Избори за Македонија, или за нејзиниот крај

 

И така протестите За заедничка Македонија и нивните „лидери“ се трансформираа во „Избори“ за Македонија! Не знам за други ама мене ваквата трансформации ниту малку не ме изненади, од проста причина бидејќи „нивната спонтаност“ на овие, како што беше онаа на „Шарените“ од минатата година, е креирана, финансирана и водена од комуникациските центри на одредени политички субјекти. Можеби поттикнати од фактот дека и „шарените“ бараа избори, а по 11 декември некои од лидерите станаа пратеници, сега овие од Заедничка Македонија или „црвено-жолти“, исто така бараат избори додека таканаречената „тиранска платформа“ веќе е надмината. Како и да е,  ние и како држава и како општество влегуваме во уште подлабока криза. Некои пак не убедуваат дека ова е финалето на кризата и дека новото парламентарно мнозинство на чело со СДСМ и двоецот Заев-Шекеринска, како што самите велат „во еден разумен рок“ ќе направеле влада и работите ќе тргнат (само е прашање во кој правец). Не знам дали приметувате дека по онаа историска констатација на павлихата Иванов „разумен компромис и разумен компромис“ еве сега во нашата фолклорна политичка култура влезе и фразата „во еден разумен рок“. И додека го чекаме тој „разумен рок“ секако ќе му престои „разумен компромис“ ние убедливо тонеме. Фактот дека според последните истражувања 39 проценти од населението трајно би се иселило од државата, понатаму ако 61 проценти од младите од 15 до 24 години трајно би се иселиле мислам дека е најдобар показател каква ни е состојбата во државата и општеството. И уште еден многу индикативен и загрижувачки податок, 15 проценти изјавуваат дека би се иселиле од политички причини. Од друга страна сеуште актуелниот „газда“ во државата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ повикува граѓаните да бидат будни и да бидат подготвени да ја бранат сувереноста и унитарноста на државата! Во истовреме во „неговиот“ центар за комуникации на овие тенденции за иселување најдоа исто така „историско објаснување“, дека  се должат на фактот дека со визната либерализација сега лесно се оди во странство и затоа ете нашите граѓани се иселуваат. Само една паралела. Словенечките граѓани од осамостојувањето (1991 год.) имаат целосна визна либерализација како за цела Европа така и за САД, но никогаш немале вакви миграциски текови. Е па сега да побараме Европа пак да ни воведе визи?!Ама да се вратиме на политичката криза. Ајде да се потсетиме, се започна со бомбите. И тогаш Заев не убедуваше дека Груевски многу брзо ќе си замине од политичката сцена. На бомбите одамна заборавивме а Груевски и „фамилијата“ и понатаму владеат. Криминалите на ВМРО-ДПМНЕ кој ги најавуваше Заев како да ги заборавивме ама спин докторите на „фамилијата“ успеа да создадат перцепција за „аболицираниот криминалец Заев“. За неговото национално предавство договорено со нарко-мафијата (читај Албанците) да ја направи Македонија двонационална и да ја федерализира. Навистина се прашувам дали Заев и неговиот тим наивно веруваа дека Груевски и „фамилијата“ лесно ќе се откажат од власта, и од сето тоа што власта им го донесе??. И што сега Заев навистина има формално има коалициско мнозинство од 67 пратеници. Но од она што го гледаме во Собранието изгледа тоа е само на хартија. Имено ДУИ поточно Ахмети кој од 11 декември лани па до денес изгледа најмногу се бави со „анализи“ продолжува да седи како што вели народот „на две столици“. Неговата последна изјава дека ДУИ со давањето на потписи за Заев сториле се и дека сега излезот на кризата го гледа кај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ па затоа ги охрабрува да седнат и да преговараат и најдат секако „разумен компромис“ најблаго речено е политички некоректна. Имено коалицијата, ако е таа искрена налага барем минимум одговорност за состојбите и не завршува само со давање потписи. Патем не го слушнавме Ахмети да каже што се договарал со Груевски што усогласиле а што не. Вака останува изјавата на Иванов дека се било договорено ама некој се јавил и ете Ахмети со тешко срце морал да се повлече. Дали оваа изјава на павлихата Иванов значи дека Ахмети прифатил да не се продолжува мандатот на СЈО? И веќе кога го споменавме пак да прашам. Дали до крајот на нивниот мандата врз основа на материјалите со кои располагаат ќе успеат да најдат барем еден случај во кој се замешани претставници на ДУИ. Во меѓувреме секако случајно и спонтано, над Скопје лета дрон со знаме на Голема Албанија, Еди Рама одвреме навреме дава изјави исто така посредно во корист на таа идеја, па дури и Брисел го опомена дека не е време за вакви изјави кои негативно се рефлектираат врз стабилноста на регионот. Тука секако се и најновите изјави на градоначалникот на Дебар, демек срцата на граѓаните на овој град бијат за Тирана. Не треба голема мудрост и анализирање па да се сфати дека сето ова ниту малку не одговара на Заев и демек коалицијата со албанските партии туку пред сѐ на Груевски и фамилијата. Само видете го соопштението на ВМРО-ДПМНЕ околу овие настани. Во суштина колку состојбите и работите одат надолу тоа ВМРО-ДПМНЕ преку своите спин доктори успешно си го книжи на свое конто. И така повторно сега почнува да се свири на националистичките ноти. Ама бидејќи овде на западен Балкан живеат таканаречени неисториски народи кои ништо не научиле од својата сопствена историја многу лесно нашите политички елити токму со тие националистички ноти обезбедуваат за себе власт. А власта носи пред сѐ бенефити би рекол еден наш бивш премиер кои денеска е богат колку еден просечен македонски тајкун (негови зборови исто така). Е па сега да не нѐ чуди дека над 60 проценти од младите луѓе сакаат карта за заминување во еден правец. А ние кои остануваме тука, е па ние изгледа се навикнавме да си бидеме овци, а овците се стрижат нели!

Тодор Пендаров

п.с браво за гевгеличани за висока еколошка свест и одговорност за својата животна средина. Мисли глобално делувај локално е светското мото на екологистите.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com