Избори – Можеби да, можеби не

Да, многу ќе речат дека ова е лоша преработка на познатиот монолог на Хамлет. Точно ама додека некогашното гнило данско царство веќе со векови е една од нај средените држави во Европа во која живеат пред се задоволни граѓани ние и како држава и како општество гниеме веќе 25 години. Дека тоа гниење продолжува, еве само погледнете што се случува оваа недела. На 17, во понеделникот Собранието едногласно се самораспушти. На 18 кога претседателот на Собранието по средбата со првиот човек на ДИК го потпишуваше решението со кое предвремените избори се закажуваат за 11 декември еден домашен портал кој се само рекламира како независен а неговиот „газда“ како новинар кои пред се и над се ги почитува новинарските стандарди објави невидена глупост дека одлуката за самораспуштање на Собранието е повлечена секако од претседателот. И одеднаш цел куп токму такви „демократски“ и професионални медиуми ја пренесоа оваа глупост а многу од нив бараа и потврда од надлежната служба на Собранието која ете случајно ја води мојата дребност. Ама тука не завршува процесот на гниење и ширење на вистинска смрдеа. Имено во оваа квази “демократска“ и новинарска гнилост  се вклучи, повторно преку еден „демократски“ портал, еден анонимен експерт? Според овој анонимус за кои ние во Дебармало би рекле човекот нема јајца да излезе со име и презиме, претседателот на Собранието прво требал да потпише решение за одржување на предвремени избори и да одреди датум а потоа во Собранието да се гласа за самораспуштање? Овој анонимен експерт иако според неговиот „уличен“ вординг (ај и јас малку да бидам како америте) може со голема сигурност да се утврди неговиот идентитет, одеднаш не просветли дека Вељаноски го кршел Уставот. Ама еве си дозволувам мала интервенција па не експертска туку малку проветрување на смрадот што доаѓа од вакви експерти. Имено од последните редовни парламентарни избори во 2006 година овие закажани за 11 декември (ако се одржат) ќе бидат пети по ред предвремени избори, а постапката секогаш била еднаква прво гласање за распуштање на Собранието а потоа претседателот потпишува решение за предвремени избори во кое е одреден и датумот. И досега оовој “експерт не реаирал со својата експертиза. Одеднаш сега му се пали сијаличката и наместо да викне Еурека тој бум директно во смрдливата гнилост. И уште нешто за овој „анонимен експерт“ ама и за медиумот односно порталот. На седницата на која се гласаше за распуштање во името на опозицијата зборуваше потпреседателката на Собранието Д-р Рената Дескоска, која е меѓу другото професор на правниот факултет и признаен експерт за уставно право Д-р Десковска во својот настап не беше ниту малку нежна до власта, до парламентарното мнозинството и воопшто до работата на Собранието, ама ниту со еден збор не рече дека нешто е спорно околу распуштањето и постапката која следи потоа. Ама денеска посебно за порталите изгледа најважно е да имаат што е можно повеќе „клика“ и лајкови добиени пред се на сензационални глупости демек се повлекува одлуката или одлуката е неуставна. А врз основа на тие кликови и лајкови пред се од странците да лапнат некое евро, долар, фунта, а сето тоа демек во името на демократијата, слободата на изразувањето и професионалните стандарди. А, ние богами сите заедно  си гниеме и понатаму.

Колку ни се гнили институциите и каква силна реа доаѓа од нив видовме деновиве околу најновата акција на СЈО. Замислете со судски налог со сите потребни документи „папири“ еден „формален шеф“ на УДБ (се знае кој е вистинскиот) потпомогнат од директорот на Јавна Безбедност и онаа креатура од министер фластер кој во своето CV (биографија) му стои дека бил помалку од 24 часа министер не дозволуваат на Катица Јанева како специјален обвинител со нејзиниот тим да влезат во УДБ и да го реализираат судскиот налог. Замислете што се не сторија за да ја запрат истрагата. Демек СЈО немаат дозвола од производителот а тоа е позната фирма Ериксон па дека со нивното влегување ќе ја доведеше во прашање безбедноста на државата, па дека ако влегле внатре ќе мора да се прекине со следењето на комуникациите (прислушување) на оние за кои судот издал ПИМ мерки. И секако нај гнило објаснување беше дека замислете двајцата службеници кои работата на тоа не биле тука односно службено биле во странство а други нема. Ех ебати системот за безбедност кои темели на двајца обични технички лица кои во исто време ете заминале во странство. Богами сабајлево кога поминував поред Соборниот храм дури си помислив да влезам внатре да запалам свеќа за здравје на овие двајца за мене непознати службеници на УДБ и да го замолам свештеникот да прочита една молитва за нивно безбедно враќање дома. Како и да е и без овие мој верски преблисоци слушнавме дека вечерва овие службеници се враќаат дома.

