ЗЛАТНА РИПКА

И така во нашата балканска фолклорна политиканска култура ете добивме и нов термин поточна фраза „златната рипка“ Имено претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и неформален премиер Никола Груевски во интервју за белградска Политика вели дека СЈО и Катица Јанева со својот тим се „златната рипка“ на Заев и работаат според неговите барања и му ги исполнуваат сите желби!? Ако е тоа така, односно ако ја следиме оваа логика само по себе се наметнува прашањето а која е „златната рипка“ на Груевски и „фамилијата“? Одговорот е многу лесен и едноставен. Државата, која е во целост ставена во функција на партијата односно на политичкото водство познато како „фамилија“. Ај да ги оставиме настрана незаконските, лепени и монтирани материјали од прислушувањето познати како „бомби на Заев“ туку да се потсетиме некој многу „транспарентни“ настани. На пример онаа позната навика на Груевски како премиер да шета по внатрешноста од државата претежно во руралните средини и кога некој од граѓаните ќе се пожали за нешто, Груевски го дига телефонот му ѕвони на надлежниот министер и види богати проблемот е решен!! Во секоја нормална држава за вакво нешто премиерот прво треба да испита зошто таков проблем досега не бил решен, кој бил одговорен, а ако одговорноста објективно е кај надлежниот министер да му се заблагодари за неговото учество во владиниот кабинет. Вака испаѓа дека и министрите и државните институции ги исполнуваат „желбите на премиерот“. Понатаму ајде ја погледаме најновата „акција“ на финансиската полиција во општина Струмица, демек бара докази за кривично дело на градоначалникот Зоран Заев би рекол скоро идентично на кривичното дело за кое е осомничен градоначалникот на Битола Талевски и за кое тпј во куќен притвор. Имено според соопштението на финансиската полиција целата оваа акција е направена по таканаречен „допрен глас“??? Е ајде да го видиме допрениот глас. Пратеник од власта излегува на прес конференција и вели дека има докази дека Заев за транспорт на ученици во Струмица плаќал повеќе отколку Талевски во Битола!?? И ете допрениот глас дојде до финансиската полиција. И акцијата почнува, се обезбедува судски налог и почнува процедурата легално и легитимно. Точно, се е легално и легитимно, ама навистина се прашувам зарем нема премногу коинциденција со случајот „Транспортер“ на СЈО и оваа најнова акција на финансиската полиција. Навистина човек се прашува што во советот на општина Струмица правела досега опизицијата (читај ВМРО-ДПМНЕ) зошто не побарале или не повикале досега финансиска полиција или друга институција да гипроконтролира јавните набавки во општината. Во суштина станува збор за уште една голема фарса на златната рипка на владејачката структура. Од друга страна на пример многу „засипнавме“викајќи, пишувајќи околу корупцијата на Телеком за што мајката фирма Дојче Телеком пред судот во Њујорк си плати и дебела казна бидејки нивната фирма ќерка подмитувала високи државни функционери во Македонија и Црна Гора. Ама никако овој глас да допре до Јавното обвинителство, ниту до финансиската полиција кои би требала да реагираат на овој многу силен и ама заради некоја „златна рипка стана не-допрен глас“. Но да се вратиме на господинот Заев. Патем да не биде прогласен за уште една навистина безначајна златна рипка на лидерот на СДСМ само да потсетам дека кога тој беше за прв пат аболициран во случајот „Глобал“ од страна на тогашниот претседател Бранко Црвенковски напишав дека со ова прво се руши она што се вика правна држава и владеење на правото односно се руши принципот еднаквоста на граѓаните пред законите. Ако не се лажам ова се случи пред околу 8 години. Што се однесува до улогата на господин Зоран Заев во сегашната криза која во суштина се влече од последните вонредни парламентарни избори, човекот покажа лична храброст, бидејки без ниедна „златна рипка“ тргна во објавувањето на така наречените бомби односно материјали од незаконското прислушување. Ефектот е познат се сруши митот на недопирливоста на фамилијата и стравот од неа. Понатаму со целосен ангажман на меѓународната заедница ги добивме забелешките на Прибе и договорот од Пржино кој потоа требаше да се преточи во закони и секако нивна имплементација се со цел од една страна да се расчисти правно сомнежите кои произлегуваат од бомбите  и секако да се создадат услови за фер и кредибилни избори кои ќе бидат прифатени како од домашните политички субјекти така