влада да ги запре негативните економски и социјални трендови со кои веќе подолго време се присутни во Словенија и да ги направи потребните реформи. Или нејзината улога ќе се сведе само на влада која ќе треба да ги организира и да ги изведе следните предвремени избори.

Кај нас инаетот на нашите политички лидери продолжува. Замислете дури и еврокомесарот Филе бил фрустриран од ваквото однесување. А што да речеме ние граѓаните кои дваесетина години живееме во таков политички амбиент. Ние се навикнавме на тоа. Лично, па дури и комично ја доживеав изјавата на еден од амбасадорите кои ги повика лидерите да помислат на нас граѓаните и на државата. Да беше така,тогаш кај ќе бевме и како држава и како граѓани. Ама не е така, а ние и на ова се навикнавме. Текстот е пишуван токму кога европратеникот Ховит треба да допатува во Скопје. Би бил навистина изненаден, но задоволен ако Ховит успее во својата „невозможна“ мисија, ама не верувам дека ќе се случи тоа. А ние граѓаните, богами, веќе одамна се научивме на јаловите мисии на странците.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com