ИЗБОРИ – ИЛИ УШТЕ ЕДНА ПОЛИТИЧКА ФАРСА

Како што сега стојат работите, во идниот парламент ќе немаме вистински силна опозиција, а ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ пак ќе бидат убедливи победници

Кога господинот Ахмети пред речиси два месеци јавно изјави дека актуелниот претседател Иванов не е лош човек, ама ништо корисно не направил за државата, па затоа тие нема да го поддржат за втор мандат и бараат да имаат консензуален кандидат, тогаш во колумна поставив две тези, односно тврдења. Прво, дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оди со Иванов на претседателските избори, бидејќи во спротивно ќе треба да признае дека Иванов навистина ништо не направил во својот петгодишен мандат. Втората теза беше дека оваа толку јавно истакната „разлика“ меѓу коалициските партнери, кои веќе шест години така успешно владеат ќе биде повод за предвремени парламентарни избори.
ДУИ во средата најави дека тие во Собранието ќе предложат гласање за предвремени парламентарни избори ако утре на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ се потврди актуелниот претседател Иванов за кандидат на партијата. А во исто време најави и дека ќе ги повикаат своите гласачи да ги бојкотираат претседателските избори. Во суштина, станува збор за една типична наша фолклорна политичка фарса, која спин-докторите, пред се’, на ВМРО-ДПМНЕ, ама и на ДУИ, многу добро ја пласираат исклучиво во корист на елитите на двете партии визави нивното членство, симпатизери и секако потенцијални гласачи.

Како и да е, ние сме единствена држава во која претседател се избира на непосредни избори, ама еве еден месец пред да почне кампањата не се знае кој ќе биде кандидат (формално Иванов утре треба да биде потврден). Замислете, да биде целата работа уште побизарна, некоја политичка аутсајдерка, па макар тоа била и директорка на клиника, без да го праша Иванов повела иницијатива за собирање потписи за поддршка за втор мандат. И лавината на поддршка за Иванов тргна, од познати лекари уметници, интелектуалци, спортисти, владици, па до градоначалници и министри. Вакво нешто е можно само кај нас, иако ВМРО-ДПМНЕ сето ова го прикажува како голема демократизација во партијата. Навистина се прашувам кој е луд а кој е збунет во оваа фарса.

Во сето ова ми е малку нејасна улогата на професорот Кекеновски, кој прв во рамките на ВМРО-ДПМНЕ ја најави својата кандидатура за претседателски кандидат. Или Кекеновски е наивен и верува дека без амин на партискиот врв може да очекува на конвенцијата да добие поддршка или пак ја прифатил улогата да биде статист во „демократскиот“ избор на Иванов како кандидат на партијата. Нешто слично како што пред пет години беше кога Иванов прв пат ја доби партиската поддршка, но тогаш имаше друг статист.

Исто така нејасен ми беше протестот на лидерот на ГРОМ, откако беше објавено дека Иванов ја прифаќа иницијативата да се кандидира за втор мандат. Лидерот на ГРОМ Јакимовски сега го повикува Иванов и тој да собере десет илјади потписи ако сака да биде претседателски кандидат, како што ГРОМ без „ничија помош“ за 48 часа собра за својот кандидат. Навистина Јакимовски заборава дека на Иванов или на кој било друг кандидат на ВМРО-ДПМНЕ не му требаат 10 илјади потписи на граѓани туку потписи на 30 пратеници. Како што стојат работите, и кандидатот на СДСМ кој ќе го дознаеме идната недела ќе оди со поддршка на 30 пратениците од опозицијата. Што се однесува до кандидатурата на професорката Ванковска, по се’ изгледа тешко ќе може „без ничија“ помош да ги собере потребните десет илјади потписи, што јасно го покажува на кое ниво е нашата политичка култура, односно колку кај нас е развиена онаа вистинска граѓанска свест.

До крајот на идната недела не само што ќе ги знаеме сите претседателски кандидати, туку веројатно ќе знаеме и кога ќе имаме уште едни, трети по ред, предвремени парламентарни избори. Едно веќе сега е сигурно. Ќе имаме жестока негативна кампања, а како што стојат работите, овој пат вистинска битка ќе се води виртуелно, на социјалните мрежи. Е, ајде сега некој да ја критикува владината политика компјутер за секое дете! Барем според тоа како јас ги гледам работите, изборите (претседателски и парламентарни) нема да донесат некои поголеми промени на политичката сцена. Иванов сигурно влегува во вториот круг и тоа со најмногу гласови. Дури лично верувам дека на 27 април, кога се одржува вториот круг, тој ќе биде легитимен, односно ќе има одѕив од 40 проценти од избирачкото тело. Посебно ако вториот круг на претседателски се поклопи со парламентарните избори.

Што се однесува до резултатот од парламентарните избори, исто така, нема да има некои поголеми промени, ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе има најмногу гласови и пратенички места. Останува да видиме само како ќе поминат новите политички партии Алијансата за позитивна Македонија и ГРОМ. Во албанскиот блок не верувам дека ќе има некои значајни промени. И тука се отвора една многу нејасна дилема. ДУИ во средата најави дека е потребна нова платформа за соработка помеѓу македонскиот и албанскиот политички блок. Во кој правец ќе оди таа нова платформа засега тешко можеме да претпоставиме, ама од она што во средата го кажа портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, тој нов договор би одел кон некаков вид на консензуална демократија. Без да ја негирам легитимноста на овие размислувања, или ако сакате, идни предлози на ДУИ, останува дилемата дали веќе во септември не’ чекаат уставни промени и до каде ќе одат тие.

Некој ќе рече – а каде е сегашната опозиција. За жал, како што сега стојат работите, не верувам дека во идниот парламент ќе имаме вистински силна опозиција. Интересно, дури и оние самонаречени новинари-демократи во нивните „независни“ медиуми, со своите веќе одамна отапени острилки, пишуваат како изборите ќе бидат уште еден фалсификат на актуелната влада, ама тие тоа нема да го дозволат! Не знам дали во изборниот штаб на опозицијата има некој кој малку посериозно се разбира што е тоа политички маркетинг или грубо речено политичка пропаганда. Ваквите написи на „демокративе“ и’ штетат на самата опозиција, бидејќи уште пред самиот почеток на изборната кампања ја ставаат опозицијата во положба на поразена страна. Од друга страна, опозиција со „откривањето“ станови и друг „случајно заборавен имот“ на високи претставници на власта, освен што продуцира добро четиво во весниците или гледан прилог на телевизиите, не верувам дека ќе привлече гласачи. И каде сме ние граѓаните во целата оваа политичка фарса. Е па сега имаме шанса барем да направиме два чекора напред и оваа политичка фарса да почнеме да ја заменуваме со вистинска демократска граѓанска опција. Или, можеби, и јас сум наивен и збунет.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com