и меѓународната заедница. Секако најголем ефект од сето ова барем во јавноста имаше и се  уште има формирањето на СЈО на чело со Катица Јанева. Институција од која сите очекуваме најблаго речено да ја реши политичката и правната криза во сите нејзини сегменти. Очекувања кои се не реални и кој во суштина ја отсликуваат состојбата во општеството но и на опозициските политички субјекти. И ако „фамилијата“ пред една година беше солидно „раздрмана“ сега се има впечаток дека се стабилизира. Во суштина „златната рипка на фамилијата“ преку државата и државните институции доста успешно го блокира работењето на СЈО со низа мерки и потези од кои најспектакуларна беше аболицијата што ја направи Иванов. Во истовреме Груевски како партиски шеф потпомогнат од „претседникот“ кој еднаш аболицира за да ја спаси државата а потоа ја повлекува аболицијата пак да ја спаси државата, во своите јавни настапи како дома така и на меѓународна сцена релативно успешно ја наметнаа тезата дека СЈО на чело со Катица Јанева е „златна рипка“ на Заев која му ги исполнува сите желби. Секако тука голема улога имаат медиумите кои се под директна контрола на владејачката структура. До каде е стигната работата односно  колку се осоколи власта покажува вчерашните случувања на УКИМ односно изборот на претседател студентскиот парламент.  Ваквото однесување на „фамилијата“ ме потсетува на настаните во Италија на почетокот на деведесетите години од минатиот век. Тогаш истражниот судија Антонио Ди Петро (Antonie di Petro) во Милано ја започна операцијата „ManiPulite“ (Чисти раце) која беше усмерЕна на корупцијата кај нависокоите претставници на тогашната Италијанска влада на чело со социјалистот Бенито Кракси. Но парите не познаваат идеологија. Тој тогаш го обвини истражниот судија Ди Петро дека е селективен дека ја гони само власта а не опозицијата посебно комунистите на Италија кои демек биле финансирани од тогашна Москва. Но миланскиот истражен судија не потклекна и кога Кракси беше осомничен дека од Берлускони (кои во тоа време беше само телевизиски магнат) примил околу сто милиони фунти мито за да го заштити медиумите на Берлускони, Кракси си даде оставка и побегна во Тунис во својата раскошна вила на морскиот брег каде што го заврши животот во 2000 година болен од дијабетис.  Истражниот судија Антонио Ди Петро, Јавниот обвинител од Палермо, Ѓовани Фалконе(Giovani Falkone) судијата Паоло Борселино (Paolo Borsellino) ќе останат запаметени како луѓе кои први во Италија успеаа да ја разбијат поврзаноста и корупцијата помеѓу мафијата и политичките структури на власта. За жал обвинителот Фалконе и судијата Борселино подоцна беа ликвидирани од страна на италијанската мафија. Сепак од тогаш па до денес во Италија се случија многу судски процеси против врвни италијански политичари како и најпознати членови на мафијата обвинети за корупција и други криминални дела. Ама многу од вас ќе речат ние не сме Италија. Во право сте, посебно поаѓајќи од фактот дека нашата опозиција поточно двоецот Заев-Шекеринска навистина немаат капацитет да создадат услови за „развластување“, а со тоа и заминување на „фамилијата“ од политичката сцена. Односно остануваат на ниво не перманентни апологети. Зарем последната одлука на опозицијата да го „замрзне“ своето делување во парламентот, и тоа кога се расправа за ребаланс на буџетот за нови задолжувања и ред други битни работи на ја покажува дека СДСМ поточно водството е изгубено во времето и просторот. Дали ти промени ќе ги направат водството на  Шарената револуција, Студентскиот пленум односно невладиниот сектор, барем јас од ден на ден се помалку сум убеден дека тоа ќе се случи. По се изгледа сега повторно очекуваме странците да ни ги решаваат работите. Во среда (6 јули) доаѓа посебниот германски пратеник Јоханес Хајндл. На 11-ти доаѓа од Вашингтон заменикот државен секретар ВикторијаНулан. Ама сепак дали ќе започнат вистински промени во најголема мера зависи од нас сите. Звучи како уште една апологетска флоскула? Можеби но ова е време кога не ни требаат големи ликови во улога на патер фамилијас кој со еден телефонски повик ни ги решава проблемите. Не ни е потребен некој нов месија кој ќе не поведе на патот кон демократијата и ќе не спаси од злото. Во овие навистина сериозни времиња и тешки искушенија потребни сме сите ние како граѓани како поединци со чувство за одговорност за сегашноста но и за иднината.

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com