ЗДОДЕВНИ КАМПАЊИ

Некои од „патриотите“ го прогласија Пендаровски за предавник бидејќи на некој митинг прозборел две-три реченици на албански јазик, иако премиерот тоа го правеше повеќе пати досега

Идниот петок на полноќ почнува предизборниот молк пред првиот круг на претседателските избори. Досега се покажа дека кампањата за претседателските избори е класична партиска предизборна кампања. ВМРО-ДПМНЕ, како и пред пет години така и сега ја води целокупната кампања на Иванов. СДСМ воведе некоја новост, па така нивниот кандидат Стево Пендаровски патува сам низ Македонија и така ако е тој, на пример, во источниот дел од државата, двоецот Заев – Шекеринска некаде во западниот дел им кажуваат на граѓаните како на Пендаровски не му треба тутор и како СДСМ е вистинското решение. Демек, сето ова им го советувале експерти од САД. Не знам само дали „Америте“ им ги кроеле и партиските листи на кои ги нема токму првите луѓе на СДСМ.

Посебна приказна е ДУИ. Замислете, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, организира митинзи на кои објаснува зошто ДУИ е за консензуален кандидат и бидејќи тоа не му успеа во владината коалиција сега го убедува електоратот дека треба претседателските избори да се бојкотираат. Ако ова не е чиста како солза партиска кампања, тогаш не знам што друго би било. Но, кај нас се’ поминува. ГРОМ како партија со свој кандидат за претседателските избори можеби не е толку агресивна, како што е ВМРО-ДПМНЕ ама и ДУИ, но сепак е јасно дека за нив првиот круг од претседателските избори е само многу сигурна анкета како стојат пред парламентарните избори, и тоа како на ниво на држава така и на ниво на секоја изборна единица. Ова е посебно важно бидејќи овој пат анкети нема, барем не во јавноста.

ДПА навистина има свој кандидат за претседателските избори, Илјаз Халими, ама случувањата во партијата со исклучувањето на градоначалникот на Струга и воопшто на струшкиот разгранок ДПА си даде автогол уште пред формално да почне кампањата за парламентарните избори. Пред 5 години на претседателските избори три албански партии имаа свои кандидати. Тогаш сите тројца кандидати добија 280 илјади гласови (сетете се, Имер Селмани самиот освои 147 илјади гласови). Во вториот круг тогаш влезе Фрчкоски со 230 илјади гласови. И тогаш, а и сега суетата на лидерите на албанските партии, па ако сакате и нивната лична нетрпеливост, создаваат стопроцентни услови во вториот круг да влезат само претставници на македонските партии. Знам дека за ваквите ставови патриотите ќе ме прогласат за „предавник“ на македонската кауза, како што веќе некои од овие патриоти (во суштина политички идиоти) го прогласија Пендаровски за предавник, бидејќи на некој митинг прозборел две-три реченици на албански јазик. Само да ги потсетам дека кога се отвораше новиот мост во Сарај премиерот исто така „искрши јазик“ и прозборе на албански (што мислам дека не е ништо лошо, напротив). Да не бидам погрешно разбран дека заземам страна, односно преземам улога на некаков цензор и го задушувам правото на слободата на изразувањето. Лично не ми пречи критика до програмата на Пендаровски или воопшто како ја води кампањата. Дури не ми пречат ниту неаргументирани, односно политикантски критики. Ама многу ми пречат моронски критики, кои се темелат врз стереотипи и предрасуди и кои, за жал, можат да се разберат и како говор на омраза. Ама кај нас и ова поминува… Пардон, грешка. Онаа, другата страна на паричката, „демократите“ сега заедно со Хелсиншки и околу дваесетина „волонтери“ ќе ги следат партиските кампањи и медиумите и ќе предупредуваат кога ќе се користи јазикот на омраза. Во овој нов „проект“ е вклучен и новиот Совет за етика, тело кое ќе ги саморегулира новинарите, откако Судот на честа тоа не успеа. И така проект до проект, секако финансиран од надвор, нашиве даваат пари само за патриотите. Со тоа нашиот НГО-сектор феноменално се вклопува и помага во целокупната слика и реалност која странциве ја ставиле под заеднички именител Западен Балкан.

Што се однесува до странските набљудувачи тие можат слободно да си направат копи пејст од последните парламентарни избори. Па затоа не изненадува кога шефот на мисијата на ОБСЕ-ОДИХР вели дека ДИК во некои примери реагирала политички (читај по инструкции на партиите), а не според законот. Според ОБСЕ-ОДИХР сите претседателски кандидати порано ја почнале кампањата, ама вакво нешто ДИК не забележал. Инаку, од набљудувачите добивме и нов совет за избирачкиот список: „Потребен ви е попис на населението ако сакате да имате пречистен избирачки список“. Браво, ама ние ниту попис не можеме да направиме. Бидејќи реално и тие не успеаја да го пречистат избирачкиот список сега се трудот барем да организираат некоја ТВ-дебата. И повторно се главни во ова „Америте“, односно НДИ (национален демократски институт). Во секоја нормална европска држава тоа е задача на јавниот сервис и само политички самоубијци не би прифатиле такви јавни дебати и соочувања. Ете уште една „ситна коцкичка“ од нашиот мозаик наречен Западен Балкан.

п.с. За разлика од почитуваниот колега Љупчо Поповски, јас, сепак, мислам дека кампањата е здодевна. Ама токму во тоа е и големината на „Утрински“, во таа широка и различна лепеза на мислења во кои нема говор на омраза и нема предрасуди.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com