Зошто вакви отпори од страна на УДБ? Едно е сигурно секако тоа не е заради заштита на државната безбедност односно нарушување на безбедносниот систем. Сето ова се прави само со една единствена причина. Да се заштити врвот на фамилијата, почнувајќи од хазајинот (газдата) и неговиот прв братучед кој до вчера беше и прв човек на УДБ Имено СЈО бара доказ дека во УДБ се снимало незаконски, а тоа може да се види само ако се направи контрола на самото место односно на технологијата и софтверот и секако писмените наредби и процедури со кои се врши следење на комуникациите или по наше прислушување. Имено ако се најде само еден пример за незаконско прислушување од страна на УДБ тогаш е јасно дека сите оние фајлови познати како бомбите на Заев биле направени од страна на УДБ. Со тоа комичните теории, за жолтото комбе кое ни го пласираше Груевски потоа странски служби па лепени креирани и монтирани материјали и така натаму паѓаат во вода. Со тоа дефинитивно јамката (политичка и правна) ќе почне сериозно да се затегнува околу „фамилијата“. Тоа што при целата ова работа ме прави тажен не е фактот што се одброени деновите на „фамилијата“ туку фактот дека после 25 години ние немаме вистински државни институции немаме поделба и независност на трите гранки на власта (извршната законодавната и судската) туку се е подредено на онаа политичка елита која ја добила власта. И кога гниењето ќе дојде до точка да ја загрози целокупната безбедност на земјата ама што е поважно за странците и безбедноста на регионот тие ја земаат работата во свои раце и се обидуваат колку толку да ја проветрат реата која доаѓа од гнилата и корумпирана владејачка елита и да на вратат во некоја приближно нормална состојба.

И сега главното прашање дали на 11 декември ќе се одржат избори и дали ако се држат резултатите ќе бидат прифатени од сите учесници. На ова прашање тешко барем во овој момент би се дал точен одговор. Имено ако СЈО продолжи да разоткрива вакви случаи како што се последните два, и ако судот ги прифати обвиненијата односно започне судски процес нема да ме изненади ако Уставен одеднаш ја потегне иницијативата за оценување на уставноста на законот за СЈО и тој закон го прогласи за неуставен со што паѓаат сите обвиненија во вода. Тоа е можно ама во суштина тоа ќе биде чист самоубиствен потез на фамилијата и на ВМРО-ДПМНЕ, но може да предизвика многу сериозни турболенции во општеството. Па не мислам на граѓанска војна ама тоа што деновиве го гледаме во Црна Гора мислам дека со поголем интензитет ќе го доживееме тука. Понатаму да не ја заборавиме „шестата“ изборна единица која има повеќе гласачи отколку што предвидува изборниот закон. Иако сите четири партии имаа неколку години време тоа да го решат тоа не се реши, како да некои или сите четири наши јавачи на апокалипса сакаа намерно ова да го имаат како скриен адут. И на крајот се поставува прашањето дали и да се одржат изборите кризата ќе се реши па без разлика кој победи? Мислам дека изборите сами по себе не се решение. Ако по изборите не започне процес за вистински промени односно за вистинска имплементација на она што ни го напиша Прибе, гниењето на државата и општеството ќе продолжи. Затоа јас лично не верувам во  партиските лидери кој ни ветуваат дека од 12 декември ќе живееме подобро. Барем јас лично ќе поверувам и ќе го дадам мојот глас на оној кој ќе ми рече дека по 11 декември, победникот ама и сите нас не чека многу работа многу пот па ако саката и солзи и тоа во еден период од минимум година до година и половина за да можеме да се вратиме на патот на нормална држава и нормално општество. Па дури потоа можеме да зборуваме и да работиме за одење напред во сите сфери, од демократијата па до економијата. Ама не верувам дека во оваа наша гнила атмосфера ќе се најде јунак кој ќе ја каже вистината. За жал ние изгледа како граѓани сакаме нашите лидери да не лажат. Е па почитувани Маршалот одамна го нема, а како што пее Тијана „друже Стари ови лажу али ти си нас лагао најбоље…“

Тодор Пендаров

 

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com